„Стоби“ доби 180 илјади евра неповратни средства од ЕУ

4

Министерката за култура, Бисера Костадиновска- Стојчевска, првиот заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, и дополнителната заменичка-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска го посетија Археолошкиот локалитет „Стоби“ каде што се во тек активности за реализација на проектот „Конзерваторско-реставраторски работи и конструктивно зајакнување на објектот Стара железничка станица и нејзина адаптација во центар за посетители“.

– Објектот на „Старата железничка станица“ во „Стоби“, кој со поддршка од ИПА- фондовите прерасна во нов, модерен центар за посетителите, е уште една потврда дека евроинтеграцијата не е само апстрактна приказна туку конкретна и видлива придобивка за граѓаните- рече Костадиновска- Стојчевска.

Министерката за култура информираше дека Европската Унија вложи над 495.000 евра неповратни средства во проектот „Еуропос Платино Стоби- Европското минато, иднина и културни вредности“. Од нив, 186 000 евра доби „Стоби“ за адаптација на објектот во кој посетителите ќе имаат можност да го видат движниот културолошки слој на овој археолошки локалитет, со што „Стоби“ станува поатрактивен за туристите.

– Оваа иницијатива, која беше препознаена и од партнерите во Грција дека ЕУ-фондовите не само што побрзо нè движат на европскиот пат туку и придонесуваат во одржувањето добрососедски односи и за зајакнување на комуникацијата и довербата“, нагласи Костадиновска-Стојчевска, која упати честитки до директорот на НУ Археолошки локалитет „Стоби“, Спасе Перовски, и до сите вработени за посветениот ангажман во обезбедувањето на европските средства преку ИПА-прекугранична програма со Грција.

– „Стоби“ е атракција сам по себе, но содржините што ќе се нудат во Центарот ќе бидат додадена вредност за секој посетител што овде ќе има можност да доживее ново визуелно, образовно и интерактивно искуство- истакна Костадиновска- Стојчевска, која додаде дека покрај древната историја на овој антички град, преку овој центар, на современ начин ќе се слуша гласот за историјата, културата и идентитетот на актуелната македонска култура.

Костадиновска- Стојчевска додаде дека ваквите успешни имплементации на проекти од ИПА-програмата за прекугранична соработка го трасираат најефикасниот и единствен пат за остварување на нашата мисија, а тоа е трајна и одржлива заштита на македонското културно наследство во ЕУ.

Проектот „Еуропос Платино Стоби- Европското минато, иднина и културни вредности“ го реализира НУ Археолошки локалитет „Стоби“ со донација од Европската комисија преку телото за управување и развој на ИПА за прекуграничната програма Грција- Македонија, Република Грција. Партнери во проектот се: „CISS Cooperazione, Regional Development Found of Central Macedonia-;Region of Central Macedonia“ и „Ephorate of Antiqes of Kilkis“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.