ИКС го објави својот шестмесечен извештај

6

Скопје, 15 април 2024

Институтот за комуникациски студии (ИКС) го објави шестмесечниот извештај во рамките на истражувањето „Мерење на политички штетни наративи“ (ШТЕТ-НА), којшто претставува сублимат на податоците од мониторингот на комуникациските практики на политичките актери во кои се идентификувани штетни наративи и нивното пренесување во медиумите во периодот септември 2023- февруари 2024 година. Станува збор за пресек на резултатите од трите двомесечни извештаи од мониторингот, кој се прави со цел да се увидат трендовите во штетната комуникација и медиумското информирање и да се детектира дали и како се менува токсичната реторика со наближувањето на изборите.

Анализата на извештаите за шесте месеци покажа дека штетни наративи содржеле над една третина од вкупниот број објави на политичките партии и на политичките лидери. Партиите и лидерите преку непоткрепени обвинувања и ставови најчесто користат штетни наративи со кои се обидуваат да ја поткопаат довербата во институциите на системот и вршат пристрасно селектирање на податоци за да се наведе јавноста на погрешни заклучоци. Речиси со иста фреквенција тие користат напади на личноста односно демонизација, поттикнуваат поделби и популизам.
Двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ убедливо водат во објавите со штетни наративи, а на третото место друштво им прави Левица. Имено, од вкупниот број објави со штетни наративи (797), 732 или 92% се креирани и пласирани од овие три партии (ВМРО-ДПМНЕ- 311 објави, СДСМ- 228 објави и Левица- 193 објави). Од друга страна, на првото место во ширењето штетни наративи меѓу политичките лидери е Димитар Апасиев од Левица кој за шест месеци има 50 вакви објави. На второ место е Христијан Мицкоски од ВМРО-ДПМНЕ (17 објави), а на третото е Изет Меџити од Демократко движење (11 објави).

Кај владините функционери во истражувачкиот период беа забележани 26 објави со штетни наративи кои содржеа вкупно 54 штетни наративи. Јетон Шаќири и Јованка Тренчевска се владини функционери со по една објава со штетен наратив, Димитар Ковачевски е со две објави, а Кренар Лога со најмногу – шест објави со штетни наративи. Нотирани се и специфични случаи кога владините министри го злоупотребуваат официјалниот канал на институцијата со која раководат за лична и партиска промоција, без притоа да користат штетни наративи.

При мониторингот кај телевизиските станици беа забележани вкупно 484 прилози со штетни наративи. ТВ Алфа е со најголем број прилози со штетни наративи – 182, а ТВ 24 Вести е со најмал број – 15 прилози. Истовремено, кај онлајн-медиумите беа забележани вкупно 1.236 прилози со штетни наративи. Онлајн-медиум со најмногу објавени прилози е Република – 265 прилози, а онлајн-медиум со најмалку објавени прилози со штетен наратив е Нова ТВ – 32 прилози.

Трите најчесто употребувани штетни наративи што ги пропагирале политичките актери се истите оние што најчесто нотирани во прилозите на ТВ станиците и во објавите на онлајн-медиумите: (1) поткопување на довербата во институциите, (2) пристрасно селектирање и (3) напади на лична основа/демонизација на политички противници. Понатаму, според зачестеноста, следат дезинформациите, како и поттикнувањето поделби и популизмот.
Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година, како и фејсбук- комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.
Ова истражување се реализира во рамките на проектот „Употреба на новинарство засновано на факти за подигање на свеста и спротивставување на дезинформациите во медиумскиот простор во Северна Македонија: Користи факти“, поддржан од Британската амбасада во Скопје.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.