Тридневен “Божиќен базар” и дефиле „Чекориме заедно“ во Гевгелија

161
Во организација на Кралските Извидници од Гевгелија, од 3 до 5 декември, на јавната површина (тревниот парк) пред Народниот театар, ќе биде поставен извиднички логор за дружење и нови искуства за дечињата и тинејџерите од општина Гевгелија.
На овој тридневен настан, насловен како „Божиќен базар“, во петокот и саботата (3 и 4 декември), ќе бидат одржани и извиднички работилници со натпреварувачки карактер и тоа за: јаже и јазли, прва помош, ракување со алати, врзување и ориентација. Победникот на извидничките работилници ќе биде
прогласен на свечената манифестација, добивајќи специјална награда, на 4 декември, во Големата сала на Народниот театар Гевгелија.
На која ќе биде презентирана и Програмата на Кралските Извидници, а свое обраќање ќе имаат Националниот Командант на Кралските Извидници од Гевгелија и Командантот на Одредот 421 од Билефелд, Германија. По што ќе следи коктелска дружба. Во недела, на 5 декември, продолжува дружбата на извидничкиот логор пред Театарот со кафе, чај и вафли.
Организаторите на овој несекојдневен настан велат дека атмосферата ќе биде божиќна, исполнета со музика, сакајќи за момент да ги стоплат срцата на присутните, со надеж за подобра иднина во пресрет на подготовките на новогодишните и божиќните празници. Имено, упатуваат покана до сите сограѓани да бидат дел од извидничкиот логор и „Божиќниот базар“, со напомена за задолжително почитување на КОВИД-19 протоколите и мерките за заштита (маска и дезинфекција на рацете).
***
 По повод Светскиот ден на лицата со попреченост- 3 Декември, Здружение на граѓани, Национална Алијанса за лица со посебни потреби Гевгелија Центар „Мајка Тереза“, на 3-ти декември, со почеток од 11 часот ќе организираат дефиле под мотото „Чекориме заедно“. Почетокот на маршот ќе биде пред
општинската зграда, а крајната точка е пред Народниот театар. Додека трае маршот, по улиците учесниците ќе оставаат пригодни пораки.
Пред Театарот, заеднички настап ќе имаат корисниците на Центар „Мајка Тереза“ и Дневен Центар Гевгелија со изведба на песната „Секој“, по што обраќање ќе имаат претседателот на ЗГ НАЛПП- Центар „Мајка Тереза“, отец Димитар Ташев, и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Потоа ќе биде прочитана литературна творба од ученик по повод 3 Декември, по што излагање на дел од правата на лицата со попреченост ќе имаат корисниците од Центар „Мајка Тереза“.
Програмата ќе заврши со базар на изработки од корисниците на Центар „Мајка Тереза“. Собраните средства од базарот ќе бидат наменети за одржливост на Центарот.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.