Today It’s All About Jazz Vol 7. – 11 часовен фестивал на насмевки

48
(Кон џез хепенингот по повод Меѓународниот ден на џезот кој се одржа во неделата, 30 април, во паркот Ибни Пајко)
5 Мај 2023 година
Дека џезот е музика која не познава никакви граници и предрасуди покажа и докажа и
овогодинешното издание на целодневниот џез хепенинг под наслов Today It’s All About Jazz кој
годинава се одржа по седми пат во организација на Здружението за џез музичари и слободни уметници – ЗЏМ Скопје. Поучени од минатите години и веќе со доволно искуство зад себе, ЗЏМ успеа да организира настан за паметење, хепенинг кој резултираше со прекрасни насмевки на лицата на сите посетители кои останаа таму за време на целиот фестивал. Од насмеани лицa на најмалите посетители, до лицата на највозрасните сериозни љубители и почитувачи на џез музиката и културата воопшто кои блескаа од задоволство, беше воочливо дека фестивалот успеа да понуди квалитетна програма која одговори на актуелните трендови и концепти во музиката, и секако на истенчените вкусови на публиката.
Настанот започна со пороен дожд, но тоа не беше пречка за исклучителниот пијанист и
композитор Гордан Спасовски да ги собере и засолни сите присутни деца на сцената и заедно со нив да создаде вистинска магија. За половина час овие дечиња веќе ја пееја композицијата која беше создадена на лице место и научија нови работи за џезот, и за музиката воопшто.
Дека во нашава земја има и повеќе од талентирани млади музичари докажаа членовите на младинскиот џез состав– Петар Марков – Маруш (гитара), Симеон Будро (бас) и Давид Ѓоргиев (тапани), заедно со нивните гости, за чиј настап сè уште се зборува. Овие млади луѓе се вистинско освежување на македонската џез сцена и треба да сме среќни што во нашата земјаима толку млади, а толку талентирани џез музичари кои многу скоро ќе прераснат во идни носители на главните збиднувања на џез сцената и носители на културата кај нас, како и да се надеваме дека нивниот талент ќе биде препознаен и надвор.
Нежните звуци на боса новата и традиционалната бразилска џез музика, пренесени преку џез составот со име Акварела, ја разиграа публиката во паркот Ибни Пајко која во ниту еден момент не успеа да остане рамнодушна на изведбите на Јани Костурски – вокал, Павел Ренџов – тапани, и парот добро познати музичари на Македонската сцена: Ѓоко  Грујовски – гитара и Маја Капсарова- бас. Никола Бочваров безрезервно ја искажа целата своја музичка зрелост која произлегува како резултат на неговата долгогодишна обемна работа и неговото богато музичко искуство. Овој пат Бочваров, кој на публиката ѝ е познат како еден од најактуелните и највпечатливите басисти кај нас, го презентираше својот најнов материјал, албумот “Гласна тишина,” издание на ЗЏМ Рекордс, во кој се јавува како комплетен автор на композициите. Тој на сцената настапи со Стефан Алексовски – клавијатура, Иван Петровски – гитара и Благоја Антовски – тапани, истакнати музичари, достојни да го доловат уникатниот звук на композициите на Бочваров.
По настапот на Никола Бочваров Квартет следуваше настапот на триото на гитаристот и
композитор Филип Динев, кое покрај него ги вбројува Тилман Обербек на контрабас и Јан
Цајмец на тапани/перкусии. Триото кое настанува во Хамбург, претставува еден од
најавтентичните и најактивните музички џез состави во регионот чија музика е
комбинација на џез, балканска и класична музика, а на фестивалот македонската публика имаше можност да ужива во нивниот современ звук.
