Меѓународна конференција по повод 40 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност

97

По повод јубилејот 40 години од основањето на Катедрата за општа и компаративна книжевност на 15 и 16 октомври 2021 година ќе се одржи Меѓународна научната конференција „Предизвиците на компаративната книжевност во 21 век“.
Основана во учебната 1980/1981 година, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на оваа Катедра изминатите четири децении дипломирале еминентни научници, професори, книжевни, филмски и театарски критичари, издавачи, уредници, новинари, културни дејци, како и некои од носечките имиња на современата македонска литературна сцена.
Катедрата за општа и компаративната книжевност како предмет на изучување го има широкото поле на традиционалните и современите теоретски пристапи кон книжевноста и другите уметности, како и компаративно – историското изучување на македонската книжевност во врска со сите европски и други книжевности и култури. Тоа значи дека Катедрата остварува врвни наставни и истражувачки активности во кои студиите реализирани преку компарирањето како дисциплина, колку што го нагласуваат односот меѓу националната книжевност и другите книжевности, толку ги истражуваат одговорите на прашањата за поврзаноста на книжевноста со сите други уметности, театарот, сликарството, филмот, фотографијата, како и современите дигитални технологии.
На научната конференција ќе бидат изложени четириесетина реферати посветени на развојот на македонската книжевна компаративна наука, на творештвото на Блаже Конески низ компаративни визури, како и на клучните актуелни предизвици на оваа книжевно-научна дисциплина денес.
Конференцијата се одржува во рамките на програмата на свечености на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, во која годинава се одбележува јубилејот 100 години од раѓањето на патронот и 75 години од основањето на Факултетот.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.