ЃОЛЕ МАКСИМОВСКИ, УМЕТНИК ОД ВРВОТ: Мојот авторски албум “Holymood” е музиката што пее во мене, на него е и “Деспина”!

848

Ѓоле Максимовски подготвува соло албум, информација која многумина ќе ја дочекаат со огромно задоволство и констатација дека редно е, по долгото искуство на сцената, еден од најдобрите бас гитаристи да стави траен печат на својата плодна кариера.
А, во неа се впишани “Влатко Стефановски трио”, Гарабет Тавијтан и “Парамециум”, многу други групи, како и последно “Кабадајас”, која е на концертна пауза последнава година, но паралелно е во студио, снима.
Во една опуштена двочасовна средба, прошетавме низ целата негова музичка биографија.
*Пријатно сум изненадена од најавата за Ваш авторски албум.
-Сега можам слободно да најавам дека активно снимам и свој материјал, а мојот албум ќе биде изведен во едно трио, составено од бас, клавијатури и тапани. Александар Џигер Ванчевски на тапани е еден од најдобрите македонски перкусионисти, има свои бендови (“Триџект трио”, “Мозаик”), а на клавијатури е Александар Никодиновски, еден многу добар оперски пејач во опера и свири клавир прекрасно, така што екипата ми е малку помлада од мене, но доста искусна и многу квалитетна. А ќе има и други гости, младиот клавијатурист Стефан Алексовски, а некои сега не би можел да ги откријам, зашто не ми се дефинитивно договорени.
*Албумот ќе биде инструментален или вокално инструментален?
-Засега е инструментален. Засега.
*Вашите авторски композиции ќе Ве претстават во нова улога, а нам ќе нѝ овозможат да ѕирнеме во Вашиот внатрешен музички свет.
-Сите нумери и нивните аранжмани се мои, има само една преработка на една охридска песна. Тоа ќе биде фјужн преработка на славната песна за Деспина, веќе е снимена, материјалот е на миксање, само треба уште еден екстра материјал да се додаде и да биде готов албумот, отприлика тоа е тоа. Инаку песните се инспирирани од сета светска музика, од сето она што го слушам и што го доживувам цело време, повеќето од нив се создадени во ковид периодот кога имавме малку повеќе време да свириме по дома и да си создаваме. И така, чекавме само да помине тој лош период за сите, особено за нас музичарите, и еве дојде време финално да го доработам тоа што тогаш го изработив.
*Вистинските музичари за време на ковид- карантинот покажаа дури и многу повеќе од она што ние го знаевме и претпоставувавме за нив. Што беше тоа што толку ги инспирира и мотивира? Зборуваме за оние навистина квалитетни, не оние кои се потпираа на медиумска пропаганда и кампања, туку исклучиво на својот талент.
-Па, по повеќе децениско свирење, еве јас сепак 25 години свирам, дојдовме до ситуација да не може да свириме, да работиме, да не можеме да се искажеме пред публика, а тоа е главното нешто за кое што ние постоиме. Да го презентираме своето дело, своето знаење и умешност пред публика. И така затворени во своите домови, зборувам за себе, некако имав време да размислам што сум правел досега, зошто, што било добро, што било лошо, да свирам сам, да се истражувам себе си, сопствениот потенцијал, музиката што пее во мене, и така работејќи…но, не би го нарекол тоа работа, туку од дружење со својот инструмент, и никнаа некои нумери. Сами си излегуваа. Лесно си излегуваа. Некои се крстени според времето во кое се направени.
*Требало моментот само да ги повика.
-Една се вика “Бадник” затоа што ја смислив баш на Бадник, сама ми дојде…инаку работен наслов на целиот овој проект е “Holymood”. Свето чувство, расположение.
*Што значи тоа во Ваш превод?
-Всушност тоа е “мудот” или чувството кое го имаме ние кога сме на бина, а кое го немавме година и половина. Тоа нѝ недостасуваше.
