Огнено крштевање на Натали Зарин- газела со кристален глас!

424
Exif_JPEG_420
Скопје,
28.03.2023 година
Натали Зарин е име кое треба да го запаметите. Таа е од Штип. Дипломирала под менторство на маестро Борис Трајанов. Настапила на високи музички точки, а дури вечерва имаше огнено крштевање дома, пред своја одбрана публика, во случајов сочинета од новинари и обожаватели, пред кои се претстави во клубот Станица 26 со концертот „Рапсодија 26“ . Вечерва беше вистинско уживање да се слуша нејзиниот концертен настап.
“Светска а наша” со полно право би бил оној вообичаен и најкус опис, но чинам ќе треба многу повеќе да се каже, доколку Натали е решена да оди по свој зацртан сценски пат.
Нејзината биографија е навистина импресивно богата во однос на нејзините млади години, и до оваа вечер непозната за нас.
Еве, најпрво да ја претставиме преку основните податоци за неа- откако го оформила своето високо музичко образование кај маестро Борис Трајанов, кој е нејзин ментор, таа малку прошетала натаму- наваму низ меридијаните. На пример, се доусовршувала на приватниот истражувачки универзитет Музичкиот конзерваториум „The New School“ во Њујорк, а има посетувано и часови по глума во Студиото на Ивана Чабак во Лос Анџелес (2016/2017).
Минатата година, за време на нејзиниот престој во Париз, настапувала во клубот „Le Piaf“ и во прославениот кабаре бар „Boeuf Sur le Toit“, оттука вечерва (не) нѐ изненади нејзиниот совршен француски акцент при пеење.
Во САД имала неколку настапи во живо, како на пример настапите во  „Town Hall Ptown“, „Tin Pan Alley late night show“ и на „Училишна ноќ“ во Лос Анџелес.
Кај нас има настапувано и со оркестарот на Национална опера и балет во Скопје.
Натали е вистинска газела на сцена со одмерени, но лесни и грациозни движења. Со многу грациозност, а без нималку ексцентричност, таа не се експонира како фигура, најмногу простор му отстапува на својот кристален глас и тоа делува многу слатко и симпатично. 
Она што го изведе вечерва беше во придружба  на одличните и сѐ попопуларни музичари Никола Бочваров на бас гитара, Александар Ванчовски на тапани, Петар Лукиќ, клавијатури и Иван Петровски на гитара. Тамара Тодевска беше дојдена да ја слуша својата помлада колешка.
Еве и дел од репертоарот што го изведе и нѐ остави без здив, музичкото патување беше отворено со оригинална музика од Авиа (интрументална верзија). Потоа следеа славни песни во кристална изведба на талентираната вокалистка:  „Gabriel“, „I feel love“, „Forever more“, “Fever”, „Born to die”„Dont cry for me Argentina”,  „La bohème“, “Walk A Mile In My Shoes”, “I will survive”, „It s not right, but it s ok”…
Сѐ од доживувањето вечерва, сиот впечаток може да биде сместено во еден единствен заклучок: Таа стапнува на сцена! 
Добредојде Натали!
 
Валентина Ѓоргиевска Парго 
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.