Костадиновска- Стојчевска за „Сребрена Тракија“: Го ползуваме најдоброто од минатото како културна вредност

45

Денеска министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска во Археолошкиот музеј-Скопје ја отвори ексклузивната изложба „Сребрена Тракија“, која ја оцени како впечатлива археолошка поставка која никого нема да остави рамнодушен.
–Македонската публика има чест да го проследи во целост претставувањето на тракиската култура зашто изложбата во Скопје ги надминува, и по обем и по комплексност, сите претходни поставки на „Сребрена Тракија“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека ваквите изложби се дел од европските вредности кои претпочитаат реално запознавање и читање на фактите од минатото, како и соочување со фактот дека историјата не се буди по потреба туку се учи за да нè разбуди.
Ова е потврда на суштината на вредностите што како научена лекција во овој век треба да ги споделуваме– да соработуваме, да се почитуваме и да го ползуваме најдоброто од минатото како културна вредност. Ваквите изложби се придобивка за сите. Сиот вложен труд и време во нив се ништо во споредба со големото нешто што останува како траен впечаток, посочи министерката.
Како покровител на изложбата „Сребрена Тракија“, настан поддржан од двете министерства за култура, и од македонското и од бугарското, Костадиновска- Стојчевска изрази задоволство од високото ниво на културна соработка меѓу двете земји. Министерката за култура упати благодарност до НУ Археолошки музеј-Скопје и до Националниот археолошки институт од Софија, кои својата соработка ја крунисаа со две ексклузивни изложби– првата, отворена минатиот месец во Софија, „105 години Тербеништа“ и денеска со изложбата „Сребрена Тракија“ во Скопје.
– Тракијците важеле за исклучително воинствени и безмилосни племиња, но таа нивна темна страна денеска ја засенува блесокот на уникатната обработка и уметничка изработка на Тракиското сребро. И другите артефакти што се изложени сведочат за едно високо ниво на естетика во време на свирепост- рече Костадиновска- Стојчевска во своето обраќање.
Свои обраќања на изложбата, имаа и претседателите на македонското и на бугарското Собрание, Талат Џафери и Росен Димитров Жељазков, министерот за култура на Бугарија, Крастју Крастев, како и директорите на двете музејски институции кои се организатори на изложбата, Славица Бабамова и Христо Попов.
Изложбата, која го содржи и Тракиското сребро, познато во археолошкиот свет поради својата уникатност и извонредна уметничка изработка, досега била претставена во повеќе музејски центри во Европа и во светот, а поставката, која се изложува во Скопје, претставува најкомплексна и најобемна презентација на наодите што ја претставуваат тракиската култура и цивилизација.
Меѓу археолошките предмети може да се видат вредни предмети поврзани со митологијата на Тракијците, со начините на погребување и погребните обичаи, а дел од изложбата е посветен и на воената опрема каде што посебно место зазема типичната за Тракијците – опрема за коњи. Особено внимание, како што кажува и насловот на изложбата, е посветено на обработката на благородните метали со кои изобилува тракиската територија, сè до изработката на прекрасните ексклузивни садови и накит, кои биле условени од богатите рудници на сребро. Овие предмети зборуваат за реномето на тракиските племиња во тогашниот свет, за високиот општествен статус на оние што ги користеле овие луксузни предмети, но и за нивниот секојдневен живот.
Оваа изложба е резултат на врвната професионална соработка меѓу македонскиот Археолошки музеј и Националниот археолошки институт со музеј при Бугарската академија на науките во Софија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.