Да го зачуваме македонскиот бисер Охрид, треба да го извеземе неодговорниот народ

    648

    Во Извештајот на УНЕСКО со стотина страници за состојбата во Охридскиот регион се наведени сите недоследности, пропусти, промашувања, отстапувања, грешки и неостварени ветувања за подобрување и најверојатно Охрид ќе се најде на листата на загрозени светски природни и културни богатства.

    УНЕСКО ќе го става Охрид на листата на загрозени светски вредности

    Според она што може да се види во документот, како што објави МИА, властите, како на национално така и на локално ниво, не ги исполниле преземените обврски од 2017 година за намалување, односно отстранување на „индентификуваните закани по заштитеното подрачје“. Напротив, дури и се посочуваат примери на продолжување на практиките на постапување спротивно на предупредувањата посочени во Реактивната мониторинг мисија на УНЕСКО од 2017 година. Како што се наведува во извештајот, сѐ уште постојат и се разработуваат планови и проекти што не соодветствуваат на статусот на УНЕСКО, а се нотирани и нови закани. Меѓу другото, забелешките нотирани во нацрт-извештајот се однесуваат на веќе познатите проблеми, пред сѐ прекумерната и неконтролирана урбанизација, бавноста во справувањето со дивоградбите, како на крајбрежјето така и во заштитеното градско подрачје, но и дерогирање на животната средина, нефункционалниот колектор, отсуството депонија за цврст отпад…

    Во документот се посочува и на отсуството свест кај населението за одговорен однос кон светските културни и природни вредности, се забележува одлагање шут ѓубре на диви депонии, поставување соларни колектори на куќите во Стариот дел на Охрид со што се нарушува автентичниот изглед заради кој е доделен статусот светско културно богатство, па и поставувањето урбана опрема и тенди од најразличен изглед и боја во непосредна близина на светските културни вредности и споменици на културата. Не се поштедени ниту институциите формирани за да се грижат за спомениците на културата и на природата, има несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти, се премолчувало или замижувало пред урбаното насилство врз културните вредности.

    Документот содржи листа препораки со задолженија што мора да се спроведат, меѓу кои има обврски што мора да се реализираат неодложно и веднаш, за некои точки даден е рок за нивно спроведување, додека одредени проекти и планови ќе мора да бидат целосно отфрлени, каков што е планот за изградба марина во Студенчишкиот канал. Се посочува и на потребата од изнаоѓање алтернативни траси на далноводи, за железничката пруга на Коридорот 8, за гасоводот Битола – Елбасан, за автопатската делница Требеништа-Струга, контрола на степенот на искористување на водата од Езерото за производство на електрична енергија, пренасочување на реката Сатеска во старото речно корито…

    Дури се оспорува и реализацијата на проектот за реконструкција на Кејот „Македонија“ во Охрид.

    И додека УНЕСКО критикува, локалната власт се фали со значајни чекори за зачувување на статусот на УНЕСКО Охридската блас изјавува  дека покажале вистинска грижа за „нашето непроценливо национално богатство“. Но, фактите зборуваат поинаку.

    Ќе го изгуби ли статустот Охридското езеро и Охрид за непроценливо богатство заштитено со УНЕСКО уште е неизвесно.

     

     

    куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.