АВТОРСКИ ПРАВА- Горјан Тозија бесправно го продавал филмот „Ослободување на Скопје„

735

Општото безредие во сите сегменти во животот на Македонија доведува и до големо безредие т.е. можност за противзаконско богатење на поединци кога се авторските права во прашање . Така деновиве сопствениците на „Партизанс“, продуцентот Роберт Насков и режисерот Александар Поповски, главен продуцент на филмот „Ослободување на Скопје „ поднесоа кривична пријава против Горјан Тозија директор на ФФМ и сега го очекуваат одговорот од обвинителството.

Тозија како долгогодишен филмски работник, а и како директор на Агенцијата за филм на Македонија, добро знае кој може да потпише договор за дистрибуција на филм, кои се правата што ги има главниот продуцент и останатите продуценти, велат тие. Тој знаел кој е главен продуцент на филмот, знаел дека е самиот тој само надворешен соработник, па сепак потпишал Меморандум со ФБ инвест од Холандија и навел дека имал целосно право и авторизација од сите продуценти на филмот за да потпишува такви договори. Оттука јасно е дека Горјан Тозија свесно прикрил и лажно прикажал факти и свесно го потпишал наведениот меморандум, а на штета на подносителот на оваа пријава, пишува во кривичната пријава.

Досега „Партизанс“ и Агенцијата за филм не добиле ни денар за дистрибуцијата на филмот од компаниите од Хрватска, Холандија и Италија. Тозија со ова ги оштетил буџетот на државата и Агенцијата за филм, чиј директор е, која била дел од финансиерите на филмот.

На 1 август 2019 година „Партизанс“ ја известувиле Агенцијата за филм дека постои неовластено потпишан договор за дистрибуција и дека за тоа немаат добиено никакви средства. Тозија како директор на Агенцијата за филм го прикрил фактот дека бил вклучен во ова и ништо не презел, па и со тоа го оштетил буџетот на Македонија.

Тозија никогаш не добил овластување од „Партизанс“ да потпишува таков документ. Со овој документ тој всушност ѝ нанел штета на Агенцијата за филм, чиј директор е, како и на буџетот на Македонија. И Агенцијата за филм била финансиер на филмот, што значи дека дел заработката од дистрибуцијата на филмот треба да оди и на сметка на буџетот. Горјан Тозија во филмот бил ангажиран од „Партизанс“ како надворешен соработник, за што постои и договор. Во потврдата издадена од Агенција за филм од 19 септември 2017 година стои дека филмот „Ослободување на Скопје“ е македонско-хрватско-финска копродукција во која „Партизанс“ учествува со 69,62% и има статус на главен продуцент.

Занемарувајќи ги сите овие факти Горјан Тозија во функција на директор на ФФМ направил повреда на авторските права, за што има законски санкции и авторите и продуценти чекаат реакција од Обвинителството.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.