Светската оперска сцена од денеска посиромашна-замина оперската дива Џеси Норман

1064

Џеси Норман, во својата 74 година од животот денеска си замина од овој свет. Славната оперска дива која со својот раскошен глас ги красеше многу оперски сцени но и значајни светски настани, ја започнала својата кариера уште  како дете кога пеела госпел во црковниот хор.Таа со години ја градеше оперската кариера низ Европа, пеејќи за германски и италијански оперски куќи. Од 1962 година, дебитирала во операта во Филаделфија, а следната година ја освоила и славната опера „Метрополитен”. Во средината на 80-тите стана меѓу најбараните сопранистки во светот.

Норман, пееше на втората ингурација за американските претседатели Роналд Реган и Бил Клинтон, но и на отварањето на Летните олимписки игри во 1996 година, како и на Меморијалот за жртвите од нападите на 11 септември, во 2002 година.

Има освоено четири Греми награди, Греми за животно дело, како и признание од центарот „Кенеди”.

И Фестивалот „Охридско лето”  жали за големата загуба, смртта на американската оперска дива, Џеси Норман(74) која ќе остане запишана во фестивалската историја како една од најголемите ѕвезди кои настапиле на сцената од „Охридско лето”.

Големите личности  секогаш имале посебно место на сцената на „Охридско лето”.  Вечно ќе и  бидеме благодарни на најголемата светска ѕвезда во музичката уметност која на 48-то „Охридско лето” одржа концет за паметење, велат во нивното соопштение.- “Нејзиниот раскошен глас остави печат на величина на уметник што го вивна фестивалот далеку на врвот меѓу најдобрите, ги помести границите на врвната уметност која може да се доживее на нашата сцена, ги урна рекордите на посетеност…. Таа ѕвездена ноќ насловена „ Од Америка со љубов” ќе остане засекогаш во фестивалската историја на „Охридско лето” како еден од највеличенствените и најексклузивните настани на Античкиот театар“.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.