Следува хортикултурно уредување на старата депонија кај Сува Река

17

По затворањето на старата депонија во Гевгелија, кај Сува Река, следува хортикултурно уредување на локацијата. Изминатиот период, беа преземени активности за целосно затворање на старата депонија која не ги исполнуваше еколошките стандарди и предизвикуваше проблеми на граѓаните на општина Гевгелија со честите запалувања на депонираниот комунален отпад. Активностите за ревитализација и целосно затворање на депонијата започнаа со изградба на уште еден потпорен ѕид од северната страна на Сува Река, резервоар за собирање на исцедокот од отпадот и покривање на отпадот со геотекстилна мембрана и речна песок. Останува уште хортикултурното уредување по целата површина. На ревитализацијата на старата депонија, претходеше целосно остранување на комуналниот отпад, кој по затворањето на дивата депонија, се депонира на Новата времена депонија кај Ново Конско.
Проектот за затворањето и ревитализација на дивата депонија кај Сува Река се реализира со грчки грант, односно, неискористените 420.000 евра доделени од Грчката влада, за изградба на прочистителната станица кај Сува Река, согласно потпишаниот трилатерален договор меѓу Швајцарската, Грчката и Македонската влада. По изградбата на овој капитален проект, меѓу Министерството за животна средина на РСМ, Швајцарската агенција за развој, преку која се реализираше најголемиот дел од донираните средства за прочистителната станица и Грчката амбасада, во нашата земја беше постигнат договор преостанатите средства од грчкиот грант да бидат наменети за затворање и ревитализација на дивата депонија кај Сува Река. За што Министерството за животна средина распиша тендер, а изведувачот веќе реализира поголем дел од предвидените активности.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.