ДИМИТАР ИЛИЕВСКИ, ШАХОВСКА ЛЕГЕНДА НА МАКЕДОНИЈА: Поради шахот за малку ќе настрадав во авионска несреќа, а го добив натпреварот! 

401

Господинот Димитар Илиевски е еден од ретките кои ја красат листата на Македонски Шампиони, не со години ами со децении. Според сите тие свои неверојатни успеси, тој е жива легенда за голема почит, затоа збор, веднаш му даваме нему, а она што го кажува се слуша со очи ширум отворени, и не може да се слушне од некој друг. И, кога неговата величина би ја споредиле со некоја шаховска фигура- Тој би бил кралот, односно Императорот (како што љуби да ја нарече оваа фигура). 

Господин Димитар на колку години дознавте за шахот? Како почнавте да играте?

-На 12 години почнав да играм шах, никој не ми покажа ниту фигурите како да ги наредам, ни правила, ни игра. Јас сѐ сам научив благодарение на тоа што ги гледав како играат меѓусебе моите постари браќа Цане и Борче. Цане 8 години постар, а Борче 6 години постар. Борче беше шампион во шах на Битола, а Цане беше шести и, она што беше куриозитет Борче единствен пораз претрпе од Цане. И јас откако ќе си заминеа го земав шахот вежбав, и почнав да ја читам книгата, “Шах игра милиона”, без притоа тие да знаат. Книга за почетници најубава почетна книга од мајстор Драгослав Андриќ. Ја читав, ја читав и еден ден го предизвикав Цане. “Ај, вели, ти не знаеш да играш шах”. Реков: “добро, но ајде да одиграме” и го победив. Првата партија го победив него и тој со клоца по мене “абе кој те научи тебе шах”, ете “клоца” ми беше првата награда во шахот, брат ми ме стимулираше со клоца, ха, ха. И така почнав да одам во шаховскиот клуб во родната Битола “Стево Патако”, онака, малечок почнав да играм и за година дена на турнирите на кои играв, од петокатегорник станав второкатегорник, на 13 години.

Кога се случи вашето прво официјално претставување?

-Моето прво деби, прв турнир беше сениорското првенство на Битола во 1956 година. Јас на тој турнир бев втор, зад братот Борче кој беше пет пати првак на Битола, едно по друго. Цане пак ретко играше, тој беше изврсен фудбалер лево крило на ФК “Пелистер”. И, тоа првенство ми беше поттик. Борче беше прв а јас втор, а веќе следната година се променија улогите, јас бев шампион Борче беше втор. Фантазија. 1957 година прв пат настапив на младинското првенство на Македонија кое се одржа во Скопје и бев трет. Но следните години 1958 и 1959 бев два пати младински шампион на Македонија.

Што добивавте како награда, дали и тогаш беше како сега?

– Ништо, немаше награда, ни титула не добивав. Шах сам си купував. Но тоа не беше важно тогаш, други времиња. Среќен си и одиш понатаму. На на Младинското првенство на Југославија во 1959 година во Блед постигнав голем резултат. Јас бев 8, но на три кола пред крајот избив на трето место, зад Бруно Парма и Драгољуб Велимировиќ, и трката се водеше меѓу нас тројцата. Но, млади луди години, одиш таму со некоја девојка од Земун до никое време доцна, и следниот ден мамурен претрпев два порази, ама независно од тоа јас бев многу силен, го победив Велимировиќ. Веќе на моето прво деби на првенство на Македонија во 1961 година го освоив високото петто  место. Играа 16 шахисти јас бев петти, на врвот. Во 1961 година на Сениорско првенство на Македонија ја освоив и титулата првокатегорник, значи на врвот, и затоа оттука, од 1961 сѐ до 2021, 60 години сум врвен шахист на Македонија. Е сега мора да кажам оти таа година 1962 година беше кобна, црна година за мене, затоа што јас не сум навикнат на зелена маса да бидам елиминиран, наместо да бидам шампион на Македонија. Тоа што се случи тогаш беше срамота, многу бедно… Играме 12 коло, прво и второ место беа Јован Софревски и Васил Панов. Но, дистанцата меѓу мене и нив беше половина поен и, сега, во 13 коло јас играм со последниот на табелата Тодор Бојаџиев, иако јас бев кандидат за прво место. Го победив Тодор, а Софревски и Панов играа меѓу себе и ремизираа, но бидејќи  ги стигнав на табелата, веќе бевме значи трио. На две кола пред крајот останавме трио. Но, јас имав најслаби шахисти за игра, претпоследниот Лазо Јанчев и до него Крум Крстев. А пак Софрески и Панов имаа тешки противници. Киро Данов и Јоксиќ, кои беа кандидати за првото место. Меѓутоа на зелена маса ме елиминираа, ме пријавија дека наводно сум договорил да го победам Тодор Бојаџиев, кој беше мој колега, правник, прекрасен човек. Кој поднесе пријава, не знам, важно крајно некоректно. Јас веднаш го напуштив турнирот. Со мене се солидаризираа и осуммина го напуштија првенството, меѓу кои и брат ми Борче…Претседателот на шаховскиот клуб од Битола Јонче Сотировски, како сега ми е сликата пред очи, дојде до фаза да се тепа, оти виде дека е ујдурма дека сакаат да ме елиминираат зашто водев трка за прво место. Слободан  Михајловски, тој беше во организациониот одбор вели – “Димче, ти беше спречен да бидеш првак во шах ти беше одземена титулата” и затоа таа горчина ја имам во себе и сега, по толку години. Јас бев во подем.

