Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Сите сме во кругот“

43

13.11.2023

Натпревар за нов рецепт за ѓеврек „Сите сме во кругот“ во организација на АРНО, беше промовиран денеска во средното угостителско училиште „Лазар Танев“. Напреварот е отворен до 5-ти декември, целосниот повик е достапен овде. Натпреварот се спроведува во рамки на проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ .
Правилата на напреварот нагласуваат дека намирниците од кои ќе се прават ѓевреците треба да се тежнее да се од локално потекло. Победникот од финалето ќе има задолжение да ги научи младите ученици (готвачи и пекари) како се подготвува рецептот. Освен благородната задача, натпреварот предвидува награда во вредност од 200 евра за пишаниот победнички рецепт, и надомест во вредност од 200 евра за одржаните обуки (2) за учениците. Право на учество имаат сите жители од Скопски плански регион, со наполнети 18 години. Граѓаните се повикани да пратат рецепт со кој ѓеврекот ќе го задржи својот кружен облик, но ќе понуди нови вкусови и текстури.
„Веруваме дека Скопјани се креативни, и ова е нашиот прв гриз подлабоко во зелено социјално претприемништво. Има голема симболика зошто токму ѓеврек. За сега сакаме да пренесеме дека сите сме во кругот. И треба да се гордееме со традицијата, но мора и да иновираме. Мора да купуваме локално, да јадеме локално, да мислиме на животната средина, и да мислиме на нашата иднина. Во периодот кој следи АРНО планира да донесе една нова економска теорија, но за тоа, одиме залак по залак. За почеток, ајде да измислиме ѓевречиња со нови вкусови“ изјави Ирина Јаневска од АРНО
„ Денес ја официјализираме повторната соработка на училиштето со АРНО, која трае 10 години. Јас искрено се надевам дека овој проект ќе биде успешен, затоа што се занимава со една традиција, а пробува да иновира. Се може да се смени. Ајде да видиме колку ќе бидеме креативни.“ изјави Небојша Вуковиќ, директор на СУГС „Лазар Танев“.
„ Иако јас сум ученик и ќе бидам дипломиран готвач сакам да ги повикам сите да поиграат со тесто и да смислат нешто ново. Нашата земја има многу намирници. Може место сусам да се стави сончоглед, или намаз од сирење, или свеж зелечнук. Да се готви значи да се биде креативен.“ изјави Никола Марковски (15г), ученик-готвач
„ Јас сум млад готвач и свесен сум дека откога ќе завршам училиште директно одам да работам. Вакви проекти ми се интересни затоа што учиме не само да готвиме, туку и како да направиме CV, како да преговараме за подобри услови, за плата, за напредок. Сакам на сите да им кажам дека ние што работиме со храна треба да сме поценети. Храниме луѓе, се грижиме да е се вкусно и да бидат сити. Навистина е кул да си кулинар, и ете, скопјани сега можат да се покажат и да се пријават со рецепт“. изјави Давид Крстевски (17г), ученик-готвач
Проектот „Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ е инспириран од плодната соработка помеѓу АРНО и СУГС „Лазар Танев“ која трае од 2013-та година. Проектот е инспириран и од потребите да се подобри имиџот на стручното образование, да се охрабрат младите готвачи и пекари за кариерен развој и да се подготви терен за ново социјално претпријатие.
„Кулинари во акција – социјално претприемништво за импакт“ е иницијатива на АРНО, која се имплементира во соработка со СУГС „Лазар Танев“- Скопје. Оваа иницијатива се спроведува со поддршка од Европската Унија* во рамки на проектот „Младите – агенти на променa“ кој го спроведуваат Центар за Интеркултурен Дијалог, Сојуз на извидници на Македонија и Центар за истражувања и анализи НОВУС.
Проектот се фокусира кон подобрување на вештините и знаењата на учениците од СУГС „Лазар Танев“ преку презентирање на концептот на социјално претприемништво, подигање на свеста за социјално претприемништво, неформално образование, мотивирање на учениците за кариерен развој, промовирање успешни приказни од кулинарски социјални бизниси, и сето ова со ГОЛЕМ акцент на еко-практики во овие области.
*Содржината на овој документ е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата на Европската Унија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.