ЕТНО БУМ: Драган Јаким ни открива музички легенди какви што досега не сме слушнале!

445

Директорот на музичкиот фестивал на шегобијни песни “Тумба фест” и Здружението ” Ризница” од Куманово, господинот Драган Јаким, е неуморен собирач на народни творби од источна Македонија, и благодарение на неговата активност, голем дел од тие, досега нечуени песни, се најдоа на носачи на звук, а некои и на музичките фестивали.
Дел од тие песни веќе го красат музичкото издание “Етно Ризница”, а дел беа испеани на “Тумба фест 2021” на 23 август-вторник на градскиот плоштад во Куманово, чија тв премиера ќе се емитува на 11 октомври во 20 на Балкан Музик ТВ.
Прочитајте ги легендите кои ќе ви го одземат здивот, и директно ќе ве соочат со инспирацијата и богатиот творечки дух на Македонците од минатите времиња.

Во стари времиња, кога луѓето барајќи нови живеалишта, талкајќи по земјата за да најдат погодно место каде би се вдомиле, каде би го организирале своето живеалиште, нормално било прво да се осигураат во непосредна близина да има најважното нешто што им требало, а тоа секако било извор на вода за да би можеле нормално да функционираат, и во околината на тие места нормално да има соодветни равни површини за да би можеле да одгледуваат култури неопходни за живеење.
Песнава на еден шегобиен начин раскажува за тоа талкање на луѓето по пронаоѓање на место каде би ги створиле- направиле своите живеалишта. На тој начин во суштина и настанале маалата а подоцна и селата.
Во песнава лајт мотив е женска фигура на која личеле блиските ридови на местото каде што луѓето барале каде да го засноваат своето живеалиште.
Ова како дете сум го слушал од чичко ми Ѓорѓија кој беше многу умен и мудар човек, а живееше во селото Куклица Кратовско, со часови ми раскажуваше за многу нешта кои подоцна осознав дека всушност биле големи мудрости.
Приказнава е интересна, и начинот на кој народниот автор оваа ситуација ја преточил во прекрасна приказна-песна мене ме фасцинира.
Песнава сум ја слушал како дете по слави во селото и се пееше на начин еден ќе пее па по него другите ќе го повторат испеаното и така по ред, впрочем во тој крај на сите веселби на тој начин се пее и ден денес.

Влатко Алексовски Да сам сл’нце Јагудо

Оваа песна ми ја кажа дедо Досе Ангелов, веќе е покоен. Песнава потекнува од село Станци, кривопаланечко. Дедо Досе беше редовен забавувач на посетителите на манастирот Св. Јоаким Осоговски во Крива Паланка свирејќи на своето кемане и пеејќи песни од кои многу за прв пат ги слушнав и неколку од нив се најдоа на носачот на звук од стари изворни фолк мелодии од Североисточниот регион.
Познато е дека во Североисточниот регион на Македонија, особено Кратовско Кривопаланечкиот крај имал и има многу добри мајстори градители ѕидари.
Во песнава се зборува за љубовта на Јагода која посакува да е сонце и кога тоа би било возможно таа знае каде да изгрее, таа би изгреала во Будим (Будимпешта) каде што нејзиниот сакан со тајфа мајстори од околните села на Станци бил на печалба по корка леб, бидејќи времето во кое живееле било многу тешко и морало да се оди на печалба.
Но мајсторите неимари од овие краишта биле многу познати и ценети низ цела Европа, и секаде онаму каде што се граделе цркви, манастири, мостови, биле многу барани.
Момчето на својата Јагода и се обраќа со “Јагудо” од преголема љубов кон неа и затоа името и го споменува нагалено.
И оваа песна по прв пат, како и претходната се поместува на носач на звук што е и мисија на здружението “Ризница”, сочувување на историското културно наследство негово презервирање, промоција и сочувување за наредните генерации.
Аранжманите ги направи Цане Петров, а живите инструменти ги донесе Бајса Арифовска.

Песната “Месечино царева девојко” ни ја кажа дедо Љубе Спасов од село Живалево Кратовско, но и нтересно е што и другите песнопојци ни ја кажуваа и исто така интересно е што секој од нив ја кажуваше-пееше на некој свој карактеристичен- поин­аков начин, значи во пооделни села од Кратовскиот крај различно се пеела.
Оваа песна се пеела во периодот кога луѓето го започнувале вршењето. Бидејќи вршењето се случувало во најтоплиот дел од годината, луѓето станувале многу рано пред изгрејсонце и со коњски или говедски дрвени коли оделе и ожнеаните копи со жито ги транспортирале на своите гумна за да вршењето го завршат што порано од повеќе причини.
Да завршат со вршење, па да ја пуштат стоката на пасење, да си ги вршат останатите домашни активности, а приквечер се молеле да дувне ветерче како би можеле вршидбата да ја соберат по пат на ,,сеење на вра,, – со лопати го фрлале житото, а ветерчето ги оддувнувало ситните остатоци од вршењето и како резултат на тоа останувало чисто жито како производ.
Песнава ја пееле кога поаѓале да ги натовараат запрежните коли бидејќи било темно, и на овој начин, со пеење на песнава и се обраќале на месечината да им го осветлува патот за да можат да си ја завршат својата работа.

Збор два за песната “Бабино девојче”
Песната потекнува од село Бајловце-Кумановско и ова е изворната верзија на песната токму онаква каква што ни ја кажа чичко му на Нино, од оваа тема нашиот Миодраг Божиновски – Мичо го направи безвременскиот хит “Бабино девојче”.
Всушност оваа изворна верзија чичко му на Нино му ја кажал токму на Нино, значи оваа песна на нас како собирачи на изворни народни песни ни ја кажа Нино, и многу беше радосен што си ја сними во изворна верзија.

ВАСИЛ ВАЛКАНОВ – МОРЕ, МАРКО СХЕТА / Васил Вълканов – Море, Марко шета, 2017

Интересна е к приказната и за оваа песна, “Море Марко шета” , која ја испеа гостин од Бугарија Васил Валканов.
Се работи за момче, убаво, стамено, вредно кое за корка леб отишло дури во Стамбол. Момчето потекнувало од кратовскиот крај.
Во самите зборови на песната се гледа дека девојка од царскиот двор здогледувајќи ја убавината на момчето сакала да го потурчи и да биде со неа, но, Марко не сакал да си ја менува верата, би се согласил да биде со турчинката ама доколку таа ја прими неговата вера.
Таа сакала да го носи во џамија да го потурчи и да му го промени името од Марко во Хасан или Хасан ага, а тој пак предлагајќи и да биде христијанка да ја покрсти и предлага да ја води во црква и да и го промени името во Петра или Катерина
Од вкупно 16 песни, 12 за прв пат се појавуваат на носач на звук, ни открива директорот Драган Јаким.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.