Имавте финансиски бенефит од такви игри или само чест? Вашите дома како реагираа?

-Не, немаше финансиски бенефит, само задоволство од награди што ги освојував редовно, бев на врвот. Моите беа многу задоволни. Во  1963 година прво што имав беше средба со Ничевски на екипно првенство на осум табли, јас за Битола, тој за Скопје. И го победив во 25 потези. И клубот мој “Стево Патако”, предводен од Борче братот (јас играв на втора табла), го освоивме првото место и отидовме на екипен шампионат на Југославија. Тоа ми е многу драго. Но, и на 4 табли бевме победници, благодарение на мене. Јас го победив Данов и бевме победници и на четири табли, и на куп, и отидовме да се натпреваруваме во финалната група за Пехарот на Тито.

(Со Аце Стрезовски на “Лесновски ѕвона”, Кратово 2021) 

Како понатаму се развиваше Вашиот подем?

-Ее, 1964 година јас никогаш нема да ја заборавам, во Пула постигнав фантастичен резултат, се гордеам и сега. Јас, обичен првокатегорник на Шампионатот екипен на Југославија, во 25 потези го победив велемајстор Мато Дамјановиќ од Загреб. Цела арена ми аплаудираше. “Кој е овој анонимус?”, прашуваа. Јас анонимен шахист, а го победувам велемајсторот Дамјановиќ, репрезентативец на Југославија. Од публиката едно девојче, тоа не можам да го заборавам и морам да го кажам оти тоа ми беше па инспирација за во иднина, Вера Кржишниќ, откако се стиша аплаузот ми пријде и ми вели “Ви сте натукли Дамјановиќа?” (Вие го “тепавте” Дамјановиќ) и тивок аплауз со бесшумно чукање на дланките. Следниот ден играме против нејзината екипа, јас играм со татко и нејзин Ѕвоне Кржишниќ,  елитен мајстор добар мајстор. Таа пред почетокот ми вели “Ќе ве победиме 10 – 0” а јас ѝ велам “Оваа партија не ја сметајте, наша е”, јас не знаев дека и е татко. Татко и го надиграв во 20 потези, а таа бидејќи шахистка и гледа татко и губи, зад грбот на татко и ми честита и ми аплаудира. Вера Кржишниќ Бухиќ потоа се омажи за еден колега мој, многу силен шахист велемајстор Енвер Бухиќ. Таа година јас ја освоив титулата кандидат мајстор со два и пол поени предност. Играв многу силно. Со 2,5 поени ја надминав титулата кандидат мајстор.

Што следуваше потоа?

-Следува 1966 година, благодарение на нас браќата најдобар шаховски тандем , на 4 табли самите ние (јас и Борче) ги елиминиравме екипите на Прилеп, Штип, и Охрид, кои на трета и четврта табла победија и водеа со 2:0, останавме јас и Борче, па Борче играше со Љупчо Тиквешански, јас со Никола Бујуклиев. Ги победивме 2-2 и одиме натаму. Во Охрид играме Борче со Спасе Ковачевски а јас со Асен Гавриловски , 2-2 и ги елиминиравме. Во Прилеп Борче играше со Митре Џајковски, а јас со Атанас Ивановски 2:2 и ги елиминиравме. Дојдовме до финале.

(Со Борче на братска средба во Битола,2018)

Се случуваа ли интересни и непредвидливи работи покрај играњето шах?

