Годинешново издание на ОФФ-Фест од 3 до 8 јуни

760

Осумнаесеттото издание на Традиционалниот ОФФ-Фест, што годинава ќе се одржи од 3 до 8 јуни, содржи  9 настапи и еден документарен филм, објавија организаторите.

Фестивалот ќе го отвори, на 3 јуни во МОБ, виртуозниот дует на велшката харфистка Catrin Finch и сенегалскиот кора-мастер Seckou Keita, како и нашиот њујорчанец Крсте Роџевски, со концертна премиера на својот исклучително интересен и вреден материјал, во придружба на неговите најблиски музички соработници од првата лига на њујоршката џез сцена.

На 4 јуни во МКЦ ќе се слави музиката од Мали, најпрвин со прикажување на документарниот филм “Mali Blues”, а потоа и со концертот на единствениот Bassekou Kouyate и неговиот бенд Ngoni Ba, промовирајќи го својот најнов, одлично оценет албум “Miri”. Звукот на Мали ќе одекнува и следната вечер.

Вечерта на  5 јуни, е резервирана  за  настапот на најголемата ѕвезда на годинешниот ОФФ-Фест, атрактивната африканска дива Fatoumata Diawara, а во рамките на т.н. “Balkan Fever Night”  на 6 јуни во МКЦ, ќе се  имаат настап две големи балкански world-music атракции: неприкосновените претставници на „унгарската тамбурица“ Sondorgo и струмичкиот „фанки тигар“ Џамбо Агушев со неговиот многуброен, експлозивен и светски популарен дувачки оркестар.

Претпоследната вечер (7 јуни, МКЦ) е посветена на модерната интерпретација на традиционалното, претставена низ фасцинантниот аудио-визуелен перформанс на „либанскиот одговор на Gotan Project“ – групата Love And Revenge и фуриозната електро-психоделична cumbia на Колумбијците Romperayo.

Фестивалот ќе заврши на 8 јуни, во клубот Епицентар, со ексклузивен полноќен диџеј-сет на Daddy G од Massive Attack.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.