Цело џез богатство, сместено во книгата Cloud arrangers на фотографот Жига Коритник

797

– Без фотографија ништо, Вие тоа најдобро го знате, му реков на фотографот Жига Коритник, откако по промоцијата на неговата книга, во кино “Фросина” му направив фотографии со шпанскиот новинар Џозеф Кардона, и селфи со мене. Жига благонасмевнато потврди дека е така. Тоа беше еден мој посебен личен чин на изразување на почит кон фотографот пред чиј објектив се нашле светски познати и влијателни музичари, легенди и планетарни ѕвезди, а патем повеќе од две децении е ексклузивен фотограф на Скопскиот џез фестивал. Најдоброто од сработеното рој го сместил во својата книга Cloud arrangers, а преку една исклучително убава и топла промоција тој ни ја претстави во “Фросина” , на 17 октомври, попладне , на денот на отворањето на фестивалот. Штета беше што поради пладневниот термин не можеа да ја проследат сите оние вработени и зафатени, поклоници на џезот и на неговите фотографии и изработени плакати. Во мрак, со осветлување на бина, на клупа сместени Коритник и директорот Оливер Белопета, а во повеќе од еден час, не само што стрпливо и посветено ја објасни речиси секоја фотографија од целата монографија, а, на видео бим одеа и филм за снимањето и печатењето, туку и како да го оживеа џезот и преку хартија. Беше интересно да се слушнат сите тие доживувања, како на пример онаа кога го чекал Реј Чарлс на аеродром во Скопје по добиената информација дека од Охрид ќе прелета со хеликоптер, а тој веќе пристигнал во канцелариите на СЏФ, или за Мајлс Дејвис во 1986 во Белград, анегдоти од снимањата во студија… Оваа богата фото џез архива, сместена во делукс издание, ја красат фотографии на речиси 400 страници, и го опфаќа периодот од фотографијата направена во 1986 во Белград со Мајлс Дејвис , се до фотографијата направена минатата година во МКЦ при настапот на Турстон Мур. Не знам како ќе ја прифатите приказната дека Мајлс Дејвис во Белград го исекнал носот и секретот го фрлил во публика па го погодил Коритник, но тој овој хир со насмевка го оправдува дека уметниците ги интересира само музика и се друго околу нив не е важно. На почетните внатрешни страни од кориците на книгата, облаците се претставени црно бели, а на крајните истите тие во колор.

– Од моментот кога ќе ја имам оваа монографија, сигурна сум ќе зјапам со часови во фотографиите, магнет се, му велам следната вечер во фоајето НОБ.

– Тоа е Coffee table book и ве разбирам, потврдува Коритник си насмевка . Сите фотографии се црно бели, што авторот го оправдува со објаснувањето дека тој џезот го разбира во црно бела варијанта, а во фокусот го става објектот/субјектот, (уметникот), не боите. Среќна околност за посетителите во фоајето на Македонска опера и балет (НОБ) беше што книгата можеше да се разлистува, а оние три продадени книги, како и неколкуте дополнителни нарачки го радуваат авторот. Ако ве интересира цената таа е 79 евра. Од дирекцијата на Скопскиот џез фестивал му купиле 20 книги. По Скопје, одлета во својата Словенија, потоа го очекува “Унлимитед мјузик” во Виена…

Има и други планови во врска со публикации, и задоволен е и од фотографиите кои ги направи и на овој Скопски Џез фестивал. Што се однесува до монографијата, задоволство му е што дел од неговиот голем фотографски труд е собран на едно место и даден на располагање и задоволство на џез вљубениците, во Cloud arrangers.

 

Валeнтина Ѓоргиевска-Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.