-Како не? Тогаш, бидејќи јас работев во Царинарница Битола бев во Белград на советување и брат ми Борче ми се јавува по телефон “Земи авион во сабота и дојди си во Скопје да бидеш одморен оти играме финале”. Скопската екипа настапи во најсилен состав Софревски, Ничевски, Данов, Крстев Крум. Се качувам на мојот прв лет и ќе беше трагично за малку. Таман полета авионот, веднаш му откажа левиот мотор и се навалува. Јас не оти знам што е како е прв пат си реков “чекај ова можеби зема залет ова, она”, кога пилотот присебен го спушти леко авионот среќна околност во Белград во Сурчин на леднина се спушти меко, а потоа стјуардесата ја отвора вратата од авионот и на сите тивко им вели: “што подалеку од авионот. Зошто резервоарот е полн со гориво”. Јас гледам што е ова и се чудам, кога видов дека сите напуштаат и заборавив внатре и шах и сѐ , не земав ништо туку одам да се спасувам што подалеку. Во Сурчин кога отидовме, со возила не носат таму да не освежат, еден вели “Кој е тој баксуз што прв пат лета?” , јас почнав да се црвенам, леле, леле. И наместо со авион допатував со воз, и тоа без вагон за спиење. Патував и стигнав на 2 часа пред почеток, уморен гроги, а партијата беше јас со Ничевски. Беше реми ама јас мајсторски одиграв и го победив. И таа случка ми е најдрага затоа што за малку ќе загинев во авионска несреќа, а го добив натпреварот. И ние бевме шампиони на Македонија за куп и шампиони на осум табли. Јас имав преубав резултат. Моето последно настапување за Битола беше во 1968 година и тогаш благодарение на мене морам да истакнам, не е фалење, јас го одлучив финалниот натпревар во Скопје, го победив Панов Васил.

Секоја незавршена партија има продолжение, не само во шахот и во реалноста. Ја очекувам 1968 година, Вашата пресвртна…

-Еее, така е. Во 1968 година беше мој последен настап за Битола. Но, дополнително да кажам нешто и за 1964 година зошто имавме увертира, оти Борче ме предизвика да играм на шампионат за Битола и тоа како? Ми вели- “леле брат мииии, ти си сега трета виолина зад мене и зад Киро Стојановски”. Така ме предизвика, а јас штотуку дојден од Скопје по земјотресот. Реков “А, бе, брат ми немој да не земам да ве измлатам сите” . И така и бешеш. Мене мојот брат ми беше идол, моја слабост, никогаш не сум имал афинитет ниту желба да го ќпобедам, но тоа што ми рече трета виолина дека сум бев испровоциран и тоа ми беше поттик во 15 потези да го надиграм. … Е, сега да се вратам на турнирот,  јас и братот Борче  ги победивме сите 6 противници, Киро Стојановски изгуби и од мене, и од Борче и играме во последно коло, јас и Борче. Ама сериозно играв, и кога го надиграв му велам “брат ми која виолина сум?”. “Која виолина сум? Прва, брат не трета, прва”. Прво и второ место го делевме со Борче. А Киро Стојановски беше поранешен шампион на Македонија и по тој основ претендираше да игра на втора табла, а јас сум го победил два пати, јас шампион на Битола и битолска околина а тој вели ми “Не не не јас сум бил шампион на Македонија”. На состанокот на управата на клубот јас предложив да одиграме мини меч од четири партии. Јас го победив и во мини меч и Киро Стојановски за втора табла. И потоа Киро ми предложи да играме пријателски подготвителен меч од 12 партии. Тој меч го добив со 8:4 во 1964 година за успехот мој во Пула. 1968 година е најзначајна година за мене поради преселбата од Битола во Скопје. Јас, Борче, Ничевски и уште четири најсилни шахисти игравме изборен турнир за учество на турнирот на солидарноста. Софревски кој имаше директно право за тој турнир како мајстор.

(Со доктор Људмил Кљусев, во Фондација “Никола Кљусев”, Скопје 2021)

Која Ви била најомилена фигура во шахот. Дали обично велат коњот или кралот? Пион сигурно никогаш не спомнал.