*”Вентилите” се затворени кога си изолиран, бидејќи музичарите се навикнати својата енергија да ја врзуваат со публика, да ја развијат во синергија. Тоа ги прави нив тоа што се. И сега одеднаш си друг човек и…
-Да, да. Мислам дека тоа што се посветивме на авторство за време на ковидот е позитивна работа.
*И? Колку песни се создадоа во тој период?
-Десеттина, минумум. Веќе седум се готови. Полека си ги работам, никаде не се брзам. Јас во меѓувреме работам и на други проекти, со други колеги музичари. На пример работам со артисти како Владимир Четкар, Борис Цветановски, со помлади, но одлични музичари, но главно оваа година се занимавам со мојата музика. Со мојот нов проект учествуваме на неколку и џез фестивали, на џез фестивалот во Куманово, на џез фестивалот во Шабац, Србија, нон- стоп свириме некои клупски свирки со цел да се одржиме во форма и да не му дадеме на шундот да се шири. Да го оттурнеме.

*Јас Ве знам во поџезерско, порокерско издание и многу ме израдува оваа најава за “Деспина”, што ја ставивте да го краси албумот. Би рекла дека никако од побуди само колку да се флертува со публика, сигурно нешто сте почувствувале, и, доколку не е од интимен карактер, љубопитна сум да знам кој е поводот?
-Мене најомилен град на светот ми е Охрид. А омилено место каде што живеам Дебар маало во Скопје. Мајка ми е од охридската населба Кошишта, имам многу роднини и пријатели таму, имам проодено на плажа во Охрид, таму ги полнам батериите. И мислам баш заради тоа. Некако си ја потпевнав еден ден, излегоа некои акорди и реков “хм, а зошто да не ја направам во фјужн манир?”.
*На таа песна секогаш ми излегува цел филм пред очи. Целата приказна и Деспина ја гледам, иако не знам како изгледале тие луѓе. Тоа е само моја визија или и Вие си ја визуелизиравте за да ја пренесете во музичка форма?
-Самиот град има таква енергија што кога си таму те инспирира од старт. Тоа е “филмот”.
*“Деспина” е најохридска песна, дефинитивно! Вишнее над охридскиот свод.
-Секогаш ми се допаѓале староградски нумери. Никогаш не сум се занимавал многу со народна музика, освен што ме инспирирале некои изведувачи, меѓутоа таа ми се случи баш така што, би се рекло по охридски “апансас”, или “ан пасан”. Немав никаква намера претходно.
*Многу станавме сентиментални кон националниот код, можеби самата ситуација така нѐ прави, можеби годините во кои влегуваме. Гледам и уметници кои генерално го заобиколувале народното творештво, сега се свртуваат кон него. Го делите мислењето со сите други маестрални музичари кои велат дека народото творештво е преблагодарно, пребогато, како ковчег преполн со скапоцености? Сите тие песни создадени во градови и во села, базирани на традицијата.
-Како не?! Тоа е нашиот блуз. Тоа е нашиот соул. Тоа е нашиот код, таму е- во текстовите, во музиката, во ритамот. Тоа е тоа, само треба да се почитува да се негува и да се претставува пред и за идните генерации.
*Со Влатко Стефановски многу долго свиревте, јас посебно го ценам тој дел од Вашата кариера, а Влатко има многу земено од традиционалното. Што е за Вас она најфраерското во презентација на тоа творештво во рок, фјужн или џез варијанта? Се чувствувате потполно свои или има нешто што знаете дека е поуникатно од другите музики?
-Па знаеш дека е поуникатно затоа што кога свириш во Србија, Хрватска, Словенија, и таканатаму, народот “паѓа во несвест” од тие песни, ги знаат ама бидејќи ти ѝм ги пренесуваш во свој манир, ги допира тоа нив. Инаку можеби, некој ги чул од интернет, чепкајќи, барајќи, ама кога ќе ѝм излезеш пред 5-6 илјадна публика и ѝм ги пренесуваш во некој модерен стил- џез, рок, фјужн, индустриал, техно, тогаш гледаш колку се тие големи. Кога одиме во другите држави од бивша ју или некаде подалеку сите се чудат: “Јао брачо Македонци шта радите ви?!”. Уникатни сме во секој случај.

