30 јануари 1830 -Роден истакнатиот македонски писател Григор Прличев

1139

Григор Ставрев Прличев  во Охрид на 30 јануари е роден Григор Прличев — истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век. Овој генијален книжевник според јазичната припадност е тродомен автор: македонски,грчки и бугарски и ги обединува во себе нивните специфични карактеристики и епохата во која живее и работи, класицизмот  и романтизмот, како стилски белези. Според Македонската енциклопедија , тој е писател кому Македонија му е и љубов и судба и болка и очај и неопходност и тага и лулка и гроб.

Прличев бил ученик на Димитрија Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850-59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „ Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец.Истата година делото излегува од печат.

Вратен во Охрид веднаш ја започнува работата врз новиот поетски проект поемата Скендербег, далеку попретенциозен творечки зафат. Работи како учител во Охрид. Со Јаким Сапунџиев го започнуваат народниот подвиг во Охрид, борба за воведување на народниот јазик во училиштата.

Прличев живее и работи во повеќе балкански културни центри (Охрид, Струга, Битола, Прилеп, Солун, Атина, Тирана, Цариград, Софија). Коректно владее повеќе балкански и европски јазици. Во одреден период бил под влијание на словенофилството и прави обид да создаде граматика на словенско есперанто.

Поетската творба Сердарот се смета за апсолутен врв на сиот влог што во уметноста на зборот овој творец го дал. За книжевната наука оваа поема треба да се разгледува во контекстот на европската теорија наромантизмот. За неа авторот во Атина го добива од критиката прозвиштето Втор Хомер. Други позабележителни негови творби се Автобиографијата и словото-есеј „Чувај се себеси. Тоа се комплементарни литературни дела и ја доречуваат на директен начин основната порака на Сердарот.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.