ЗАДОЛЖИТЕЛНО: “Секое дете со својата автентичност”

34

26 април, 2023 година

Во организација на ОО Црвен крст- Гевгелија, вчера, во Народниот театар- Гевгелија со јавна трибина беше означен  почетокот и презентиран проектот: „Секое дете со својата автентичност“, кој OО Црвен крст- Гевгелија со поддршка на Општина Гевгелија ќе го имплементира на подрачјата во негова надлежност. На настанот присустуваа: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; пратеници од Гевгелија во Собранието на Република Македонија, членови на Советот на
Општина Гевгелија, претставници на невладиниот сектор, родители и деца. Настанот беше отворен од страна на Лазар Мешков,
секретар на ОО Црвен крст- Гевгелија, кој зборуваше за идејата и овој проект да биде реализиран во корист на родителите, чии
деца се во фаза на раниот развој, поттикнат од организацијата и стручните специјални едукатори и рехабилитатори се со цел да се
покрене свеста за родителското активно учество во развојот на детето, имајќи ја предвид автентичноста на детето и околностите
кои произлегуваат од современото живеење.
– Во изминатиот период, Црвен крст Гевгелија, како општествено-одговорна хуманитарна организација со долгогодишна работа, ги стави на располагање своите материјални и човечки ресурси и во консулатации со тим од стручни лица од нашата општина, заеднички успеавме да изработиме проектно решение – локална сервисна услуга „Секое дете со својата автентичност“. Не постоеше никаква дилема,
поттикнати од фактот „Кога, ако не сега“, идејното решение го презентиравме пред градоначалникот на општината, кој како татко
на градот, а пред се родител, даде целосна поддршка на ваквата идеја, а официјализирана поддршка добивме и од советниците во
Советот на Општина Гевгелија. Денес, сме заеднички тука со обединети посточеки капацитети, вештини и знаења пред Вас,
граѓаните да Ви ги претставиме темелите и целите на оваа сервисна услуга, планот за реализација и можностите за Ваше  учество.
За среќа или за жал, живееме во едно динамично време, постојано оптоварени со обврски, состаноци, работа и слично
поотфрламе како родители, занемарувајќи ги потребите и проблемите на децата, рече Мешков, истакнувајќи личен пример
од неговото родителство.
Од страна на ангажираните 5 стручни лица- специјални едукатори и рехабилитатори беа презентирани активностите кои ги опфаќа проектот, 8 работилници во период од 4 месеца,
креирани врз досегашното професионално работно искуство и тоа во областа на дефектологијата, логопедијата и психологијата.
РОДИТЕЛОТ Е НАЈВАЖНАТА ФИГУРА ВО ЖИВОТОТ НА ДЕТЕТО
– Ги креиравме работилниците и ги наменивме за родителите затоа што сметаме дека на родителите им е потребна поинтезивирана поддршка од стручни лица во прифаќање на
постоечките развојни проблеми и состојби, а со тоа и превенирање на посериозни последици. Сметаме дека младите родители имаат потреба од едукација за правилниот детски развој, како тој изгледа и тече, која е улогата на родителот во развојот на говорот, адекватниот родителски пример во развојот на играта, како и градење на животни вештини кај детето преку
личен пример. Наше сфаќање и тврдење е дека родителот е најважната фигура во животот на детето. Тој е модел на идентификација. Има најголемо влијание врз емоционалниот,
социјалниот, когнитивниот, моторниот и говорниот развој. Вашето дете ќе стане како вас, затоа бидете такви какви што сакаат да
бидат тие, истакна Ружица Икономова.
СЕКОЕ ДЕТЕ Е УНИКАТНО И ЕДИНСТВЕНО
За повеќето луѓе, станувањето родител е возбудлив период во животот. Но истовремено може да биде и застрашувачко и исцрпувачко.
Честопати, има ситуации во кои не знаеме како да изреагираме, се преиспитуваме дали во одредена ситуација сме постапиле правилно, се обвинуваме самите себеси и сето тоа е
нормално. Треба да разбереме дека како што децата учат нови работи и растат и ние во улогата како родители, исто така, имаме
потреба од учење и растење во родителството. Најчест модел на воспитувањето на нашите деца е моделот којшто нашите родители го применувале врз нас кога сме биле деца, но начинот на живот на нашите родители и баби и дедовци и животот кој денес ние го живееме како родители е сосема сменет. Во тој контекст, поранешните методи на воспитување ја губат
применливоста во денешно време. Ние како стручни лица ги креиравме овие работилници со главна цел да вие како родители станете свесни за огромната и најважната улога која ја имате врз развојот на вашите деца а работилниците во бидат една поддршка, една алатка за да бидете најдобра верзија на вас како родители,
