Сте слушнале за ресенска Иванка, најславната кукла од традицијата?!

Ресен, 7 јули 2024

Ако овие два дена прошетате по фејсбук профилите на ресенчани, особено оние со стар градски корен, ќе наидете на многу постови кои ќе го заскокоткаат вашето љубопитство, откако ќе прочитате со каква носталгија а истовремено и со градска гордост, тие се сеќаваат на најголемиот празник во градот и адетот кој се прави на Иванден, што е една оригинална и уникатна традиција.

Пред да објасниме за што станува збор, во оригинал на дијалект ви го пренесуваме постот на ценета ресенска госпоѓа Јованка Таневска, стара граѓанка и позната некогаш по својата убавина, а отсекогаш по својот градски дух и култура.

Таа, на 6 јули ќе напише за да прочитаат  нејзините пријатели:

“Денес се потсетив на времето кога бев девојче па и поголема. Како денес пред Иванден рано наутро се збиравме сите деца во мојата мала (Табаковци, Волкановци, Мушевци и др.) Одевме од куќа до куќа да береме масло, брашно, шеќер, пиперки, патлиџани, кромид и грав и најчесто готвеа Цена, мајка ми Јорда Паца, Нада, Ленка.

Ке свареа грав во големо тенџере (ко за ајвар), и тави капами со ориз и ќе направеа посни колачки.

Три девојчиња со ѓум без да прозборат одеа да полнат вода од три чешми Доча, Влашка Горна влашка чешма.

Во ѓумот стававме прстенчина за желби, а машките одеа да берат боливач, зошто Иванката се правеше од тоа цвеќе.

Квечерината жените ќе наредеа маси во улицата кај Волкановци на чело Иванката пеевме песна за неа. Од дома си носевме пајнци (чинии) и лажици, и првин седевме децата да вечераме, па сетне сите мајки, баби. После тоа не качува на трактори со преколици, брат ми Гакија и сега починатиот Санко и ги шетаа околу Ресен децата. Беше прекрасно не можам да кажам колку беше гравот вкусен иако различен и оризот- капамата. Знам дека постов е голем, но морам уште и два три збора нашата Иванка секоја година беше најубава, се сетив и на песната што се пееше: Иванден Иван девојко качи се горе на диван да видиш чудо големо, дали е сено косено или е жито пожнато. Нити е сено косено, нити е жито пожнато, но во чаршијата имаше дуќанче каде се шиеја фустани и на Иванки даваа. Толку се сеќавам од песната. Многу ни беше убава малата (малото н.з.) и жалам за тие времиња”, ќе запише госпоѓа Таневска.

 

 

Славица Гаџова Свидерска, претставничка од помладата генерација пак се потсетува како тоа изгледало во нејзини очи :

-Денес се потсетив на уникатната ресенска традиција за Иванден. Ах, детство! Сплотени деца од маалото, собиравме по куќи: “За Иванката брашно, за Иванката масло, за Иванката јајца…” и кога ќе се собереше зајрето, една од бабите или мајките правеше колачи.Потоа се изработуваше кукла – Иванка: долниот дел од ѓум полн со билје (боливач), и вода наполнета од три градски чешми, а главата и ја правевме од платно и ја цртавме најубаво што можевме, ја китевме со бисери, ланчиња и белегзии, пеејќи ја “Иванден Иван девојко, качи се горе на диван”…Цело маало, сите комшии се собираа на доцен ручек – гравче (доаѓаа буквално сите, од најмлад до најстар, на импровизирана маса од гајби за јаболка) а вечерта се палеа барски трски покрај Иванката. Сите пееја и танцуваа до доцна во ноќта покрај запалените трски. Никогаш нема да ја заборавам таа радост, таа сплотеност, тоа заедништво…Чувајте ја традицијата, така се чува љубовта”, подвлекува младата девојка.

***

Оваа традиција отсекогаш се случуваше во најстарите градски сојови (во дворовите на нивните куќи).

Се собираше цело маало, независно од која вера и нација е (всушност, во Ресен сите празници се славеа заедно), и почнуваше уметничкиот дел.

Се земаше старо ѓумче за вода, се полнеше со вода од три „живи“ чешми во која се фрлаа прстенчиња и белегзии (а потоа водата се користеше преку цела година, за да се напрска некој кого го боли главата), се обвиваше телото на ѓумот со боливач, а боливач се сушени гранчиња од камилица, и од боливачот се импровизираа раце на куклата, па на рацете ѝ се ставаа или ракавици или чорапи.

 

(архивска фотографија од славењето во маало)

За фустанче платно или останато материјалче од кај некоја шнајдерка, а за глава се ставаа парталчиња завиткани со бело платно, и се црташе лицето со силна шминка- се нацрвуваа усни со дреч црвен кармин, руж на образите и очи исцртани со креон и римел. Косата на куклата беше од волница.

Потоа со Иванката се поминуваше по куќите во маалото, се собираа или пари, или продукти, и од собраното се правеше ручек за сите деца од маалото. Се служеа и најубавите „колачки“, ванилички, кои беа составен дел од секое Иванденско славје.

Кога се одеше да полниме вода не требаше да зборуваме по пат, наводно да не чујат и да не се пробудуваат злите духови.

Интересно беше и вртењето и прошетката на Иванката низ град, таа на средина, а децата од маало од страна носеа факели од трски. Иванката се шеташе по главната улица и до корзото, за сите да ја видат.

Потоа долго се зборуваше чија Иванка била најубава. Беше престиж да се направи најубавата Иванка.

Иванката беше толку црвена во усните и образите, што во Ресен и ден денес за некоја нападно нашминкана жена, знаат да речат- Како Иванка е!

Од пред некоја година е востановена е и манифестација на ниво на општина, да се прави ревија на кукли кои треба да асоцираат на Иванки и да се избира најубавата ресенска Иванка. А еве и фотографија како денес изгледа современата Иванка.

Сепак оригиналната Иванка одамна е најславна и ненадмината.

 

Валентина Ѓоргиевска Парго

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.