Весна и Власта- уметнички перформанс за затворање на АКТО 18

35

Перформансот ВЕСНА и ВЛАСТА, кон достоинството (на стареењето) на уметниците Власта Делимар и Весна Стилиновиќ, како дел од програмата на фестивалот АКТО 18 ќе биде на 16 декември (сабота), на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности, со почеток во 19 часот.
Весна Стилиновиќ и Власта Делимар замислија заедничка претстава во која низ елементарен ерос ги поврзуваат нивните сличности, но и разлики. Но, тие преку ова пријателство не сакаат да бидат едно, тие сакаат да бидат две. Весна има 78 години, а Власта 67. Весна е актерка, додека Власта е изведувачка. Весна и Власта одлучија нивното стареење да биде успешно, активно и здраво стареење, бидејќи старењеето не значи пропаѓање, туку зголемување на сопствениот потенцијал. Затоа, да се старее значи да се расте.
Современата геронтологија на различни начини се обидува да ја подигне свеста за стигмата на општеството кон стареењето и старите личности и ни нуди различни можности за подобрување на начините на живот. Фотографиите на Весна Стилиновиќ се приказ на трансформацијата низ која таа во својата актерска кариера често станувала некој друг. Меѓутоа, нејзиниот нов простор на нова егзистенција ѝ „подарил“ нов простор за слобода што некако ја довел во примарната форма на духот, во исконскиот живот што го придвижува нејзиното битие при најмало навестување на движење.
Исконскиот живот ја сака темнината, а примарното својство на генијалниот живот е упорната еластичност што Весна успева да ја задржи во последната трансформација.
Фото- видео материјлите на Власта Делимар како место за сеќавањата и сопствената митологија на секојдневието низ неизбежностите на егзистенцијата, како што се сексуалноста и еротиката, се пат до врвот на спознавањето и достоинственото стареење. Бидејќи не смееме да го заборавиме правото на оргазам и над 60 години.
Инаку, изведбениот проект е резултат на пријателството и соработката на две уметници – Весна Стилиновиќ и Власта Делимар. Весна и Власта го избираат стареењето како тема на нивната соработка. Како и многу други природни, неизбежни биолошки факти, оваа животна возраст е социјално и економски стигматизирана и маргинализирана. Културата на младоста, брзината и напредокот тешко ја прифаќа неизбежноста на промените и ја отфрла природноста на животните циклуси. Овие жени, уметници, се среќаваат и се соочуваат со стареењето од лична перспектива, доведувајќи го во прашање сопствениот живот, работа, но и емоционалните и психолошките позиции во кои моментално се наоѓаат. На овој начин, оваа претстава станува документ за времето, моментот, личноста и стигмата, но и извртување на парадигмата што го дефинира стареењето како нешто непожелно – со својата неумоливост – скандалозно, срамно, означувајќи го самиот факт на постоењето со тешко- сварливата болка што ја наследуваме со доаѓањето во светот. Несовршеноста, несоодветноста на животот, тиранијата на телото што нѐ прави само една етапа во времето и просторот, секогаш во потрага по подобри, потрајни и посвети модалитети на измисленото јас.
Настанот е поддржан од Министерство за култура на Република Северна Македонија, Министерството за култура на Република Хрватска, Факултет за работи што не се учат (ФРУ), Факултет за драмски уметности (ФДУ) – Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.