На 27 март концертно претставување на албумот Transmarginal Beverly Hills

17
Овој неодамна издаден албум ќе има концертна промоција во JaZzy, на 27 март 2024 година (среда), од 21:00 часот
Трио: Филип Букршлиев – електрична гитара
Константин Хаџи Коцев – пијано
Нинослав Спировски- кларинет и сопрано саксофон.
Досегашните реакции на албумот се исклучително позитивни, што значи овој настан не е од оние што треба да ги изоставите од вашите календари, потсетници и планови
Дел од текстот што го придружува албумот на Бендкемп профилот на Аксиома:
Овој албум во живо на ова неконвенционално трио беше снимен во клубот Џези, една мајска вечер 2023 година. На него свират тројца врвни млади музичари од македонската авангардна џез сцена. Иако досега секој од нив двајца свиреле заедно на други албуми, ова е првпат сите тројца да се соберат на заеднички албум. Спировски и Хаџи Коцев се појавуваат на двата исклучително успешни албуми на Svetlost Odron Ritual Orchestra; Букршлиев и Хаџи Коцев соработуваа на последниот албум на Филип Букршлиев трио, издаден за реномираната Skopje Jazz Festival Records; а Спировски и Букршлиев свиреа заедно на последните три албуми на пост- рок/џез групата Fighting Windmills. Букршлиев, Хаџи Коцев и Спировски се зафатиле со исклучително тежок потфат: да спојат три инструменти кои досега многу ретко биле врзувани во трио формат. Згора на тоа, резултатот од тој спој звучи како тие да свиреле заедно долги години, а не на една спонтана музичка соработка/дружба, што и било случај таа вечер.
Каква е оваа музика во поглед на неконвенционалниот формат: гитара- пијано- саксофон? Асоцијациите кои таа ги поттикнува се бројни.
– Фри импров џез за љубители на амбиентална музика или амбиент за музички скитници кои не се плашат да медитираат низ џез идиомите. Четвртиот свет на Џон Хасел исфилтриран низ урбаниот самрак на електронскиот меланхолик Burial, во неговиот пост- Untrue период. Трубата на Мајлс Дејвис од Bitches Brew, ама задушена со крпа натопена во конзумеристички смог. Најтажните, репетитивни завивања на Mats Gustafsson од албумот (Without Noticing) на Fire!, ама „скротени“ со формалдехидна еуфорија. Godspeed You! Black Emperor кога свират приспивни кавери на сопствените песни. Заталкан албум од архивите на Манфред Ајхер, откако тој заминал на егзотичен одмор и сосема заборавил дека овој албум останал некаде длабоко во правливите фиоки на ECM. А потоа, на агендата била некоја заборавена архивска снимка на Кит Јерет.
 
https://aksioma.bandcamp.com/album/transmarginal-beverly-hills-live-at-jazzy?fbclid=IwAR1iMfwQHf1PMmKI47EXOU88Lbl8MUDfeEWk4mGTHe4L7slnEMWMK90oXRk
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.