5 мај- Од денеска нови истражувања на два дела на археолошкиот локалитет Скупи

978

На археолошкиот локалитет Скупи, едно од најголемите и највредни археолошки наоѓалишта од римско и доцноантичкото време кај нас, од денеска започнуваат систематски археолошки истажувања на две локации, како и  активностите поврзани со тековно одржување. Воедно, ќе почне и непосредната заштита – конзервацијата на дел од движните археолошки наоди од Скупи. Овие проекти се предвидени во Годишната програма за финансирање проекти од национален интерес од областа на музејска дејност и заштитата на недвижното културно наследство на Министерството за култура, а ќе ги реализираат стручни екипи на Музејот на град Скопје.

Под водство на д-р Марина Ончевска-Тодоровска, археолог и кустос советник ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс голем термален објект и голема ранохристијанска базилика со атриум (Скупи – комплекс терма и базилика со атриум), кој превидува археолошко истражување на централното градско јадро, на простор од еден градски кварт во кој се сместени двата големи објекта –  римската империјална терма и ранохристијанската базилика со атриум.

Под водство на Ленче Јованова, археолог и кустос советник, пак, ќе се реализира проектот: Скупи – комплекс Градска вила (Villa urbana) и Базилика со крстилница, кој предвидува систематски археолошки ископувања на културната стратиграфија на две градби од централното градско подрачје на римската колонија Скупи: Градска вила која егзистирала од империјалниот до доцноантичкиот период и Ранохристијанска базилика со крстилница од VI век.

„Стручните екипи на Музејот на град Скопје ќе изведуваат и активности поврзани со конзервација на многуброен движен археолошки материјал, откриен на повеќе локации од локалитетот Скупи во претходните години. Покрај тоа, ќе се преземаат активности за тековно и сезонско одржување на локалитетот со отстранување трева и дива вегетација, кои, поради природата на проектот (физичко обезбедување и одржување на локалитетот Скупи), се одвиваат во текот на целата година“, посочуваат од Министерството за култура.

Овие проекти се реализираат на дел од заштитеното подрачје од локалитетот, односно на делот со регулирани имотно-правни односи, кој е во владение на Музејот на град Скопје (т. н. Археолошки парк Скупи). Проектите ќе се реализираат во периодот од мај до 30 декември годинава.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.