Giffoni Македонија по седми пат ги отвори вратите на филмската уметност за младите во Македонија

1049

Во саботата вечерта започна 7.издание на Филмскиот фестивал за  млади „Џифони Македонија“ во киното “Милениум“ со проекција на филмот „Несовршена доба“.  Фестивалот  им посака топло добредојде на неколкуте стотици џифонци од десет земји, кои во текот на  шест дена ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе учат за интересни теми поврзани со филмот, но и ќе се забавуваат. Специјален гостин на фестивалот ќе биде Лука Чиковани, пејач  и актер, кој глумеше во филмот „Среќата на Лазаро“, кој минатата година доби  „Сребрена палма“ за сценарио во Кан. Тој во саботата, после една од  проекциите на филмови, се сретна со Џифонците и  разговараа за филмот и за неговата кариера. Чиковани има и пејачка кариера. Најпрво започнал со кавери на познати хитови од Џастин Бибер и Шон Мендес, а денес има и негова музика.

Во наредните шест дена на повеќе локации во Скопје ќе се реализира богатата програма на фестивалот „Џифони Македонија“. Креативни работилници, мастер-класови и други едукативни активности ќе ги обединат повеќе од 600 деца и млади кои се поделени во три возрасни групи – јуниори (10 до 13), кадети (14 до 16) и сениори (17 до 19).

Главната тема на која  се фокусираат е заштитата на човековата средина, со посебен акцент на воздухот. Особено важни теми во повеќето филмови и активности ќе бидат и безбедноста на интернет и борбата против врсничкото насилство. Модератори на дискусиите по сите 15 филмови во натпреварувачка конкуренција ќе бидат актерите Столе Мицов кај јуниорите, Даниела Иваноска кај кадетите, а модератор на сениорите ќе им биде Марти Али, еден од најискусните и најпосветените Џифонци.

Јуниорите денеска имаа можност да се сретнат со Јулија Чумак, која е една од продуцентките на украинскиот филм „Бобот“. а вчера  кај кадетите гости беа претставниците на филмот „Сечи“. Филмот  го промовираа режисерот Коста Ѓорѓевиќ, актерката Кристина Јовановиќ и директорката на фотографија Бојана Андриќ.

Интересна активност ќе имаат јуниорите во недела на пладне. Шефот Давор Панчевски ќе организира работилница со готвење „Готвиме филм“. Кај јуниорите, најмладите учесници од 10 до 14 години, ќе се поттикнува креативноста преку три работилници: театарска работилница заедно со режисерката Теа Беговска, ликовна работилница со Моника Мотеска и работилница за модерен танц и кореографија со балетското студио „Булфрог“.

„Џифони Македонија“ е дел од големото семејство на „Џифони експериенс“ од Италија, најголемиот и најважниот културен настан во светски рамки посветен на филмот и наменет на децата и младите, кој в година ќе одбележи 50 години од своето постоење.

Оваа година, во рамките на „Џифони Македонија“ имаме чест да бидеме домаќини на патувачката училница „Живот на социјалните мрежи“ (Una vita da social), која веќе седум години реализира едукативни средби со ученици, студенти, наставници и родители ширум Италија. Училницата е дел од европскиот проект „Поврзани генерации“ – Безбеден интернет центар, координиран од италијанското Министерство за образование и наука, а во изведба на експерти од Одделението за безбедност во комуникациите при италијанското Министерство за внатрешни работи.

Благодарение на угледот што  фестивалот го ужива во земјата и во странство, Одделението за безбедност во комуникациите при италијанската полиција, одлучи првата и единствена меѓународна активност годинава во рамките на проекот да биде спроведена токму кај нас, за време на фестивалот „Џифони Македонија“.

Се очекува околу 500 ученици од основните училишта да ја посетат патувачката училница, која ќе престојува на повеќе локации во градот, и тоа: во понеделник на платото пред „Скопје сити мол“, во вторник пред „А1 Арената Борис Трајковски“, а во среда и четврток – на плоштадот „Фонтана“ во Градскиот парк.

Експертите ќе им илустрираат на слушателите како интернетот може да се користи на полезен и безбеден начин, преку запознавање со најнепредвидливите замки и навремена превенција и заштита од можни злоупотреби.

Деновите на Џифони се во тек . На децата и младите им преостануваат уште неколку дена да уживаат во филмската програма, да учествуваат во рaботилниците од кои сигурно ќе заминат со многу знаења и да се дружат, да создаваат нови пријателства и спомени.

 

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.