*Кога ќе излезе Вашиот албум, каде сѐ ќе го прошетате? Сигурно имате почетна идеја за претставување во живо, барем во регионов.
-Пред да излезе, еве, јас неколку месеци го свирам во еден клуб, “Нано бар”, во Дебар маало, еднаш месечно, во петоци, имав сесии со авторска музика и ја крстив “Мисли глобално, делувај локално, да му кажеме стоп на шундот”. И бидејќи насекаде има секаква шунд музика, ечи од кафаните наоколу, овде се свири авторска музика и тие настапи се како концерти. Тоа е почетокот на заживување на самиот нов материјал. Исто така пред да излезе албумот на 11 јануари 2023 година во еден прекрасен клуб во Тафталиџе “Аудиокултура”, ќе свирам концерт со мојот бенд, а во врска со албумот крајот на зимата- почетокот на пролетта би бил готов. Ова е прв албум каде што стои моето презиме.
*Вашиот бенд има име?
-Бендот се вика “Максимовски јунатед”, не сакав да се вика Ѓоле Максимовски трио, квартет или квинтет, затоа што сакам повеќе луѓе да учествуваат во него, некогаш се тројца на бина, некогаш четвторица, некогаш осум, така што, не сакам да бидам ограничен. Веќе реков, ова е прв проект со мое презиме на насловна страна, инаку како автор се јавувам на двата албумот на “Кабадајас” кои се мои заеднички проект со Дино Милосављевиќ, Зоран Костадиновски, Горан Бојчевски. Потоа имам авторство и во репертоарот на групата “Сет” сега се викаат “Сетстет”, до 2000-та јас свирев со нив, и со Дино заедно ѝм свиревме на вториот и третиот нивни албум. А, со ѕвездите што свирам сум музичар, бас гитарист. Со Влатко Стефановски, со Гарабет Тавитјан и “Парамециум”, со “Архангел”, со “Алшар”, со “Мозаик” со “Чиста околина”, со еден куп…
*Како успевате да ги покриете сите тие бендови?
-Е, па, јас се занимавам само со музика. Станувам наутро и свирам бас гитара. Со првото кафе. Тоа ми е љубов, која што во меѓувреме непланирано прерасна во работа, така што успевам да стигнам. И тие успеваат да ме стигнат.
*Според мене Вие сте еден од можеби неколкуте, ајде да не презицирам три или пет, најдобри бас гитаристи кај нас, а немате воопшто предрасуда да поддадете рака и да свирите со музичари кои се почетници или доста помлади, тоа ми се допаѓа.
-Апсолутно. Тоа за мене е чест, од младите луѓе се учи. Јас се сеќавам каква енергија и ентузијазам имав кога бев млад. Значи, од тој ентузијазам може само да се научи. Сега ги гледам младите и само учам, а нешто и ги подучувам, а и гледам да уживам во музиката со нив.
*Природно е сега Вашето знаење кое се акумулирало да го пренесувате на помлади. Последниве години работите и како наставник по бас гитара во “Ентерпрајс”.
-Многу ми е ќеф што последниве три години предавам бас гитара во школото “Ентерпрајс”, каде што работам со млади басисти, почетници. Децата се на возраст 11, 12 до 18 години. Значи, доаѓаат како почетници, учат тука неколку години, школото им овозможува да свират со свои врсници, да прават бендови и да свират концерти. Инаку, покрај децата имав неколку 50-годишници кои си дојдоа во школото со свои бас гитари да учат, некои свиреле а некои не. Имав случај дојде човек кој 30 години не свирел и сега сака пак. Дојде и еден 52 годишен, и со некои свои другари свиреа си направија бенд. Така што, може да дојде кој сака. Понеделник и вторник предавам таму, имам повеќе групи, во зависност од нивната вештина.
*Брзо учат?
