Камерниот ансамбл „Консонанс” во среда во Филхармонија

26

Во среда, 26 април 2023 година во 20 часот ќе настапи во Камерната сала на Филхармонија. На програмата се дела од Хајдн, Феранте, Барток, Гершвин, Бранѓолица…

Камерниот ансамбл „Консонанс” е формиран во 2007 година, како една уникатна формација која ја сочинуваат дрвени дувачки инструменти. Овој ансамбл е посветен на камерното музицирање и истражување на звукот кој овие инструменти го создаваат заедно. Составен е од музичари кои се членови на НУ Филхармонија, кои освен оркестарското музицирање, ја негуваат и камерната музика, а исто така настапуваат и како солисти. Покрај настапите на сите позначајни фестивали на домашната музичка сцена, „Консонанс” има остварено настапи и во Црна Гора, Р. Бугарија и САД. Ансамблот има издадено и еден носач на звук.

Во камерниот ансамбл „Консонанс” членуваат: Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ, Здравко Ангелов, Игор Бакревски и Сашко Темелковски. Елена Дојчинова (флејта) е вработена во оркестарот на НУ Филхармонија на позицијата прва флејта. Исто така активна е на музичката сцена како член на неколку камерни состави и како солист. Маја Чанаќевиќ (англиски рог) долги години е член на ансамблот на НУ Филхармонија на позицијата англиски рог и обоа. Покрај посветеноста на оркестарското музицирање, таа настапува како солист и е член на неколку камерни состави. Здравко Ангелов (кларинет) е истакнат солист на оркестарот на НУ Филхармонија и е нејзин долгогодишен прв кларинетист. Активно го негува солистичкиот пристап но евидентна е и неговата посветеност за камерното музицирање. Тој воедно е и водач на ансамблот „Консонанс”.

Игор Бакревски (кларинет) е прв кларинетист во оркестарот на Филхармонијата кој активно се занимава со камерното музицирање, но и со професионално снимање на оркестарска музика. Долги години беше член и на оркестарот на НУ Националната опера и балет, а исто така е член на повеќе камерни состави. Сашко Темелковски (бас кларинет) е вработен во НУ Филхармонија на позицијата бас кларинет и кларинет.

Покрај симфониското музицирање тој е посветен и на снимање на оркестарска музика и камерното музицирање. Во „Консонанс” членува од основањето на овој ансамбл.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.