Промоција на цд на Филип Букршлиев трио

46

Во пресрет на 42. Скопски џез фестивал (19-22 октомври), петок, 13 октомври, 19.30 часот во Аудиокултура (ул. Хелсинки 13) ќе се одржи промоција на новото (50) CD-издание на SJF Records, албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ на Filip Bukrshliev Trio.

Станува збор за 9 композиции кои ѝм пркосат на конвенционалните обрасци за стилска и жанровска дескрипција, резонирајќи во блескавите лавиринти на инспирација на нивниот креатор, чудесниот гитарист и композитор Филип Букршлиев. Албумот „All the Sad Words in the Beggar’s Dictionary“ претставува своевидна звучна сеанса, која ги повикува слушателите да ги дешифрираат неговите таинствени кодови. Оваа сонична загатка го спојува церебралното со висцералното, предизвикувајќи го слушателот да го декодира нејзиниот криптичен јазик и да ја прифати нејзината внатрешна дисонантна убавина.

Триото го сочинуваат: Филип Букршлиев (гитара), Андреа Мирческа (контрабас) и Славчо Коцев (тапани и перкусии), а на албумот гостува и Констатин Хаџи Коцев (пијано и синтисајзер). Композициите се снимени, миксани и мастерирани во април годинава од Ивица Јанкуловски во скопското студио „Алшар“. Дизајнот на омотот е дело на Филип Коруновски. Извршен продуцент на изданието е Оливер Белопета.

Промоцијата, којашто е дел од придружната програма на 42. Скопски џез фестивал, ќе биде зачинета со мини- настап во живо, во кој триото на Филип Буркшлиев ќе претстави дел од материјалот на новиот албум.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.