Вечерва почнува 11-то издание на единствениот филмски фестивал “Џифони“ со италијански филм „Вратената“

65

Единаесеттото издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифоини Македонија“, ќе биде отворено вечерва во 19 часот во киното „Милениум“ во Скопје, со проекција на филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито. Проекцијата е од отворен карактер и не е наменета само за учесниците на фествалот. „Вратената“ е снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио. Улогите ги толкуваат: Аурора Барули, Карлота де Леонардис, Фабрицио Феракане, Андреа Фуорто и други. Филмот во 2022 година ја добил наградата за најдобро адаптирано сценарио на италијанските филмски награди „Давид ди Донатело“.

На отворањето ќе се обрати амбасадорот на Италија во Скопје, Н.Е. Андреа Силвестри.

 

Повеќе од 550 учесници од девет земји од денеска ќе бидат дел од 11. издание на „Џифони Македонија“. На добро познатите локации – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ до 10 октомври џифонци ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учествуваат на креативни работилници. Утрово јуниорите, односно основците го започнаа својот прв ден во Кинотеката, а средношколците ќе ја започнат својата програма утре во Младинскиот културен центар.

Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот се очекуваат 40 учесници од: Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција.

Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (6 до 9 одделение), јуниори (I и II средно) и сениори (III и IV). Ќе проследат 35 краткометражни и анимирани филмови.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите),  рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите).

Ќе бидат реализирани девет работилници – 3 за јуниори и 6 за кадети и сениори.

Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проектот за промоција на мирот преку креативност кај младите (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity), поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата која има за цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамките на 11. издание на „Џифони Македонија“, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права, преку филм, уметност и култура и активно вклучување на младите во создавањето на филмски и уметнички остварувања кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика.

Во рамките на ЕПИК ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца од регионот, а во понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учениците од Умберто Примо“.

Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од Македонија, „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема медиумска писменост, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот Filmthusiast. Крстевска истакна дека како фестивал, „Џифони Македонија“ индиректно им помага на младите да дознаат со какви сѐ професии можат да се занимаваат, преку успешни примери од луже кои се осмелиле да го следат својот сон.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од: Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, како и од Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.