-Прво е кралот, кралот се брани, да не биде матиран… Во мојата книга има една анегдота кога ја анализирав мојата играв партија со Барле, во ситуација кога  кралот мој беше несигурен. И јас од Г8 до Б8 се шетам и сега еден вели “Ама мајсторе нешто не ви е толку сигурен кралот”. А јас го земам кралот и велам “Ах крал ма каков крал, ова е император” (се смее). Мојот шаховски колега Љубомир Танчев тие анегдоти ги кажуваше на промоцијата на книгата за мене, а тој е еден од најталентираните шахисти во Македонија, доктор на науки, професор декан на Градежен факултет. Но ја кажа анегдотата и се заврти кон мене и вели вака –”Во 1959 година на Младинско првенствено на Македонија јас имав чест да бидам втор зад мајсторот Димче Илиевски”. Внимавај, “имав чест”! Потоа, следната година во 1960 година јас станав младински првак. Тоа не можам да го заборавам.

Ги паметите сите потези што сте ги одиграле на големите натпревари ?

-Епа, сега се заборава ама најважните ги памтам, се памтат, посебно драгите.

Поради опседнатост, Ви се случува да ги сонувате играње шах и губење натпревар?

-Ох како не, како не? Сонуваш, ама убави соништа и жени, И тие ти се инспирација. Јас на пример вечерта пред мојата средба со Араповиќ сонував убава жена, најубавата колешка од “Макотекст”, и се пробудив и реков “Било кој да е ќе го победам”, и потоа Араповиќ го победив ефектно. Оваа партија, беше прогласена за најубава партија на турнирот од шахистите на Шампионат на Југославија во 1979 година, во Бјеловар.

(Со професорката по мировни студии Весна Дамчевска Илиевска, Скопје 2021)

Жените сакаат ли шахисти, дали се исто и тие шампиони се ѕвезди како и другите ѕвезди?

-Да, и жените сакаат шахисти и сакаат и шах. Мојата сопруга беше врвна шахистка една од најдобрите во Македонија. Јас ја учев шах, оти виде таа дека не може да се ослободи од оваа моја манија шаховска. Почнав да и покажувам и таа почна да игра. Играше и на турнири трето место во Македонија на врвот. Таа, во 1976 година на симултанката на актуелниот светски шампионат со Анатолиј Карпов во “Алкалоид” Скопје, успеа да ремизираа.

Вашите потомци?

-Ќерката Лидија, покојна,  и ќерката Кaролина беа заинтересирани за шах. Каролина имаше афинитет, а внукот Давид од Каролина тој е добар. Има 16 години, играме и пружа отпор, силен е. Дури една партија толку убаво ми играше и јас го наградив, му велам “Заслужуваш реми”и му напишав “Димче Илиевски на Давид Илиевски- реми” и му подарив Цветна шаховска табла- 100 години Блаже Конески.

Шахот Ве однесе на голема врата и во Ломоносов, во Русија, колевката на шахистите, раскажете ни за тоа искуство.

-Тоа е незаборавно. Во 1973 година добив лична покана, поточно Шаховски сојуз на Југославија ме делегираше за таму и игравме со велемајсторот Милорад Кнежевиќ. Останавме едно 20 дена, меѓутоа јас го продолжив престојот за два дена плус, како дополнителна награда затоа што организатор, кој воедно учествуваше на тој турнир, замоли за да ја задржи титулата “руски шаховски мајстор”, за таму тоа многу значи, да му ја предадам партијата. Јас му ја предадов и тој ме награди со два дена плус престој, отидов во детскиот шаховски клуб на Ботвиник и таму јас им демонстрирав, им покажував на дечињата а тоа потоа беше објавено во руски часопис со фотографија.

Неостварена желба во шахот сигурно имате, или не? Вашиот брат одиграл реми и со Роберт Боби Фишер на турнирот на солидарноста во Скопје во 1967 година и претпоставувам дека тука веќе завршила цела негова амбиција. Вие?

-На турнирот на солидарноста 1968 година, учествуваме 4 најсилни шахисти од Македонија Софревски, Нически јас и Борче како резерва. Јас тогаш постигнав поединечно резултат за почит, реми со Лав Получаевски, трикратен шампион на СССР и два пати учесник на мечеви на кандидати за светски првак. Со него реми, со Хот, многукратен првак на Чехословачка, елитен велемајстор, на истиот турнир. Исто во циклусот за светски прваци. Со него не само што ремизирав, туку според компјутерските анализи испуштив да го победам, и во книгата моја го има. Таа години сум ремизирал со Матановиќ, што ми е посебно драго (кој играл и со Блаже Конески) двократен шампион на Југославија, елитен светски велемајстор, елитата на организација на Југославија. Со него ремизирав во 20 потези и нашата заедничка фотографија беше истакната во Музејот на град Скопје. Антологиска фотографија, со Матановиќ кога играв реми.

