Скопје покриено со најдобра музика: Џезот кој го разбраа сите!

41

Скопје 17 октомври 2022

Доколку некогаш Ви поставиле прашање “Дали ја разбираш џез музиката?” и навистина не сте знаеле што да одговорите, во право сте- бидејќи прашањето не држи, секоја музика –или ја чувствуваш и ти се допаѓа, или не, па така и џезот.
Доколку пак мене ме прашаа овој пак на Скопскиот џез фестивал “Дали го разбираш џетот?”, одговорот ќе беше веднаш “Да, совршено многу!”, бидејќи за прв пат ми се случи да имам одговор на такво “чудно прашање”.
И тоа уште на самото отворање, на ексклузивниот концерт на ансамблот Exploding  Star Orchestra, предводен од неприкосновениот лидер на чикашката авангарда, прославениот трубач, композитор, аранжер и визуелен артист Роб Мазурек, за тоа што Тој, верувајте во исто време многу умесно и диригираше и танцуваше и свиреше, а не само тој, туку повремено и други членови од оркестарот.
Ете, драги мои, тоа е сиот џез за мене. Сè во едно!

***
на Exploding  Star Orchestra with Fame’s Chamber Orchestra (САД/ Бразил/ Италија/Македонија), со ремек-делото „Dimensional Stardust““ од 2020 година доби уште повеќе на тежина кога заедно со 20-члениот камерен оркестар на Fames – European Orchestral Performing Institute, го изведоа покрај материјал од спомнатиот албум, и дело специјално напишано за оваа прилика.

И, додека тие експлодира во НОБ, по полноќ во МКЦ експлодира и современо инструментално трио од Скопје “Зулу3.4”– Дамјан Даневски (тапани), Мартин Џорлев (клавијатури) и Марио Симоновски (гитара). Иако се формирани во блиската 2018 година, веќе успеаја да ја добијат престижната награда за најуспешени млади музичари на Скопскиот џез фестивал.
Во право беше организаторот кога најави дека фестивалот, годинава ќе има возбудлива програма.
Втората фестивалска вечер ја одбележа, пред сè, специјалниот проект Turiya на џез-перкусионистот број еден во светот Хамид Дрејк, посветен на делото на афроамериканската активистка, композиторка, органистка, пијанистка, харфистка, авторка на неколку книги и духовен водач Алис Колтрејн. Врвни музичари го придружуваа во оваа прекрасна музичка посвета: Џејми Сафт, Сузана Сантош Силва, Јан Банг, Јошуа Абрамс…
Петочната програма продолжи во МКЦ кадешто најпрвин настапи новото, извонредно моќно арт трио ABACAXI од Франција, оформено околу неверојатниот француски гитарист Џулиан Депре. А потоа од полноќ и “Такси конзилиум”  (Македонија), составена од неуморните членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers и Пијан Славеј, што гравитираат околу бујно талентираниот, интелигентен и инспиративен гитарист Филип Букршлиев – ланскиот добитник на наградата „Најдобар млад македонски џез музичар“. Колку се само тие наши а светски, со нивниот џез и авантури: непослушен, непримерен, недефиниран и небезбеден.

****

Да се присуствува на најдоброто селектирано и дадено на послужавник, од најдоброто од светот на џезот и импровизираната музика е привилегија за најсреќните.
Такви среќлии беа посетителите на третата фестивалска вечер, која бликаше со посебна љубов. Па кој може да остане рамнодушен на енергијата и несопирливоста на бразилско чудо, виртуозниот пијанист Амаро Фреитас, на неговото свирење и весело потскокнување, да не можеш да го дофатиш и следиш ни со поглед, ни со рака. Го донесе топлиот и темпераментен дух на Бразил заедно со неговото трио, со кое го претстави своето најубаво и најискрено дело– албумот „Sankofa“, своевидна духовна потрага по заборавените приказни, античките филозофии и инспиративните фигури на таканаречениот црн Бразил. Откачивме од радости!
Супергрупата Subtropic Arkestra, пак по нив, предводена од трубачот Горан Кајфеш, нѝ го претстави шведското гледање на џезот, нè разнежни со чудесни облици и ни понуди толку еклектично звучно патување и сензуална свежина, што посакавме концертот да трае уште повеќе.
Полноќната саботна џез треска продолжи во МКЦ со уште еден ексклузивитет – светската премиера на новиот проект на Дејмон Локс и Роб Мазурек – New Future City Radio, музика отворено бомбастична, која веќе во следниот момент е нежно емотивна која звучи, а најчесто е некаде во средината. Како специјален гостин, ѝм се придружи бразилскиот перкусионист Мауруцио Такара ((Hurtmold, São Paulo Underground…).

