„МАКЕДОНИУМ: Драматургија на незавршеното“ на Јане Чаловски и Христина Иваноска вечер во МКЦ

94

Вечерва, со почеток од 19 часот во МКЦ ќе се одржи промоција на „МАКЕДОНИУМ: Драматургија на незавршеното“ – најново заедничко истражувачко дело на Јане Чаловски и Христина Иваноска.
Книгата е дел од студиската, дискурзивна, истражувачко-изведбена и издавачка програма на „Проектниот простор Прес ту егзит“ за 2020 година. Авторка на воведниот текст е Јованка Попова, дизајнот е на Неда Фирфова, а преводот и лектурата се на Ана Василева и Ѓоко Здравески. Промоцијата ќе ја води Владимир Јанчевски, куратор и историчар на уметноста.
Книгата „МАКЕДОНИУМ: Драматургија на незавршеното“ содржи нов авторски материјал на уметниците Иваноска и Чаловски, инспириран од истражувањето на архивната документација од процесот на изработка на споменичниот комплекс „Македониум“ (подоцна преименуван во „Илинден“) на авторите Јордан и Искра Грабулоски, а отстапена од страна на семејството на Државниот архив во Скопје.

Во оваа книга конкретните архивски материјали со кои авторите за прв пат се среќаваат во 2017 година, претставуваат супститут за вистинската и жива меморија отворена за дијалектиката на сеќавање и заборавање. Книгата е прв (или почетен) чин на материализација на истражувањето и се состои од два уметнчки концепти, архивен материјал и реаобјава на неколку текстови од други автори, кои во различни временски периоди и од различен аспект пишуваат за споменикот.
Драматуршкиот текст „Доколку постои приказна“ на Иваноска е разработен во седум (7) сцени. Во него се интепретирани дел од записниците и документацијата од работните средби на телата составни од еминентни личности и експерти, а создадени околу изградбата и одржувањето на споменикот. Преку нив може да се воочи наметнатиот општествено-политички авторитет наспроти авторското, естетското и апстрактно обмислување и обликување на нештата. Низ низата документирани компромиси, отстапувања и фрустрации, текстот ни ја разоткрива комплексната позиција на Јордан, а посебно на Искра Грабулоски во однос на другите соработници и општествени авторитети.
Дигиталната просторна инсталација „Воздржан простор (Засегнат од вашите постапки)“ на Чаловски, произлегува пред сѐ од „заборавениот“ подрумски простор на таканаречената „сала за проекции“, сместена под главната купола кон која требало да водат спирални скали, а на чие место денес се наоѓа „Вечниот оган“. Скулптуралната констелација од форми на Чаловски илустрира простор/сцена, кој кореспондира со перформативно-драматуршкиот текст на Иваноска.
Во оваа публикација се реобјавени и избор на текстови од Антоанела Петковска, Соња Абаџиева Димитрова, Бојан Иванов и Кит Бран, кои се пишувани во различни временски периоди и се однесуваат на општествената, естетско-ликовната и историската важност на споменикот.
Истражувањето и публикацијата се поддржани од Министерството за култура на Република Северна Македонија, Фондацијата за уметнички иницијативи од Њујорк (Foundation for Arts Initiatives), i-Portunus програмата за мобилност, и „Фушбау“ фестивалот за современа уметност од Хановер, Германија.
*Благодарност до Лира Грабул, Фросина Ѓорчевска и Државниот архив на Република Северна Македонија за укажаната доверба и соработка при истражувањето.
Настанот ќе биде организиран со почитување на актуелните ковид-протокол.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.