ХРИСТИЈАН РИСТЕСКИ: Еден живот е многу малку да се научат тајните на гитарата

311

Во светот на популарната музиката, за гитаристите владее мислење дека се фраери на сцена, затоа што и самиот инструмент е прилично фраерски. Уште еден млад гитарист кај нас сѐ повеќе добива на популарност, Христијан Ристески, што е директна причина и повод за наша средба.
Христијан, Вие припаѓате на младите гитаристи, кои активно се посветени на својот инструмент. Како научивте да свирите гитара? Која беше првата песна што ја научивте?
-Мојот прв учител е мојот татко, и верувале или не, после сите овие години ја “слушам” неговата ДНК во тонот на моите прсти. Тој е одличен ритам гитарист. И покрај долгогодишното формално образование (ДМУ Битола и ФМУ Скопје) голем дел од тоа што го научив за гитара, а воедно и музика е од музичка литература (книги како Mark Levine – Jazz theory book) и видео лекции на светски познати гитаристи (Paul Gilbert, John Petrucci, Vinnie Moore, John McLaughlin. ..). Сето тоа е достапно на интернет, кој сака може лесно да најде. Прва прва песна што научив да ја свирам од почеток до крај беше Purple Haze од Џими Хендрикс.

Гитарата е многу современ инструмент без неа не се може. Со неа се свири првенствено рок, поп, хевиметал, блуз, кантри, народно, фламенко, што не… Таа и дава енергија и сила на песната.
-Гитарата е и мелодиски и хармонски инструмент, па дури има можност и перкусивно да се изразите на неа. Прекрасно и магично! Тоа нуди огромна палета на средства за израз, па лесно може аранжмански да се вклопи во многу стилови на музика (натаму сѐ зависи од креативноста на инструменталистот и познавањето на музички стилови). Еден живот е многу малку да се научат тајните на инструментот, а оттаму доаѓа и мотивацијата за доживотна посветеност на учење кај многу од нас.
Што е разликата меѓу акустична и електрична гитара, а што меѓу соло и бас гитара?
-Акустичната гитара има резонантен отвор па затоа сама по себе е гласна. Додека пак електричната гитара има магнети кои служат како еден вид микрофони што го спроведуваат звукот од жиците до гитарскиот засилувач (појачало) со помош на електрична енергија (Фала ти Никола Тесла). Главната разлика меѓу гитара и бас гитара е тоа што соло гитарата има 6, а бас гитарата 4 жици. Исто така дебелината на жиците се разликува, па двата инструменти се наштимани во различни регистри (октави). Во денешно време може соло гитара да има и 8 жици, а бас гитара и повеќе од 6.
Како обучувач по гитара, што ќе заклучите, младите се заинтересирани за овој инструмент и во колкава мера?
-Апсолутно. Мислам дека не може да се спореди заинтересираноста сега и во изминатите години, бидејќи електронската музика си го направи своето во последните две децении, но сметам дека има и секогаш ќе има деца што сакаат да свират инструмент. Гледам дека Instagram полека ја враќа желбата кај младите да изучуваат инструменти, конкретно и гитара, што особено ме радува.


Колку време на еден просечно талентиран музичар му треба да научи основно да свири на гитара?
-Од моето искуство како инструктор/учител, најмногу зависи од вложеното време – посветеноста на самиот инструменталист, па затоа тешко е да се генерализира. Има ученици што свират цели песни пo само неколку недели. И секогаш главен фактор за напредок е вежбањето, а не талентот. Потпирање на талентот наместо на вежбање инструмент за мене е спротивно на ставот потребен за успех. Затоа цело време моите ученици ги охрабрувам да бидат трпеливи и да вложуваат што е можно повеќе труд, сѐ со цел побрзо да стигнат до саканите резултати – без “мака” нема наука, нели?
Бројот на жици на гитара игра важна улога, со колку жици најдобро се свири?
-И покрај сите експерименти во денешно време со бројот на жици, сметам дека стандардните 6 жици се бројката на која треба да се задржиме (евентуално 7, ако станува збор за хевиметал). Гитарите со 8 и повеќе жици се мешаат во регистарот на други инструменти, па не гледам причина да постојат како такви, освен ако не е цел на одредената музика да има само гитари и тапани.
Може да не запознаете со податокот колку чинат гитарите, од – до, како и тоа која во моментов е најценета марка на гитара?
-Моментално најевтините инструменти што се достапни кај нас имаат некоја почетна цена од околу 6-8.000 денари. И одлични се за почетници на инструментот. Додека за вистински професионалните гитари почетната цена е 800€, а се движи до неколку илјади во истата валута. Водечки брендови по квалитет во моментот се PRS и MusicMan гитарите.

Кој е според Вас најдобриот гитарист на сите времиња?
-Морам да признам дека е често поставувано, но многу тешко прашање. Како пример за нагло движење на инструментот во нови правци и експериментирања е дефинитивно Џими Хендрикс, оттаму многумина го сметаат за најдобар, најголем…Меѓутоа сите светски имиња се важни и придонесуваат за музиката и гитарата на свој начин. Најголем виновник што јас одлучив да сум гитарист е Brian May од Queen, па би го издвоил како најважен за мојот музички развој. Генијалец во вистинска смисла на зборот.
Сте биле на концерт на некој познат гитарист, како сте го доживеале?
-Сум бил на концерти на повеќе познати гитаристи: John McLaughlin, Al di Meola, Frank Gambale, Scott Henderson итн.. Доживувањето на секој концерт е исто, како дете што ја добило омилената играчка од Дедо Мраз.
Како музичар сте членувале во повеќе бендови, спомнете ги нив, и секако нивните остварувања, снимени носачи на звук, концерти, гостувања…
-Низ годините бев член на повеќе бендови (Patience, High Start, Yanissaries, МБ квартет, Chromatic Point..) од кои дефинитивно Chromatic Point се издвојува со 4 издадени албуми, покрај настапите кај нас и на Балканот, како соло концерти – така и фестивали
Што работите на тема компонирање нова музика во моментов, имате некои планови?
-Имам доста идеи, незавршени композиции за кои чекам да се најдат вистинските луѓе со кои можам да ги реализирам. Во музиката покрај идеите, многу е важен тимот со кој работите за да го реализирате тоа што го имате како идеа во главата.
Од Вашиот град Прилеп дојдовте во Скопје, да музицирате. Нуди ли Скопје поголеми можности? Се живее ли од музика?
-Скопје нуди повеќе можности за музичарите, неспоредливо со било кој друг град во Македонија. Ковид ситуацијата многу го отежна животот на музичарите во последниве две години, но се тргнува конечно од некоја “мртва точка”.
Валентина Ѓоргиевска Парго

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.