Промовирана апликацијата која ќе ве запознае со Императорот Теодосиј и гладијаторите, доколку го посетите локалитетот Стоби

44

Да го посетите локалитетот Стоби, да прошетате низ историјата, да се сретнете со гладијатори, да седнете во прво место на театар, од каде ќе гледате гладијаторска борби, борби со диви животни, и да откривате кој сака да го отруе римскиот Императорот Теодосиј, единствениот император кој дошол во Стоби, ви го овозможува новата виртуелна апликација, која денес беше промовирана во археолошкиот локалитет Стоби, со наслов „Immersium“.
Од денес до 25 ноември во Театарот на археолошкиот локалитет Стоби ќе има и отворени денови, на кои ќе може да се види оваа нова мобилна апликација„ Immersium“ – интерактивна дигитална алатка која овозможува уникатно културолошко искуство низ истражување, едукација и забава на археолошкиот локалитет.
Влезот е слободен за сите заинтересирани, а активностите ќе се одвиваат од 8 до 15 часот, додека во други денови е 120 денари.
„Спасувајќи го императорот Теодосиј“ (Saving Emperor Theodosius) е приказна во мобилната апликација, низ која ве води интерактивен водич (со кратки игри, квизови, реконструкции), и преку која може да “ѕирнете” во секојдневието на жителите на Стоби од крајот на 4 век од н. е. (поточно во 388 година од н. е.), што претставува и година во која се случила единствена потврдена посета на римски император во Стоби. Апликацијата е бесплатна и ќе може да ја користи секој посетител на локалитетот.
Еве како функционира, бесплатно ја симнувате од интернет, го посетувате Стоби, застанувате на некое место од локалитетот, го вклучувате вашиот мобилен апликацијата го препознава местото и ви раскажува приказна за тоа место.
-Оваа апликацијата има за цел да ги раскаже приказните на стобјани и да ги води посетителите низ едно интерактивно истражување на локалитетот. Самата апликација има и игри, видеа, квизови, илустрации, кои на посетителот на самото место ќе му овозможат сосема нов начин на гледање на минатото, рече директорот на Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“, Милан Танчески.
-Апликацијата ве внесува во историјата, вие станувате жител на градот или посетител, на кому му се достапна сета таа реалност, преку запознавање со активностите кои се случуваат во градбите го запознавате Стоби. Тука може да поминете покрај порта Хераклеа, покрај полукружниот плоштад, казиното, театарот, Теодосијанската палата и Виасакра, како и како да се вратите пак на почетокот. Ние во Стоби досега имавме аудио водич кој ги кажуваше основните информации за градбите, а сега, со апликацијата ќе имате можност да бидете дел и од полукружниот плоштад каде всушност имало пазар и таму се продаваат работите а вие се среќавате со трговец, кој ќе ви постави неколку прашања, преку квиз, и ќе ве праша каде одите… На секоја следна градба има некој кој таму ќе ви објасни се за функцијата на градбата, и ќе ви остави некаков „хинт“ за тоа кој всушност се обидува да го отруе императорот Теодосиј, кој во 388. година дошол во Стоби, и до денес не знаеме за посета на друг император. Тука се организирале гладијаторски борби, борби со животни, а театарот со своја оригинална димензија собирал околу седум илјади граѓани на Стоби, а библиотеката во локалитетот е една од најголемите и најубавите во тоа време. Ние многу често ги истражуваме ваквите локалитети, но не ги знаеме приказните на луѓето кои живееле тука, објасни менаџерот на Стоби, Димитар Николовски.
„Immmersium“ е платформа која обединува три локалитети- Виминациум во Србија, Емона од Словенија, и за секоја од овие локалитети е изработена посебна апликација која раскажува посебни приказни.
Директорот на Националната установа Стоби, Спасе Перовски порача дека се надева дека и останатите локалитети и музеи во земјава ќе можат да го применат овој начин на претставување на своите институции.
Апликацијата беше промовирана пред новинарите и пред група средношколци од училиштето “Коле Неделковски” од Велес, а нив со официјален говор ги поздрави и Александар Меламед од Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија.
Апликацијата е продукт на двегодишен проект (Immersive Storytelling Driven Cooperation for Cultural Heritage Dissemination in the Western Balkans), резултат на соработката меѓу седум институции од пет балкански земји: Национална установа за управување со археолошкиот локалитет Стоби – Градско (Северна Македонија), Центар за социјални иновации „Блинк 42-21“ (Скопје, Северна Македонија), Универзитет „Аристотел“ (Солун, Грција), Фондација „Балканско наследство“ (Софија, Бугарија), Археолошки институт (Белград, Србија), Градски музеј Љубљана (Љубљана, Словенија) и „Nexto“ (Словенија). Проектот е финансиран од Европската комисија.

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.