(Со професорот Насер Мифтари, Скопје 2021)

Во 1968 навистина Ви се случувале чудесии.

-Во 1968 на тој турнир покрај со тие шаховски играчи силни ремизирав и со велемајстор Флорин Георгиу младински светски првак и многукратен шампион на Романија. Ремизирав со велемајстор Бруно Парма, светски младински првак, значи со пет елитни велемајстор. Го победив Ничевски, а Ничевски претходно во трето коло го победи мојот брат Борче. Турнирот на четворицата Македонци кои што бевме на дното, меѓутоа во меѓусебните средби на таа четворка најсилна, јас бев прв, го победив Ничевски а имав реми и со Борче и со Софревски. Ничевски го победи Борче реми со Софревски и пораз со мене. Софревски ги ремизира сите три партии. Јас бев прв со два поени пред Софрески и Ничевски еден и пол и Борче едем поен. И јас тогаш по победата на Ничевски одлучив да се преселам во Скопје. Напоменувам дека до Петтиот турнир на солидарноста-1971 година ,македонската рејтинг листа изгледаше вака: 1. и 2. Софревски и Ничевски со 2410 поени, 3. Панов со 2360 поени, 4.Борче Илиевски со 2320 поени, 5.Данов со 2300 поени и 5.Димитар Илиевски со 2280 поени.

Значи шахот Ве пресели во Скопје?

-Да. Си реков во себе ”Ничевски го победувам, најдобар сум, а сум шести. Шести да бидам на рејтинг листата во Македонија, не можев да се помирам. Тоа ми беше мене предизвик. И зошто да не дојдам во Скопје, овде се одигруваат меѓународни турнири на солидарноста, шанса имам да играм и да победам, да бидам најдобар. И во 1968 година веднаш по победата со Ничевски отидов кај управителот на Царинарница во Скопје Андреа Анреев и го замолив “Дали може да бидам префрлен од Битола во Скопје?”. Во Битола бев управител на Царинарница, живеевме во трособен стан од 75 квадрати, сопругата  моја Велика,  сега покојна, вработена како учителка и да дојдиме во Скопје да бидам обичен референт во Царинарница, референт за царинско управни работи, да живеме во една гарсониера од 32 квадрати во Карпош 2, што ми ја доделија од Царинарница, а сопругата невработена…Жената плачеше поради ваквата моја одлука. “Жено одиме во Скопје”. Кога дојдов во Скопје и реков: “Жено, јас првите две години ќе работам интензивно на шахот. Оти желба ми е да бидам најдобар. Тоа е. Јас доаѓам заради тоа хоби кое шаховско хоби, затоа што сум екстра надарен и дека ги победувам речиси сите”. И ѝ велам тоа, таа кутрата се прифати, значи не можам тоа да го заборавам, таа е најзаслужна за мојот успех. И секој ден од работа ко ќе си дојдам, уморен гроги, после ручекот и малиот одмор, секој ден продолжувам до кај 10 часот навечер да анализирам партии: една од Александар Алехин, една од Хосе Раул Капабланка. Две книги имав најубави, “300 најубави партии на Алехин”, со личен коментар на Алехин. Најубав учебник. И сите партии на Капабланка. А Капабланка беше непобедлив. Најмалку победен во кариерата, во цела негова кариера. И јас секој ден работев  на тоа, како да ќе докторирам. Откако ги завршив тие две книги јас веќе почувствував дека имам сила на мајстор.

Вие би напишале книга како водич за шахисти како учебник  за да остане да учат некои други генерации?

-Во мојата биографска книга што ја напишаа Ненад Батковски  и Љубомир Хаџи Манев има и сто мои избрани шаховски партии, а и од Борче братот 16 партии негови, но и од мојата сопруга Велика. Објаснето се до детали. Се и со коментари и компјутерски анализи, и тоа убави. Може да се купи оваа книга во издание на “Бата прес” (300 денари).

