Промовирана книгата „Оризот во поезијата“

53

Во четвртокот, во библиотеката „Искра“ во Кочани, беше промовирана книгата „Оризот во поезијата” од м-р Љупка Стојменова и м-р Коце Стојменов. Настанот се одржа во рамки на традиционалната манифестација Денови на кочанскиот ориз.

Станува збор за избор од поезијата на македонски и странски поети кои престојувале во Кочани, за време на манифестациите Петровденски конаци и Денови на кочанскиот ориз и инспирирани од оризот и оризовите полиња, за време на одржувањето или по завршувањето на манифестациите, создале песни за оризот.

Покрај шесте народни песни објавени во почетокот на книгата „Оризот во поезијата“, поместени се уште 56 авторски песни од кои најголем дел и сосема разбирливо, се создадени од роднокрајните автори. Нема поет од овој крај кој не посветил барем една песна на оризот. ‘Ркулецот на оризовото зрно ќе изрти во некој стих, жуборот на водата ќе се разлее низ некоја строфа, нишањето на оризовото класје ќе се разлее низ нечија песна- рече м-р Љупка Стоменова за време на промоцијата.

Во книгата се застапени песни на поетите:Иван Поп Иванов, Киро Герасимов, Љубинка Давидовска, Србо Ивановски, Стојан Тарапуза, Борис Серафимов, Сретен Вујовиќ, Филип Димкоски, Ана Баграјана, Жикица Димитријевиќ, Цвета Димитровска, Славица Цветковска, Лазо Димитров, Ленче Стоименова, Стојчо Герасимов, Атанас Георгиев, Јане Атанасов, Ратка Соколова, Розета Петрова, Павле Серафимов, Ивона Антова, Ангелчо Илиевски, Емилија Манева, Милица Трпеска, Наде Ефремова, Ружа Стојмилова.

Тракторите го заменија воловското дрвено рало, звукот на прскалката ја згасна песната на плевачите, а комбајнот го надгласи ‘ржењето на српот. Само преку      манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“, која трае со децении, се оживува минатото и традиционалниот начин на зажнејување и вршење на оризот, претставувајќи го и колоритниот фолклор на кочанското поднебје. Оваа „ракатка“ преку која живее традицијата не смее да згасне, бидејќи ваквите манифестации се мали бесценети камења од македонскиот бит кои сведочат за едно богато фолклорно минато кон кое треба да се навраќаме и да не го заборавамe-додаде Стојменова.

Филип Димкоски

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.