истакна Мери Кузманова.
СОРАБОТКАТА НА РОДИТЕЛИТЕ СО СТРУЧНИТЕ ЛИЦА Е МНОГУ ВАЖНА
– Специјалниот едукатор и рехабилитатор е професија која се занимава со детекција и идентификација на развојните отстапувања кај децата, прави стимулација и поддршка за детето да достигне оптимален развој, врши корективни третмани во зависност од состојбата на детето, прави хабилитација и рехабилитација на вештините. За да се направи ова, специјалниот
едукатор мора да направи оптимализација и адаптација на средината за учење, да донесе уникатни модели на учење и подучување типични и автентични само за тоа дете, да користи методи на работа индивидуални и посебни за да се достигнат највисоките капацитети на детето. Не помалку важна е
соработката со родителите, поддршката во домашни услови, поддршката во совладување на наставните материјали, меѓусебната соработка со стручните лица од иста и сродна област како логопед, психолог, лекар, наставник и сл, истакна Елисавета Карастојанова.
ЕМОЦИОНАЛНИОТ РАЗВОЈ Е ОСНОВА ЗА
ФОРМИРАЊЕТО НА ОДНЕСУВАЊЕТО КАЈ ДЕЦАТА
– Ние, како стручни лица од нашата област, ќе се обидеме да ги воведеме родителите подлабоко во основите на детскиот развој и каде е родителската улога овде. Ќе позборуваме што
значи типичниот развој на детето, а што отстапување од истиот, кога е време за логопед и што му претходи на развојот на  говорот!? Дали се работи за развојна фаза и состојба што значат освојување на практичните вештини за развојот, кои се последиците од екраните, а кои бенефитите од учењето преку игра, игра во која се вклучени сите сетила кај детето, игра во која
детето се движи, игра во која се изразува автентичноста на детето. Се надеваме дека работилниците ќе бидат од големо значење за доедукација на сите родители без разлика дали
станува збор за родител на дете со типичен или нетипичен развој.
Ние ќе се потрудиме ова поминато време со нас стручните лица од оваа област да ве врати дома кај вашите деца со малку поинакво гледиште за своето дете. Со размена на меѓусебни
мислења и искуства, со нас и помеѓу вас родителите, факти за развојот и реалното време во кое живееме, ќе дојдеме до заедничко решение за тоа што треба да му дадеме на детето, колку и како (на кој начин да биде изведена стимулацијата), истакна Мери Ангелова.
 НОВОТО „НОРМАЛНО“ ОТУЃУВА
– Децата во денешницата уште од најрана возраст поспретно ракуваат со телефоните и таблетите од возрасните, играат видеоигри, пребаруваат содржини кои воопшто не ги
разбираат и како предвреме да сакаат да пораснат. Игрите на компјутер, за разлика од игрите на улица, како што се плочка,
народна, џамија, ластик и слични не ја развиваат моториката кај  децата, рамнотежата, движењата, не го развиваат вниманието,
мислењето, концентрацијата.
Седењето на таблет не создава пријателства, чувство на припадност, туку, напротив, оттуѓува. До неодамна, читањето или раскажувањето на приказни од постарите, разните имитации,
преправања и измислување игри и сопствени светови беа еден  вид на „нормалнo“. Денес, тоа „нормално“ се електронските уреди.
Ефектите на технологијата на однесувањето на децата, способноста да учат и да се надоградуваат, како и да ги градат и да ги одржуваат личните и семејните односи, може да е отежнато. Тоа става дополнителен товар и обврска врз општеството, особено, на родителите, а по нив и на наставниците и терапевтите од мултидисциплинарниот тим кои се занимаваат со оваа проблематика- да бидат едуцирани и свесни за да можат да ги
согледаат опасностите од изложеноста на телефоните, таблетите и други уреди и да ги заштитат децата, истакна Анета Карапеева.
Покрај излагањата на стручните соработници, лични искуства и колку е важна соработката со специјалните едукатори и рехабилитатори, споделија и родители од општина Гевгелија на
деца со нетипичен развој, се со цел да се стимулираат родителите и да се приклучат на овие работилници кои се од огромно значење, како за нив, така и за нивните деца.
Родителите кои сакаат да бидат дел од овие работилници, можат да го изразат својот интерес за учество преку електронскиот формурал, објавен на Фејсбук-страната на ОО
Црвен крст- Гевгелија.
https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLSdLnT583TNmZdGa1gTW
vv6XucHa3CC4EWKZAhp4wg49MNEseQ/viewform?
fbclid=IwAR3eWd3lcnNIndKmrVw450uYA8OTP0lPrCbppb6RfTbq2jw
QE4gpNi5IQYs
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.