-Децата брзо учат кога сакаа, а кога не сакаа ха ха, деца се тоа. Кога сакаат како сунѓери се.
*Имаме квалитетни музичари?
-Многу, многу..
*Точно е она во Македонија “не играј, не пеј…”
-Добредојдени се сите да играат и пеат ама навистина е така. Мислам, видете, во светот има силни музичари, луѓе- уметници кои што за жал не доаѓааат тука често, ретко кој ги запознал, а јас сум имал чест и да свирам со нив. Меѓутоа кај нас има светски луѓе и уметници со светски кариери.

*Кај нас немаме правилна презентација на сцената, немаме соодветни менаџерски и продуцентски куќи кои што тоа ќе го изнесат како што треба, или така ми се чини?
-Така е, експортот нѝ е слаб. Многу слаб. Сѐ се базира на познанство, со кого се знаеш и со кого пиеш кафе. Многу ми е криво поради тоа, мала држава сме, овде нема голем пазар, пазарот е за жал на друго место, и сега таа бариера треба да се трудиме да се надмине, да се залагаме секој со своите сили, со своите можности, тоа е иднината. Прво да се презентираш дома, меѓутоа бидејќи пазарот е мал, мора да излеземе. Е, сега со својот бенд бев на џез фестивал во Шабац и концертот нѝ беше супер прифатен. Имаме некои понуди и за други фестивали, да ги реализираме следната година, надвор од Македонија, така што треба барем еднаш два пати годишно да излезеш од својата земја. Музичарите сами се снаоѓаат, сами се менаџираат и сами се фалат на своите инстаграми, ама експортот нѝ е многу слаб.
*Ама не би требало тоа да е нивна работа, треба да се сконцентрираат на својата музика. Вие немате менаџер сѐ сам си средувате, би сакале?
-Па може, секогаш е добредојден некој што би сакал да посредува, отворена покана има некој доколку сака да работи со мене. Имаме продукти, само треба да се има желба.
*Бидејќи имате свирено многу, би сакала да Ве прашам- музичар сте кој отишол многу чекори повеќе и од најпознатите национални артисти, со кои најпознат светски уметник имате свирено досега, делено сцена на тие фестивали?
-Заедно со Влатко Стефановски, 19 години свирев во неговото трио, свиревме со многу добри музичари,од Стефан Миленковиќ до Теодосиј Спасов, Јан Акерман, Џибони, да не ги редам… Јан Акерман ми е многу драг и Спасов, тие се светски уметници, од светски калибар. Генерално кај нас сме свиреле на многу фестивали, сум свирел на “Јава џез фестивал” во Џакарта со Четкар 2016 година, беше прекрасен фестивал на кој се сретнавме и свиревме со “Чик Корија електрик бенд”. Потоа Ричард Бона. Исто со Четкар свиревме на “Јарасум џез фестивал” во Сеул, Кореја. Многу убаво, прекрасно, мирно, убаво, чисто, културни луѓе. Во разни групи сум свирел, по сите фестивали низ бивша Југославија, клубови по Европа, на “Егзит” повеќе пати, на “Демофест”. Во Австралија имавме турнеја со Влатко Стефановски трио- во Сиднеј, Мелбурн и Перт. Во Холандија сме свиреле авторски концерти, како турнеја, во Утрехт, Хаг, Ротердам, па сме свиреле во Цирих, во Виена во најпознатиот џез клуб…
*Сега на ред е славниот клуб “Блу нот”.
-Сѐ во свое време.

*Направивте преработка на песната “Девојко ми вети ти”, која многу пријатно нѐ изненади, многу добро беше прифатена, со многу елеганција изработена, и Ве најавува дека како соло автор многу нешто ќе нѝ понудите.
