Бетовен: Филхармонија ќе одржи концерт со наслов „Бедем”

67

Овој четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Бедем” на кој како солистка ќе настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леиа Зу (Кина/Англија). Диригентка е Ребека Тонг (Индонезија/САД), а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата „Robert’s suite” на македонската авторка Бете Илин, кои премиерно ќе прозвучат на овој концерт.
Опусот на македонската композиторка Бете Илин (1982) опфаќа голем број вокални дела (соло песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар). Во 2018 година, композиторката Бете Илин за првпат се сретнува со творештвото на американскиот писател Роберт Грин. Импресионирана од неговите бестселери ја создава композицијата „Robert’s suite” (2020), која има четири става. Секој став е насловен според книгите на овој познат автор. Вториот став „Заведување” е инспириран од книгата „Уметност на заведувањето”, во кој е опишана најсуптилната и најефикасната форма на моќта – заведувањето. Во овој став од суитата, композиторката Бете Илин се обидува да го долови чинот на заведување со употреба на разновидни средства кои креираат возбудлива музичка атмосфера. Четвртиот став е инспириран од книгата „Мајсторство”, во која Роберт Грин пишува за различни нешта кои му помогнале да го трасира патот до мајсторството во неговата професија.
Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 61, од генијалниот Лудвиг ван Бетовен премиерно бил изведен во Виена, 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на овој композитор и едно од најлирските дела во неговиот опус. Напишан е во еден од најкреативните периоди, кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клемент, кој сакал драматично дело за неговиот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.
Симфонијата бр. 7 во А-дур, оп. 92 од Л. В. Бетовен премиерно била изведена во Виена, на 8 декември 1813 година. Ова симфoниско дело на Бетовен, создадено во ист период како и Концертот за пијано и оркестар бр. 5, го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето. Самиот композитор сметал дека ова е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус. Симфонијата претставува апотеоза на танцот или, како што рекол Вагнер, „…ако некој ја слуша Седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра”.
Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистент во Филхармонискиот оркестар на Би-би-си и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата”. Во сезоната 2020/21 година дебитирала со Оркестарот на Париз, Францускиот оркестар на Националната опера, Оркестарот „Моцарт” од Париз… Во 2019 година ја добива наградата „Таки”, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап. Соработувала со гудачкиот квартет „Great Wall”, Џеси Чанг, Џеф Тајер, Челси Пен. „Џакарта пост” ја нарече „предводник на индонезиската класична музика”. Репертоарот на Тонг опфаќа симфониска, оперска и камерна музика. Посетувала мастеркласи кај ментори како Сер Марк Елдер, Марк Шанахан, Кларк Рандел, Марк Херон, Нил Варон… Магистрирала оркестарско диригирање кај проф. Марк Гибсон, на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.
Виолинистката Леиа Зу (2006) дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри низ светот. На дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји. Тогаш станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот”. За време на пандемијата, во август 2021 година, Леиа e поканета да го изведе „Интродукција и Рондо Капричозо” од Сен-Санс со Лондонскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Сајмон Ратл. Како солистка настапувала со многу од најзначајните оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Луцерн, Белгискиот национален оркестар, Рускиот национален оркестар, Московската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Санкт Петербург, оркестарот на Марински и др. Настапувала на музички подиуми како „Моцартеум” (Австрија), „Јехуди Мењухин” (Белгија), Театарот на Филхармонијата во Одеса (Украина), конзерваториумот „Џузепе Верди” (Италија)…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.