Вечерва во Градскиот парк почнува “Синедејс 2020“ со проекција на македонскиот филм “Стела“

859

Македонскиот филм „Стела“ во режија на Стојан Вујичиќ,вечерва  ќе го отвори Синедејс 2020, со почеток во 20:30 во Градскиот Парк.

Премиери на македонски филмови ќе има на отворањето и на затворањето на 19. Фестивал на европски филм Синедејс, кој под слоганот „Филм на секое платно“ од 18 до 24 септември ќе се одржува на девет локации низ Скопје: Градски парк, Паркот на Младинскиот културен центар (МКЦ), Парк Ибни Пајко, Кино Влае, Парк Кисела Вода, Кино Напредок, Кино Маџари, Дом на градежници „Кочо Рацин“ и кровот на Градскиот трговски центар (ГТЦ).

Со македонската премиера на филмот „Хомо“ на Игор Иванов Изи, која ќе се одржи на 24.09.2020 со почеток во 20:00 часот на локација кровот на ГТЦ,ќе биде затворен годинешниот фестивал.

Ќе се прикажат 40 филмови во Официјална селекција, Гала програма, Музички документарци, МК во ЕУ, МК премиери, СЕЕ програма, ФДУ ретро, Детска програма, музичка селекција од концерти во специјалната програма на фестивалот – синЕмјзуик во селекција на Бернд Будер.

„Годинава за првпат имаме поп-ап кино, кое ќе ги оживее најавените локации. Секое време носи свои навики и начин на социјализација, од маалски игри, телевизор во двор кај комшиите, фудбал на мали голчиња, комодоре 64, до лаптоп и мобилен екран за секое дете. Во целиот овој технолошки напредок и промена на начинот на комуникација, едно е сосема сигурно, Скопје било и ќе биде едно големо кино. Локациската ‘реставрација’ на местата каде што во минатото постоеле киносали и проекцијата на филмови на овие позиции, ќе се обиде да даде омаж на културата на еден град“- е најавата на годинешниот Синедејс од  Филип Николовски, директор на програма на МКЦ.

За затворање на фестивалот ќе настапи ЗЏМ Колективот, во придружба на гудачки оркестар, кој е составен од музичари на Националната опера и балет и од Симфонискиот оркестар на Филхармонија, под диригентство на Џијан Емин.

Билетите за овогодишното издание ќе бидат по 100 денари, за  сите филмови, освен за филмовите од поп-ап кино каде се бесплатни.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.