-Таа преработка е создадена во еден ковид викенд, во локдаун кога нѐ заклучуваа, свирејќи на мојот бас си ја потпевнав мелодијата и почнав да свирам некој ”грув”, така ми звучеше фанки па си велам “оваа песна никогаш не е направена малку фанки, ајде да се обидам да зазвучи” и размислував кој би ја пеел, се сетив на Калина Велковска- Кали. И кога го направивме состанокот со Калина, што би било кога би било, заедно заклучивме дека Никола Перевски Пере од “Нокаут” би бил тој. Се согласи на наша радост, и така се подруживме ден два. Таа нумера што своевремено ја отпеа Диме Поповски некако ме потсетува на моето детство. Генијално, генијално е испеана. Автор е Драган Ѓаконовски- Шпато, основоположникот на џез музиката во Македонија. Ми беше ќеф. Имав разговор со наследниците на правата, бидејќи е многу важна, и тие ми дадоа изим да излезе песната, и ѝм се допадна, што ми е особена чест и задоволство. Тоа ми е иницијална каписла за целиот овој материјал што доаѓа, иако таа нумера нема да биде на албумот.
*Зошто да не како бонус нумера, ќе уживаме максимално.
-Ќе видиме. Друг материјал ќе биде, така отприлика е замислен целиот проект.

*Сме слушнале и други теми од Вас а не ги спомнавме.
-Да, се јавувам како автор и ко-автор на теми на групата “Темпера” со која што имаме еден авторски албум, вториот нѝ е во подготовка- вокал Тања Тас, и музичари Мите Димовски, Драган Гиновски Гино на гитара, и јас, тоа е екипата која бевме во “Архангел”, ние тројца музичари, но без Ристо Вртев. Тоа е интересен проект кој со ковидот малку беше ставен во мирување, но се надевам ќе се освежиме, да почнеме да работиме повеќе. Овие две години работам и со гитаристот Давид Нешкоски од Прилеп, еден одличен блуз гитарист. Заедно со Давид и Дино направивме едно три кое се вика “Њу блу трио” и веќе имаме снимено неколку песни. Тоа е гитарски “пауер” трио и веќе свиревме на неколку фестивали и клубови низ Македонија, нѐ очекуваат неколку настапи надвор. Ќе пркне тој бенд повеќе. И, на крај како најново соработувам со мојот долгогодишен колега и компањон Дино Милосављевиќ во снимањето на неговиот авторски проект “Л Арта”, со кој што ќе имаме настап во февруари во “Аудиокултура”. Во тој бенд сме сме Дино, јас, Владан Дробицки и Васко Бојаџиски (и двајцата од “Сет”).
*Ајде да се навратиме малку на Вашето детство, во неколку реченици да ги опфатиме Вашите почетоци, многу музичари кои се на тоа ниво на кое сте Вие, не ни очекувале дека тоа ќе ѝм стане професија. Прво, знаеме колкав е пазарот, второ, знаеме колку се заработува од музиката, некои и не заработуваат воопшто, само колку да преживеат. Работата на музичарите е врзана и со многу трошоци, отсуства и посветено време. Кога почнувавте, сигурно некој од македонските музичари директно или индиректно Ве вовлекол.