Скопје, една нова приказна…

-И сега да продолжам, во 1969 година, една година откако дојдов во Скопје играв на првото сениорско првенственство во Скопје и бев шампион. Во 1968 дојдов во 1969 станав шампион. А 1971 година е најзначајната година во мојата кариера, сега се цели  50 години од тогаш. Најзначајна! Софревски и Ничевски имаа директно право како шаховски мајстори за петтиот турнир средба на солидарноста. Тоа беше за нив петта шанса за да освојат титула интермајстор. А за мене втора. Значи голема разлика е, да имаш само две шанси и пет шанси. Ама сѐ  е до талентот, дарбата. Јас претходно, на седум дена пред почетокот играв квалификации, најсилно првенство на Скопје, отворено првенство, на кое на стартотучествуваа 16 шахисти од кои и седум прваци на Македонија- Борче, Панов Васил, Кизов, Данов, Давчевски, Ванчо Ѓоргиевски, Крстев. После тоа коло поради здравствени причини турнирот го напуштија Васил Панов и Тапковски. За време на турнирот работев во Живинарска фарма Белимбегово, како секретар со шпоголема плата, отколку што можев да имам во Царинарница. До Белимбегово од 6 од 7 часот со автобус да одиш, почнуваш со работа во 7 до 14,од 14 се враќам до 15, ручам и во 17 попладне на турнир на првенство на Скопје. И ти уморен секој ден да играш квалификации и тоа со најсилни шахисти и да ги победиш речиси сите со исклучок на ремито со Борче братско, и ремито со Ванчо Ѓоргиевски. Ти да бидеш првак со 12 поени од 13 кола и да одиш одма после недела дена на турнир на солидарноста каде што си најслаб по титула,единствен кандидат мајстор, најслаб по рејтинг убедливо со 130 поени помалку од Софревски и Ничевски а од другите многу силни шахисти 300 а можеби и повеќе понизок рејтинг многу високи разлика и јас бев нормално како топовска храна, ме сметаа како Ел Дорадо. Но да направиш сензација, наместо да бидам последен да бидам петти на турнирот, е тоа е најголем резултат што го постигнал македонски шахист. Игравме на Средно Водно. На овој турнир на солидарноста, ја освоив титулата југословенски мајстор на 5 кола пред крајот. Уште во 10-то коло. Југословенски мајстор. Да ја освоиш титулата фиде мајстор оти јас на почетокот имав 2280 рејтинг поени а за фиде мајстор нормата беше 2300, ја надминав нормата за интер мајстор и освоив прв бал за оваа титула, ја надминав рејтинг нормата за велемајстор. Со тоа суѓ прв македонски шахист што исполнил рејтинг норма за велемајстор. 2450 беше нормата во тоа време за велемајстор, а имав 2460. Софревски и Ничевски кои имаа 130 ппоени повеќе од мене 2410 на почетокот значи тие дојдоа до 2440 и тие напредуваа 30 рејтинг поени меѓутоа беа под нормата за велемајстор. И тоа е најголем успех, бев 120. во светот на рејтинг листа, а на македонската рејтинг листа избив убедливо на прво место и затоа 1971 година бев прогласен од Шаховски сојуз на Македонија за убедливо најдобар шахист на ММакедонија. По овој турнир македонската рејтинг листа изгледаше вака: 1. Димитар Илиевски со 2460 поени, 2.и.3. Софревски и Ничевски со 2440 поени, 4. Панов со 2360 поени. 5.Данов 2290 поени.

Шаховскиот сојуз колку брои? Има ли заинтересирани за шах кај нас, јас мислам таа игра денес ретко кој ја применува?

-Не, има љубители, веќе има и дечиња што играат за клубови имаат шаховски инструктори, а во некои училишта шахот е како наставен предмет. Актуелна претседателка на Шаховска федерација на Македонија е Александра Гакидова.

Ве прекинувам во хронолошкото набројување зашто навистина треба многу концентрација да се следат запаметат сите Ваши успеси, повеќе и од тоа да играме шах во моментов (на крај ќе ги споменеме сите рекорди). Знам дека Вашите најголеми успеси доаѓаат по преселувањето во Скопје.

