Во Чифте амам во јули, изложбен проект “Дама со девет камења”

20
За време на топлите, скопски, јулски денови имаме понуда на културна програма, повторно во Чифте амам. Станува збор за мултимедијален изложбен проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски со наслов „Пресек: Дама со девет камења“. На отворањето, закажано за 8 јули 2022 година (петок), во 20 часот, ќе се обрати директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими. Свежината на амамот и оваа изложба ќе можете да ги доживеете до 30 јули.
-Дама со девет камења е мултимедијален изложбен проект на ликовниот уметник Иванчо Талевски, кој преку цртеж, графички техники, проекции и звук, го елаборира и комплицира поимањето на минатото како материјал со цел да евоцира прашања од индивидуалната и колективната меморија, историја и припаѓање, нивното бележење, опстојување и бришење.
Во центарот на овој проект се две збирки цртежи и нивното просторно осмислување. Почнувајќи од 2015 година, при неговите чести патувања помеѓу Битола и Филаделфија, САД, авторот Иванчо Талевски со своите цртежи изработени со  јаглен ги бележи времето и просторот преку претставување на реакции од различни искуства, општествени процеси, феномени, случки и локации. Изработката на овие цртежи започнала како пристап на осознавање и истражување на овие две локации, овозможувајќи откривање на неочекувани вкрстувања, создавање простор кој фигурира помеѓу нештата, каде што коегзистираат различности и различни елементи, идеи, идентитети и случувања. На некој начин, цртежите претставуваат почувствувани ривербрации од околината. Самата процедура потсетува на хаику поезија, во која нема рима, а елементите постојат како фрагменти што ги нагласуваат времето и просторот. Овој процес на цртање резултира со колекција фрагменти кои се мобилизирани и активирани преку рефлективни и рефлексивни процеси, соработки, дијалози и генеративни хипотези. Цртежот како медиум овозможува непосредно и моментално бележење на соодносот на телото со тлото, помеѓу различни локации и јазици.
Паралелно со овој циклус негови цртежи, Талевски во форма на дијалог презентира едно свое долгогодишно истражување на изгубените 235 цртежи на собирачот на фолклорно творештво Марко Цепенков. Освен што бил кројач, Цепенков патувал низ многу села и градови низ Македонија и не само што запишувал усни преданија од различен карактер туку и изработувал цртежи, кои претставуваат редок пример на профан ликовен израз од ваков карактер од тој период во регионот. Цртежите од Цепенков изобилуваат со прикази на разни видови музички инструменти, дијаграми за детски игри, алати, алишта и обредни орудија. Интерпретацијата и третирањето на архивските материјали од Цепенков се претставени преку една долгогодишна соработка, односно еден дијалог на Талевски со музичарот и композитор Васко Дуковски, кој живее и работи во Шангај. Преку свои исцртани музички нотации базирани врз избрани цртежи од Цепенков, Дуковски презентира звучен материјал, кој во соработка со Талевски е дел од аудиоинсталација која ќе биде претставена како дел од овој проект. Фокусирајќи се на изгубените цртежи на Цепенков, нивното значење, историја и потенцијална интерпретација, Талевски и Дуковски се стремат кон проучување на звукот и цртежот, третирани како медиуми за еден генеративен и имагинативен процес на интерпретација на минатото, која се манифестира во аудиовизуална интервенција.
-Дама со девет камења го третира цртежот како тенок опис при бележењето и интерпретацијата на историските и општествените процеси. Овој проект, изложен во просторот Чифте амам на Националната галерија, претставува една поширока адаптација и нова обработка на ова дело, кое за првпат беше претставено во Центарот за графика во Филаделфија, во септември 2021 година.
Иванчо Талевски е мултидисциплинарен ликовен уметник и професор кој живее и работи на релацијата меѓу Битола и Филаделфија. Во своето творештво користи стратегии на цртеж, графика, сликарство, звук и инсталации со цел да евоцира прашања од политички состојби фокусирајќи се на теми како што се индивидуалната и колективната меморија, припаѓањето, носталгијата, историјата и границите, нивното постоење, опстојување или бришење. Содржините и темите во неговото творештво произлегуваат од личното животно искуство и честите патувaња меѓу Филаделфија и Битола.
Талевски го започнал своето формално ликовно образование во Средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, а го продолжил на Академијата за уметности „Интерлокен“ во Мичиген, САД. Магистрирал на Факултетот за ликовна уметност на Школата за дизајн при Универзитетот на Пенсилванија, во Филаделфија, а дипломирал на Уметничкиот колеџ при Институтот „Мериленд“ во Балтимор, САД. Дела и проекти на Талевски биле изложени во голем број интернационални музеи и галерии, на биеналиња и изложби – во Центарот за цртеж во Њујорк, Центарот за графика во Филаделфија, Музејот на графика во Гуанлан во Кина, Интернационалниот центар за графика во Њујорк, Музејот за уметност на Сеул, Кореја, во изложбениот простор „Тајгер страјкс астероид“ во Лос Анџелес, во галериите „Наполеон“, „Синди Етингер“ и „Артур Рос“ во Филаделфија, во „H18“ во Брисел, во Националниот музeј за уметност во Тајван, на Графичкото триенале во Краков, во Музејот за уметност „Сакима“ во Токио и многу други. Талевски е добитник на многу награди, признанија и грантови од различни фондации и институции, како што се Фондацијата за иновации во уметноста „Сакс“ во Филаделфија, фондациите „Полок Краснер“ од Њујорк и „Елизабет Гриншилдс“ од Канада, а добитник е и на победнички медал на Графичкото биенале во Гуанлан, Кина. Од 2008 година предава цртеж, сликарство, графика и мултидисциплинарно студио на Ликовниот факултет при Универзитетот на Пенсилванија во Филаделфија, САД. Работел како вонреден професор по сликарство, цртеж и графика на Школата за уметност и архитектура „Тајлер“ при Универзитетот „Темпл“ во Филаделфија, и на Уметничкиот колеџ при Институтот „Мериленд“ во Балтимор.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.