-Некаде од шесто седмо одделение почнав да свирам во оркестарот на училиштето “Коле Неделковски” во Дебар маало, класична гитара шестожична. Тоа траеше две, три години, кога некаде прва средно почнавме заедно со друштвото да слушаме многу рокенрол и фанк музика, а јас па имав среќа да имам прв братучед кој тогаш беше басист во “Мизар” и во “Клержо”, Тони Десовски, БОГ да го прости. Еднаш ми рече “Што ќе ти е да свириш гитара, имаш два баса кај мене”. И се осмелив да пробам, кога го зедов басот навистина ми беше пријатно. И плус и албумите кои ги имав дома, бидејќи ние кога бевме деца за родендени си подарувавме лонгплејки, и имав лонгплејки од “Битлси”, од “Каџагугу”, Пол Макартни, не можам да се сетам кој уште не… Тогаш многу добри бас линии имаше во сите нивни нумери. Мислам дека од таму ми е заразата, ’85-86 средина, и јас веќе 90-тите почнав да свирам бас и првите свирки беа во рамките на наше маало. Имав и еден маалски бенд кој се викаше “Тилт”. Меѓутоа, по враќањето на отслужување на воен рок 1995 почнав да свирам, прв сериозен бенд ми беше “Сет” (сега се “Сетстат”), уште постојат имаат многу албуми. Свирам на два албуми со нив… Во меѓувреме си купив “сериозен” бас, сериозна опрема и во меѓувреме почнав да свирам со “Архангел”. Па со Гарабет Тавитјан и “Парамециум”, со “Алшар”, и со “Мозаик”, каде што бев малку автор на некои делови од аранжманите, со Веле Солунчев, сега тој е отец Никодим. Првиот настап со Влатко беше во 1998 на еден џез фестивал во Сараево, тој ме повика, зашто неговиот басист не можеше, и јас прифатив. Тоа беше прво запознавање и дружење, за да по година и половина почнеме јас и Дино Милосављевиќ да свириме секаде заедно со Влатко, сѐ до 2018 година. Таков некако е мојот пат, со многу свирки, многу патувања, многу познанства… Во меѓувреме почувствував дека треба нешто да направам и мое, ги прашав Дино и Зоран и така ја направиме групата “Кабадајас”, со која снимивме два албуми. Свиревме и во Словенија. Отприлика така накратко, е сега помеѓу има многу за зборување, концерти, луѓе, патувања…
*Тоа е многу јасно. Тука би надоврзала две прашања. Музичар со таков бекграунд, а не само Вие и други, многу малку застапени во посилните македонски медиуми. За сметка на тоа во последно време повеќе преовладуваат оние што знаат да приграбат повеќе, Ве нервира ли вас музичарите од таа класа, сепак тоа е узурпирање на чест и простор?
-Секако дека нѐ нервира дека главна вест е дека некој носи розеви чорапи, а не зелени. А инаку такво е времето, сега сами си ги кажуваме своите успеси по инстаграм и фејсбук, и еве за среќа има луѓе како тебе кои сами ќе се јават и ќе нѐ прашат. Инаку, да насловните страници отсекогаш биле полни со…
*Незаслужни луѓе, еве јас ќе кажам.
-Но, имало и заслужни, често …
*Еден убав омилен Тв лик на јавноста е Вашата прекрасна сестра Билјана Максимовска, која своевремено беше водителка. Нејзината семејна и животна среќа ја однесе подалеку од Македонија. Таа е сопруга на дипломат од Холандија и мајка на две деца. Има ли талент, зошто никогаш не се обидела во музиката?
-Билјана е толку музикална и толку добро пее и има изграден ритам и вкус за сѐ, што исто и мене не ми е јасно зошто не се пробала. Таа кога беше мала одеше на клавир година две, добро се сеќавам, меѓутоа се откажа, нешто ја одврати од училиштето во кое учеше. Инаку, таа е толку музикална и има отворена покана од мене за во мојот бенд да отпее нешто што сака кога сака.
*Би било супер, и јас сакам тоа да го видам.
-“Максимовски јунајтед” се вика, па кој сака и кој има желба нека повели.

*Бидејќи гитарата може сѐ, и со струја и без струја, сакам нешто да Ви предложам. Многу концерти се направија на алтернативни и прекрасни места како Кокино, Цоцев камен, Врело пештерата на Матка, а јас потекнувам од Преспа, каде досега ниеден музичар не направил концерт на островот Голем град. Тоа е фантастична природа, ноќе полна со ѕвезди по небесната шир. И, доколку јас би можела, би Ве поканила со Вашата група да направите нешто таму, нема струја, под ведро небо. Пред сѐ, тоа е единствениот остров кај нас, кој има многу голема историска, духовна и природна вредност.
– Значи, еве ќе ја сфатам како покана за сериозно, ако зборуваме за некои привлечни концертни џезерски точки, тоа би било одлично. Прв пат да направиме на островот во Преспа. Вакви оригинални идеи ми се прекрасни, многу сакам и природа. А пред некој ден читав за монахот Калист. Имаме ние големи богатства, имаме …

Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.