-Најголемиот успех во мојата кариера е во 1971 кога бев убедливо најдобар. Но, бев најдобар и 1977 година. Јас добив лична покана од Шаховски сојуз на Југославија, телефонска покана, како осма резерва, да играм на Шампионатот на Југославија во Загреб во чест на јубилеите на Тито во 1977 година јубилеј славеше 40 години секретар на партијата и ние 40 најсилни шахисти бевме повикани да играме. Ничевски беше претставник како актуелен шампион на Македонија јас бев вклучен на шампионатот на Југославија како 8 резерва, по телефон ми јавија, имав право да играм по основ на рејтинг, јас веднаш прифаќам, велам “Доаѓам, готово, крај”. Резерва, неподготвен, во организацијата кај што работев (тогаш работев во Републичка заедница за здравство), поднесов молба да ми дадат годишен одмор, зедов се спакував и во Загреб стигнав  на три часа пред почетокот на турнирот. Цела ноќ патував со воз и стигнав во 12 часот. Доаѓам во хотелот “Еспланада” се сместувам и Софре, никогаш не можам да го заборавам, дојде кај мене да ме види во собата и му велам “А, бре, Софре што да му играм јас на прва партија со Јанез Барле од Словенија?”. А Јанез Барле имаше многу висок рејтинг 2490 поени и освои бал за велемајстор во Русија. Да бидеш во Русија, тоа беше нешто…А јас играм со црни фигури. Софре ми вели- “ќе играш тоа што најдобро го знаеш а ти најдобро знаеш француска одбрана”. И ми кажува “бидејќи Капабланка си го студирал ќе играш капабланкин растеретен систем”. И јас прв пат во живот го играм тој систем, Софре го слушам, јас неспан цела ноќ, уморен, само одев во тоалет да се освежувам, за да не предвидам некоја фигура. И, оп, го победив Барле. Сон!  Второ коло победив уште еден Словенец и јас на врвот. И сега нејсе не е битно јас на тој турнир на Шампионатот на Југославија го освоив 12 високо место, а Ничевски беше 33-ти. Знаеш каква разлика 21 место подолу, а овде беше шампион на Македонија. Јас се гордеам со резултатот, го освоив вториот бал за титулата интермајстор, и ги победив Барле и Никола Караклаиќ поранешен шампион на Југославија. Победата со Караклаиќ ми беше најдрага затоа што партијата со него ја играв по мојата симултанка во Госпич. Додека бев во Загреб, мојот најмал брат Кирче беше началник на Дом на ЈНА во Госпич и ме викна да играм симултанка на слободното коло, пред партијата со Караклаиќ. И
Во Госпич ограв симултанката на 30 табли и победив без пораз, прославувавме до доцна, добив една уметничка слика подарок и утрото патувам пак назад до Загреб, уморен цела ноќ …Таму играм решавачка партија и со Караклаиќ француска одбрана и го победив но и го освоив вториот бал за титулата интер мајстор.

Развалувавте, секоја чест. И Италија Ви беше на дланка поради Вашите успеси .

– Во 1969 година отидов во Катанцаро во Италија, добив лична покана од мајстор Панијагва. Тој ја гледаше партијата моја со Араповиќ му се бендиса. “Лепотица”.  Ми зеде адреса и ме покани, беше организатор на турнирот во Катанцаро со учество на 10 шахисти. Прво и второ место го освоија Божидар Ивановиќ Шампион на Југославија, и Зикики првак на Италија интермајстор многу силен, а јас Зикики го победив во решавачка партија за титулата интермајстор. И тогаш јас бев трет на турнирот без пораз, објектовно требаше да го добијам и Божидар Ивановиќ, да не кажам, беше изгубен тотално и јас ќе бев шампион на тој турнир. Мене ми е драго што гго победив Алвизе Зикики, најважно. Во Италија кога играв продолжение со шампионот Зикики јас играм продолжение во една сала, а во другата сала симултанка на 30 табли и добив награда за симултанката. Наградата ми беше повисока од третата награда и јас бидејќи ја освоив титулата интермајстор си се частев 3 дена во Рим и два дена во Венеција си го продолжив престојот и заслужено.

Импресивно. Во сиве овие успеси, има ли уште нешто многу значајно?

-Значајно е дека сум рекордер по број на одиграни симултанки близу 300 од кои дел во странство, сум играл во Полска во Вроцлав, во Бугарија играв многу симултанки, каде што гостува секаде ми правеа многу чест, во Германија, Италија, Хрватска, Србија и други земји. Во Бугарија на плакат ме пишуваа  “меѓународниот” иако не бев интермајстор  со ММ “международниот мајстор Димче Илиевски Југославија”. Кога ја играв мојата рекордна симултанта тогаш беше присутен мојот колега од РЗЗЗОМ Илија Петрушевски- заменик министер за здравство. Симултанката ја играв во Управата за заштита од пожари, на ракометно игралиште, со учество на 58 шахисти.

(Со уметникот Цветин, Скопје 2021)

Успесиве крај немаат. Сега одигрувате сто натпревари во чест на стогодишнината од раѓањето на Блаже Конески, меѓудругото и прв претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија. Првата партија ја одигравте со уметникот и хуманист Живко Поповски Цветин. Со кого, наскоро, ќе ја одиграте стотата?

