Изложба на модни дизајни инспирирани од францускиот писател Молиер

17

Вечерва, 17 октомври, во 19 часот, во главниот хол на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, под мотото „Ние сме УКИМ, ние сме едно семејство“, ќе бидат презентирани модни дизајни на студентите од Технолошко-металуршки факултет – Институт за дизајн и инженеринг на облека.

Изложбата на дизајни насловена како „МОЛИВЕРЗУМ/MOLIVERS“ се реализира во соработка со Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошиот факултет „Блаже Конески“ на УКИМ во Скопје и Францускиот институт во Скопје.

Оваа изложба е остварување на првата фаза од еден амбициозен и обемен проект, чијшто добитник и носител е Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, по објавениот интерен конкурс за распределба на средства за културни, спортски активности и други манифестации на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје, за оваа година.

Втората фаза вклучува наградно патување на студентите и нивна изложба/инсталација во Париз.

Третата фаза ќе биде презентација и декорирање на излогот на Францускиот институт во Скопје.

Целокупната реализација на проектот е под менторство на професорките Лидија Георгиева, Ирина Бабамова и Снежана Петрова.

За инспирацијата во креирањето на модните дизајни, студентите го земаа големиот француски писател Молиер. Годинава се одбележуваат јубилејни 400 години од раѓањето на Молиер.

„Читајќи ги Тартиф, Мизантроп или Дон Жуан, согледавме дека светогледот на Молиер е актуелен и денес во нашиот универзум/метаверзум. Тоа нè охрабри да замислиме како би изгледале неговите ликови денес, со користење на модерната технологија, а со тоа на еден оригинален начин да го одбележиме и јубилејот од неговото раѓање“, вели професорката Лидија Георгиева.

Во рамките на настанот, од фондот на НУБ ќе бидат изложени и две витрини со избор од творештвото на Молиер.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.