ГЕВГЕЛИЈА: Денеска претстава “Претпремиера”, за Нова година дочек на плоштад

51

Денеска (28 декември, 2022 година), во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19 часот, најмалата возрасна група од Детското драмско студио при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија премиерно ќе ја изведe претставата „Претпремиера“. -Претставата е спој од една Дедомразовска едночинка, стихотворби од „Зајче без опавче“, детски забавни едночинки и познати песнички, во која малите актери ќе ве поведат на незаборавно патување низ детските среќни денови, вели Катиџа Џишева Дупарова, режисер на претставата и раководител на Детското драмско студио, која со нетрпение очекува нејзините ученици да го презентираат сработеното во пресрет на Новата година. Влезот е слободен.
Инаку, Општина Гевгелија и оваа година организира новогодишен дочек на Градскиот плоштад во Гевгелија. Граѓаните од општина Гевгелија ќе имаат можност заеднички да ја прослават Новата година на отворено, забававувајќи се со локални изведувачи. Во програмата за новогодишната забава, која ќе започне во 20 часот, ќе настапат: DJ Milan, Христијан Митровски, Крџев со бенд, Филип Хаџикојчев со бенд, Оливера Станковска и „Лајв бенд“.
-Гевгелија заслужува да биде урбано место со богата музичка и културна програма. Оваа година, Општина Гевгелија повторно организира дочек за новогодишната ноќ. Водејќи се од тоа дека традицијата треба да се негува, граѓаните повторно ќе имаат можност заеднички да ја дочекаат Новата 2023 година на Градскиот плоштад во Гевгелија.
Овогодишната прослава на Градскиот плоштад се организира со локални изведувачи. Целта е новогодишниот дочек да помине во пријатен амбиент со музика за сечиј вкус, а во изведба да бидат вклучени наши афирмирани и помлади гевгелиски музичари. Ентузијазмот за афирмирање на музиката во Гевгелија е нешто што треба да го негуваме, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, по повод организирањето на новогодишната ноќ во Гевгелија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.