– Со Жиле ја одиграв првата најважната, е сега последна може пак со Жиле, завршница да биде. Ближам до стотата, при крај сум веќе одиграв со многу силни шахисти од нашиве и на симултанки играв, во Демир Хисар во “Нова Македонија” во Кратово на “Лесновски ѕвона”, незаборавни се тие дружење. Јас имам таква мисија благопријатна благодарение на Жиле, тој ја иницираше оваа целогодишна активност. Блаже Конески го знаев од Академија кога беше академик, но тој се оддаде на наука и го остави Шахот, меѓутоа бидеји бев најдобар во Македонија сега велам- требаше да се запознаеме….

Валентина Ѓоргиевска Парго

***

Димитар и Борче 17.01.1956 (фото број 1)
Арангеловац 1983 Прва табла Велимировиќ -Илиевски, реми (фото број 2)
Последен меѓународен турнир “Нефтохим”, Бургас Бугарија 1992 (фото број 3)

Јубилеи и успеси

-65 години – од моето прво учество на  шаховско првенство на Битола за 1956 година, на кое го освоив второто место, зад мојот постар брат Борче Илиевски, кој таа година беше шампион на Битола по петти пат;
60 години – од освоената втора шампионска титула- сениорски првак на Битола за 1961 година, заедно со братот Борче Илиевски. Првата титула сениорски првак на Битола ја освоив во 1957 година, пред мојот брат Борче Илиевски кој во 1967 година на првиот турнир на “Средба на солидарноста” во Скопје ремизираше во првото коло со бившиот светски првак Роберт Фишер.
-60 години-како еден од најсилните шахисти во Македонија 1961-2021.
60 години прекрасно дружење со моите пријатели и шаховски колеги Ристо Кизов, фиде шаховски мајстор и Живко Поповски Цветин, истакнат македонски сликар, светски познат по “Цвеќето на мирот” и голем хуманист.
-55 години од стапувањето во брак со мојата сопруга Велика Здравковска Илиевска , сестра на истакнатиот македонски писател и долгодишен професор по македонски јазик д-р Цане Здравковски. Мојата Велика беше една од најсилните шахистки во Македонија.
-50 години од освоената втора титула сениорски првак на Скопје за 1971 година. Првата шампионска титула ја освоив во 1969 година.
-50 години шаховски мајсторство. На петтиот турнир “Средба на солидарноста” одржана во Скопје во 1971 година убедливо ја освоив титулата југословенски шаховски мајстор (на пет кола пред завршување на турнирот);
-50 години како најдобар шахист на Македонија за 1971 година прогласен од Шаховскиот сојуз на Македонија, за постигнатиот феноменален успех на петтиот турнир” Средба на солидарноста” 1971, освоено петто место на овој турнир, освоена титула југословенски шаховски мајстор, освоена титула фиде шаховски мајстор, освоениот прв бал за титулата интернационален шаховски мајстор, освоените рекордни 180 рејтинг поени и избивање на првото место на македонската рејтинг листа со 2460 поени, пред моите шаховски колеги Јован Софревски и Ристо Ничевски (со 2440 поени, освојување рејтинг норма за титулата шаховски велемајстор 2450 поени и избивање на 120 место на светската рејтинг листа).
-40 години од мојата рекордна симултанка со учество на 58 шахисти одиграна на 13 мај 1981 година, а во организација на Управата за заштита од пожари при СВР- Скопје. Рекордер сум во Македонија по број на одиграни шаховски симултанки, околу 300, од кои еден дел одиграв и во странство – Полска, Бугарија, Италија, Сојузна Република Германија, Хрватска, Србија и други држави;
-30 години (1991-2021) незаборавно дружење со вработените на Друштвото Македонски бизнис системи Дооел Скопје, на чие чело беа моите драги шаховски колеги Ѓорги Божиновски – силен првокатегорник и управител на друштвото и неговиот заменик Љубомир Хаџи Манев фиде шаховски мајстор и еден од авторите на мојата книга “Димитар Илиевски, легенда на македонскиот шах” (2017). Во ова друштво јас бев ангажиран како надворешен соработник за правни работи. Во 2001 и 2011 со вработените од споменатото друштво свечено ги прославив гореспоменатите јубилеи и притоа добив прекрасен рачен часовник (во 2001) и портабл компјутер (во 2011);
-На 24 август 2021 го прославив мојот 80 роденден во кругот на моите пријатели.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.