Фестивалскиот оган на 58. издание на Струшки вечери на поезијата ќе се запали на 21 август

1126

Со поетска порака, која ќе се чита на свеченото отворање на 58. издание на Струшките вечери на поезијата (СВП),  ќе започне годинешната најголемата поетска манифестација во Македонија, на 21 август во Струга.

Оваа година, автор на поетската порака е истакнатиот македонски поет Влада Урошевиќ, на кој по повод осумдесет и петгодишниот јубилеј во рамките на Програмата му е посветен посебен термин за поетски портрет. Според програмата, предвидени се повеќе поетски читања на различни локации на кои ќе се претстават 32 странски и 30 домашни поети од различни генерации.

 

Освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и пренос во живо на официјален Јутјуб канал со што ќе се овозможи следење на содржините на фестивалот низ светот, но и ќе се поттикне интересот на публиката за директна посета на фестивалските настани.

 

За време на СВП, ќе биде објавен и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, а годинава во конкуренција се: Митко Гогов, Јовица Ивановски, Наташа Сарџоска, Билјана Стојановска и Катица Ќулафкова.

СВП претходно објави дека романската поетеса Ана Бландијана е добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, кој ќе ѝ биде врачен на затворањето на фестивалот.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.