AKTO 19 со 18 „Јавни простори во движење (кон) II“

38
28.03.2024
Месецов започнува 19-то издание на АКТО фестивалот за современи уметности и ќе се одвива во текот на целата година.  Новото, 19-то издание АКТО продолжува на линија на минатогодишното издание АКТО 18 „Јавни простори во движење (кон) II“ и се отвора со низа мурали на кои работат тројца млади уметници/чки, а е предвидено да се изработат низ различни градови во државата, опфаќајќи тематики во духот на солидарноста на заедницата.
Првиот мурал, кој е веќе завршен, се наоѓа во Скопје на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“  и ќе биде отворен во четврток на 28 март. На него работеа уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски.
Во центарот на Скопје, на зградата бр.33, на бул. Митрополит Теодосиј Гологанов, наспроти студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ од пред околу 30 години беше ставен голем рекламен материјал, кој заедно со фасадата веќе одамна беа во разрушена состојба. Затоа, поткрепени со оптимистичката поддршка и ентузијазам на станарите во зградата, организацијата Факултет за работи што не се учат- ФРУ,  заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски покренаа акција за обновување на заборавениот ѕид, со цел да остане визуелна игра, но и значаен потсетник во строгиот центар на градот.
Идејата зад овој мурал не беше само да се обнови фасадата на зградата, ниту пак во фокусот беше да се претстави само визуелно решение, туку да се создаде потсетник за важноста на солидарноста во општеството. Играта со архитектурата е замислена да оствари директна комуникација со самите случајни минувачи во секојдневието – тие коишто се упатени кон (или пак заминуваат од) работа, училиште, факултет, пазарување, прошетки. Mинувачи пронајдени во самиот визуелен изглед на муралот што ја носи главната порака која гласи: „Големината на заедницата најпрецизно се мери преку солидарните постапки на нејзините членови“.
Оваа порака од Корета Скот Кинг (авторка, активистка и лидерка на граѓански права) се упатува кон многуте заедници кои го оформуваат разновидниот карактер на општеството, а истите тие за да опстанат зависат во голема мерка од солидарните и добронамерни постапки токму од нејзините членови. Затоа, неслучајно оваа мисла е носечката порака на првиот мурал, таа служи како потсетник дека токму членовите се одговорни за градењето на меѓусебно разбирање, толеранција и заеднички борби за создавање подобри и поздрави услови на живеење, овозможувајќи поддршка и слободно заедничко творештво – не само во културата и уметноста, туку и пошироко во рамките на општеството во коешто живееме.
АКТО 19 претставува продолжение на тематиката – Јавните простори во движење (кон), преку која минатата година фестивалот презентираше неколку практики што замислуваа ослободен простор, дури и привремено, за гласот на игнорираните, запоставените, замолчените, испуштените и маргинализираните во рамките на постојната хегемонија.
АКТО смета дека овие уметнички практики можат повторно да создадат јавен простор преку борбите за правата и во блиска врска со општествените движења, или дури и да ги стимулира во моменти кога се чини дека се слаби.
Фестивалот АКТО е во организација на здружението Факултет за работи што не се учат – ФРУ и во текот на годинава во своите рамки ќе продуцира повеќе настани во земјава и во странство.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.