Костадиновска- Стојчевска се обрати од Париз

31

Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска денеска се обрати на 42. Генерална конференција на Организацијата на Обединетите нации за образование, наука и култура, која од 7 до 22 ноември се одржува во Париз.
На дебатата за генералните политики на Организацијата, Костадиновска-Стојчевска го изрази своето убедување дека оваа конференција, која се одржува во пресрет на 78-та година од раѓањето на УНЕСКО, чија мисија е и градење култура на мир и меѓукултурен дијалог, е вистинското место и време за разговор.
„Мојата земја го има благословот наречен Охридски Регион, кој пред 44 години УНЕСКО го впиша на престижната листа како едно од триесет и шесте светски културни и природни добра со универзална вредност“, рече Костадиновска-Стојчевска, потенцирајќи ја континуираната и одлична соработка со Центарот за светско наследство и со советодавните тела во заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
„Комитетот за светско наследство ги препозна и ги уважи нашите напори, како и заедничките напори со Република Албанија, за зачувување на охридската убавина. Македонските и албанските експертски тимови заедно изготвија Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план. Овој наш потфат беше високо вреднуван од Комитетот и протолкуван како потврда за нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и за интензивна соработка со УНЕСКО“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека иако многумина улогата на УНЕСКО ја поврзуваат само со престижниот статус на Охридскиот Регион, на Тентативната листа на УНЕСКО е впишана и монументалната црква од 12 век „Свети Ѓорги“ од Курбиново, и додаде дека реставрацијата и конзервацијата на овој посебен бисер со монументална вредност се при крај.
Зборувајќи за актуелните случувања во светот, Костадиновска- Стојчевска рече:
„Како никогаш досега, потребно ни е единство на добрите луѓе и гласност на разумните.
И тука ја препознавам силата и големината на мисијата на УНЕСКО. Овој трезор на најубавото создадено од природата и од човекот, има авторитет, има право и должност да нѐ мобилизира под закрила на својата благородна мисија“.
Во своето обраќање Костадиновска-Стојчевска рече дека по заразата од пандемиски размери, денеска светот во третата декада на 21 век се соочува и со две војни, климатски промени, лажни вести, дигитална трансформација на општеството, развој на вештачката интелигенција.
Во тој контекст, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска рече дека сега е вистинското време за вистински разговор, „зашто на светот како никогаш досега му е неопходно генерално преиспитување (re)Thinking“.
Костадиновска- Стојчевска ги истакна важноста и континуитетот што нашата држава ги има преку соработката со Светската организација како членка која веќе 30 години активно придонесува во спроведувањето на мултилатерналните културни политики во светот.
Видеообраќањето на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на 42. Генерална конференција на УНЕСКО може да го проследите на следниов линк:

***

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на маргините на 42. Генерална конференција на УНЕСКО, се сретна со својот бугарски колега, министерот за култура Крастју Крастев.

Во пријателска атомосфера, на средбата стана збор за традиционално добрата и континуирана соработка меѓу двете држави, која се одликува со размена на голем број проекти и активности. Соговорниците се согласија дека културата е мост на пријателство меѓу двете држави, а во таа насока треба да продолжи соработката и во следниот период.

На средбата беше истакнато дека билатералните средби на министерско ниво говорат за квалитетот на соработката меѓу институциите и реализација на големи настани од регионално значење, како што беше изложбата за јубилејот на локалитетот Требениште, која наиде на одличен интерес кај бугарската јавност, како и претстојната „Сребрена Тракија“, која следната недела ќе биде отворена во Археолошкиот музеј во Скопје.

Беше истакната и соработката на институциите од двете држави, како и размената на проекти на Националната опера и балет и Велешкиот театар со сродните институции во Бугарија.

Стана збор и за добрата комуникација што ја имаат Културно-информативните центри во Софија и во Скопје, како и за идеите за поинтензивна промоција на македонската и на бугарската култура, имајќи предвид дека годинава се прославуваат 20 години од постоењето на македонскиот КИЦ во Софија.

Костадиновска-Стојчевска и Крастев разговараа и за активностите поврзани со процесите на УНЕСКО и за идните можности за соработка во рамките на иницијативите на Организацијата. Беа разгледани и можностите за техничка поддршка во процесите од областа на културата за имплементирање на проектите на евроинтеграцискиот пат на нашата држава.

***

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на маргините на Генералната конференција на УНЕСКО во Париз се сретна со министерката за култура и медиуми на Хрватска, Нина Обуљен Коржинек.

Во конструктивна атмосфера беше потенцирана одличната соработка во културата на билатерален и на мултилатерален план помеѓу двете држави.

Акцент беше ставен на високото ниво на соработка особено помеѓу националните комисии на УНЕСКО и заедничките проекти, како што е проектот „Образование за холокаустот и меѓукултурното разбирање во Југоисточна Европа: обновување на екс-југословенскиот павилјон во Аушвиц-Биркенау“, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Италија.

„Продолжуваме со сите регионални иницијативи како и со силна меѓусебна поддршка на проектите на Регионалните мрежи на националните комитети на Меѓународниот совет на музеите – ИКОМ и на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС“ – истакна Костадиновска-Стојчевска.

На средбата стана збор и за иднината на регионалните иницијативи и улогата на културата во евроинтеграциските процеси. Беше истакната улогата на македонскиот КИЦ во Загреб за унапредување на меѓусебните односи во културата, и зацврстување на врските со македонската заедница во Хрватска.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.