Законот за урбано зеленило во рацете на пратениците

55

Измените на Законот за урбано зеленило се предадени во рацете на пратениците од Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, на денешниот состанок во Парламентот. Претставени беа дополненијата на предлог-измените, кои произлегоа од состаноците со сите релевантни институции и струкови организации, кои дадоа поддршка за измена на регулативата што го засега урбаното зеленило во процесот на неконтролирана урбанизација на македонските градови. Целта на законот е да се спречи уништувањето на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите.
Од Интерпартиската група беа присутни Велика Стојкова Серафиновска и Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ, со искажана поддршка и од други пратеници од различни политички партии, како Ненад Коциќ од СДСМ и Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, кои не беа во можност да присуствуваат поради одржувањето на комисиски расправи во исто време. Од експертскиот тим беа присутни Лилјана Поповска од Зелен институт, Татјана Чакулев, координаторка на групата од граѓанскиот сектор и Кирил Ристовски од Флорозон.
Измените на Законот за урбано зеленило поминаа транспарентен процес кој започна со јавна дебата во Градот Скопје на 6.7. пред широк аудиториум на засегнати страни и медиуми, а пренесувана во живо на социјалните медиуми. Потоа следеше широка јавна дискусија и средби и лобирање во Градот Скопје, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за транспорт и врски, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, како и широк круг експерти и граѓански еколошки организации и поединци (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба, Борба за Влае, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.). Конечно, измените на Законот за урбано зеленило беа усогласени на Вториот состанок на Работното тело што се одржа на 27.10. во Градот Скопје.
Со измените на Законот за урбано зеленило, донесен 2018, ќе се обезбеди усогласување со Законот за урбанистичко планирање, Законот за градење и Законот за прекршоци, преку: усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени; дополнување на Законот за градење заради усогласување и обврска да не се издава градежна дозвола без исполнета норма за зеленило.
Овие предлози призлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти.
Предлог-измените на законот беа иницирани во рамките на проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, под водство на Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.