***

Три дена брзо летнаа, дојде и последната вечер на 41. издание на Скопски џез фестивал.
Одамна во Скопје немавме концерт од авангардана светска сцена, и таа музичка рана со мелем нѝ ја залечи настапот на гордоста на бруклинската авангардна сцена, џез-триото Thumbscrew.  Mary Halvorson (гитара), Michael Formanek (бас) и Tomas Fujiwara (тапани). Не бесцелно ги нарекуваат “гордост”. Беше уникатна прилика да го вкусиме новото возбудливо дело „Multicolored Midnight“ (Cuneiform Records), седмиот албум на групата, едноставно по нивните специфични музики и импровизации, а на крај се свртијаи  кон класичен џез.
Годинешното фестивалско издание го заклучи еден од најзначајните и најбараните (контра)басисти на светската џез и импро сцена денес Ингебригт Хакер Флатен со својот нов проект Exit Knarr.
„Кнар“ е тип на брод изграден во Скандинавија околу 1000-та година, што се користел за пловидба по светот, но освен што ги качувал добрите патници, ги качувал  Викинзите, кои за тоа време не биле оценети како добри. Овој пат кнар беше бродот со кој што Ингебригт патува низ светот воден од неговите музички авантури, посвета на различните места што ги посетил, а секоја песна го доловува духот на градовите Остин, Чикаго, Трондхајм, Амстердам… Музиката е резултат на неговите богати искуства во различни жанрови и традиции изградени во текот на долгата кариера, длабоко вкоренети во џезот и авангардата, но и во музиката на светот и психоделичниот рок,а и на оваа изведба во Скопје, прозвучи крајно возбудливо .

 

Добра вест

Програмата на 41. Скопски џез фестивал беше збогатена со премиерното прикажување на музичкиот документарец „„Summer of Soul (…Or, When the Revolution Could Not Be Televised)“, филмско деби остварување на познатиот американски хип-хоп артист Амир „Квестлав“ Томпсон, коешто освои Оскар и Греми оваа година. И тоа Оскар за најдобар документарец.
Оние кои го пропуштивме, среќната вест да си ја запишеме во нотесот, на 12 декември ќе има реприза, зашто организаторот дополнително ќе соопшти.

Уште подобра вест

Во рамките на фестивалот, a во соработка со Europe House Skopje, годинава имаше и нова содржина – JAZZ FOR KIDS, музичка работнилница за деца: основи на џезот и импровизацијата низ предавање, игра и вежбање на разни перкусивни инструменти. Работнилницата ја водеа познатите џез тапанари Гоце Наумов (Македонија) и Марјан Станиќ (Словенија). Резултатот беше фантастичен, треба да прерасне во една нова убава традиција на Скопскиот џез фестивал.

Бегалците се наши браќа

И што би била музиката ако не спои и не остави подолг ефект и трага зад себе? Така и овој пат, џезот си презеде мисија да даде и хумана порака.
Скопскиот џез фестивал и годинава, во соработка со УНХЦР, упати гласен апел за емпатија, сочувство со неправедно и насилно раселените, обездомените, обезнадежените… И на сите во саботната вечер им подели платнени торбички со пораката за солидарност со бегалците.
Поразително беше да се слушне дека во светот има дури сто милиони бегалци без свој покрив над глава, а 7,7  милиони од нив од Украина се директно наши браќа, како што ги нарече директорот Белопета.

Време е за седум дена џез!

Десет реномирани состави од САД, Бразил, Европа и Македонија музицираа во салонот на Националната опера и балет и во Младинскиот културен центар, од 13 до 16 октомври 2022. Ексклузивни настапи на дел од најголемите имиња на современиот џез и креативната музика денес.

https://www.facebook.com/skopjejazzfest/

Освен музичарите, тука беа и традиционалните гости, фотографот Жига Коритник од Словенија и новинарот Цветан Цветанов од Софија.

На прашањето на Оливер Белопета од бина дали догодина фестивалот да остане во четири дена, да се прошири на пет или да се намали, и го снема, публиката извикна-сакаме седум дена џез. Сакаме!

***

И, што нѝ останува како задоволство и надеж за догодина? Да очекуваме повторно ваква квалитетна програма, и да си ја повторуваме стиховите кои специјално за нашиот фестивал-дијамант ги напиша познатиот поет Владимир Мартиновски:

Со векови ветрот упорно нѝ шушти:
Грабнете гитари, баталете пушки,
Со харфи и труби милувајте души,
Со флејти и конги терајте си журки.

Со векови реката слухот нѝ го гали:
Песната секој бол знае да го смали,
Кога надоле сè ве влече и мами
Нагоре итајте по музички скали.

Време е за џез!

 

Валентина Ѓоргиевска Парго
Фото Зденко Петровски ЗдеПе

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.