Проектот Запа на ЗЏМ Биг Бенд оркестарот беше изведен за прв пат уште за време на
короната, во едни стегнати услови во кои како да не беше сосема возможно да се
ослободи сета енергија која ја вложија во овој проект членовите на ЗЏМ биг бендот и
маркантните солисти Калина Велковска и Сашо Гигов – Гиш. ЗЏМ како да ѝ го должеше
овој концерт на пошироката публика, па самиот настап беше пречекан со овации, а
насмевките на лицата на посетителите останаа до самиот крај. Биг бенд аранжманите
музиката на исклучително оригиналниот американски музичар, сатиричар, гитарист текстописец  и пејач, Френк Запа, направени од страна на Ед Палермо и Николас Рид, звучеа и повеќе од одлично за што придонесе и гитаристот Зоран Костадиновски, како и останатите солисти Кирил Кузманов – саксофон, Трајче Велков – труба, Иван Иванов – саксофон, Сашко Николовски – тромбон, Гордан Спасовски – пијано, Кирил Туфекчиевски – контрабас. Совршената енергетско – вокална  комбинација Калина – Гиш, пак, уште еднаш ја собори од нозе целата публика, а овој пат концертот го диригираше матичниот диригент на биг бендот,маестралниот диригент, композитор  и мултиинструменталист, Џијан Емин, кој доста сигурно ги држеше краевите на целата таа  космичка изведба, внесувајќи ја безрезервно својата луцидност во изразот.
Веднаш по биг бендот следеше настапот на триото на Јуре Пукл – словенечкиот џез-
музичар (тенор и сопран саксофон, бас кларинет, композиција) кој свири модерен џез.
Покрај Пукл во триото членуваат и Марко Црнчец (еден од најпознатите современи
музичари и најреномираните словенечки музичари, со седиште во Њујорк кој на
меѓународната сцена, е познат како мултиинструменталист, композитор, аранжер и продуцент кој лесно се движи низ жанрови, особено низ џез, класична и популарна
музика) како и Крис Смит кој е професор на Универзитет за музика и изведувачки
уметности Грац, Австрија, но редовно настапува и на њујоршката сцена како дел од Биг Бендот Birdland. Беше повеќе од очигледно дека станува збор за исклучително едуцирани
музичари кои сето свое знаење го имаат пренесено преку своите комплексно
конципирани композиции и неверојатната виртуозност со која беа изведени истите.
Триото на Јуре Пукл направи публиката да се почувствува како да се наоѓа на настап во
некој од њујоршките или европските џез сцени.
Како заокружување на целиот џез хепенинг беше настапот на нигерискиот пејач, гитарист,
композитор, аранжер и мултиинструменталист Адедеџи кој овој пат настапи со македонски џез музичари кои совршено го доловија афро-битот кој доминира во неговата музика, зачинет со примеси на соул, џез, блуз, фанк и традиционална јорупска музика. Пораките кои ги носат композициите на Адедеџи соодветствуваат со пораките кои ги испраќа Меѓународниот ден на џезот и пропагира еднаквост и почитување на правата и  идентитетот на другиот, но алудира и на навраќање на корените и традицијата.
И за крај, слободно можеме да кажеме дека ова издание на Today It’s All About Jazz беше
и повеќе од успешно, и од аспект на квалитет и разновидност на програмата, и од аспект
на организација, што докажаа тие беспрекорни насмевки во публиката. Ова е она кон што
треба да се стремиме кога станува збор за организација на културни настани – квалитет
наспроти комерцијалност, и едукација и создавање на нови генерации на слушатели.
ЗЏМ повторно одговори на предизвикот да организира хепенинг кој го промовира мирот
и слободата на изразување, дијалогот меѓу културите, различноста и почитувањето на
човековите права и човечкото достоинство, наспроти дискриминацијата и нетолеранцијата- она за што го промовира и меѓународната организација на Меѓународниот ден на џезот, УНЕСКО и амбасадорот Херби Хенког.
Едвај чекаме уште еден фестивал на насмевки  од сите генерации!
Автор: Марина Туфекчиевска
Фотографии: Maja Аргакијева
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.