„Комплицирано е“– изложба на цртежи на Кирчо Арсовски во Струмица

9

Утревечер, 20 јануари 2023 година, во 21 часот, во бар „Нагоре“, Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ ја реализира изложбата на цртежи „Комплицирано е“ на Кирчо Арсовски од Куманово.
Ова е втора изложба од проектот „Ѕид на уметноста“ во кој струмичани ќе имаат можност да се запознаат со уште еден од уметниците во Македонија кои создаваат авангардна и неконвенционална уметност. Изложбата ќе биде продажна, а на истата ќе бидат претставени 30 дела. Самиот проект има за цел да претстави уметници од државата кои создаваат минијатури, цртежи, графики, кроки скици и дела со помал формат, кои не секогаш успеваат да бидат презентирани во поголеми простори или галерии.
„Оваа супкултурна уметност заслужува внимание исто колку и секоја друга форма на изразување, затоа што нема цел да биде запаметена, особено од оние кои ги пишуваат страниците на историјата на уметноста, но истовремено носат пораки кои треба да бидат видени и препознаени“– изјавуваат организаторите на изложбата.
Во официјалниот текст на Митко Гогов за изложбата стои дека:
„Кирчо Арсовски е еден од најдобрите поп андерграунд автори во Македонија, медиумот кој го претставува е инфантилен, што би рекле тинејџерски, претставува политички и сексуални фрустрации, а опусот и тематика му се препознатливи, баш поради тоа што користи евтини материјали, а неговиот израз и лесното поп изразување не е тенденциозно, традиционално, ниту претенциозно, баш како во музиката на ТБ Трачери. Тој е лесен во цртањето како во гитарското перце, со неколку ликовни рифови прави како што големите мајстори покриваат огромни платни површини.
Збунувачки е колку тој продира со едноставноста и простите движења во прекршената совршеност на денешницата. Неговата целина не е тенденциозна, уметничкиот израз кој го користи е како простоговорот на пралуѓето. Страстите, грубоста, камшикувањето на нежноста се гратис. Не може секој да ја “свари“ улогата на прабитието со ниски страсти, а тој ни ја црта, како мало дете кое ја спознало суштината на нашата анимална дрскост.“
Изложбата ќе биде отворена во период од еден месец, а секој оној кој сака да има неповторливо дело во својот дом, ќе може да го купи по пристојна цена, со што се создава прилика секој да може да биде сопственик на оригинална уметност и своевиден колекционер на препознатлива уметност.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.