Интервју со Благоја Варошанец- Проектот Skopje secret spot , паметник за минатите времиња

1680

Да не беа социјалните медиуми пред се, изминативе три месеци во изолација, стрес, полициски часови, денови  просторно оддалечени од најблиските и од оние со кои на овој или оној начин го делите секојдневието, немаше да знаеме за многу нешта кои се случуваат или не се случуваат. Така листајќи низ објавите на најпопуларната социјална мрежа фб воочив наслов кој ме поттикна да видам кој стои зад таа интересно реализирана идеја. И на мое изненадување и задоволство зад проектот  Skopje secret spot кој содржи фотографии од монументи и уметнички дела низ главниот град, стои Благоја Варошанец, историчар на уметноста, виш кустос во Музејот на современа уметност  во Скопје .

И ете повод од дистанца да направам интервју со него и на некој начин да откријам што и зошто се случува во овој интересен проект, во едно отуѓено време.

 

Идејата ти е уникатна, навидум едноставна но сепак со голема тежина и оттука би го почнале разговорот .

-Дали овој проект тлееше во тебе како идеја од поодамна или се роди во ова т.н. „корона време“?

Вистинска инспирација е социјалната изолираност изминатиов период. Релаксирачката атмосфера помогна сите тајни места да испливаат од заборавот на брзината на  времето. Фрагментите од Скопје, кои живеат со децинии, сега изгледаат како новина. Сите тие новооткриени места што ги споделувам, самиот ги доживувам како највредни претставници на наследството на модерната уметност и архитектура на градот и општо на урбаната стварност.

-Колку време ти требаше да ги запишеш преку фото објективот сите скулптури и знаменитости?

Изминатиов период, околу 2 месеци во секојдневните попладневни прошетки по полупразните улици, „ловев“ по неколку места и собирав фото-документација. Потоа ги селектирав материјалите, истражував и ги збогатував со информации од историскo значење за нивната уметничка вредност.

 Дали со ова создаваше и некоја друга паралелна приказна?

Во ова време на „успорени“ активности, освен на идејата за Secret spots работев и на некои професионални содржини. Секако разлистав многу пропуштени наслови, па така една идеја најчесто иницира друга.

 

Можеш ли да издвоиш пет од фотографиите што ти се најдраги,ако можеш зошто?

Ехх, сите тајни места ми се посебно драги, како утопија врз реалноста. Некои ме потсетуваат на детството и безгрижните моменти, а некои пак на дружбите како урбан топоним. Детектираните естетски вредности преставуваат белези на Скопје, на кои секогаш со задоволство одново им се навраќам.

 

Твоево потсетување низ фотографии е еден вид ретро паметник. Размислуваш ли за укоричување во некоја форма?

Споменик на борецот Бера Јоциќ

 

Не се надевав дека оваа навидум ентузијастична идеја ќе прерасне во сериозен истражувачки проект, кој е одлично прифатен, Сега сум се повеќе сигурен дека овој материјал ќе го пренесам на некој медиум, кој ќе ја зачува специфичната културна димензија на јавниот простор.

 

 

Ти недостасува ли секојдневната бркотница ?

Од целава оваа корона ситуација ми недостасуваат креативните соработки, дружбите, долгите разговори со моите блиски пријатели и заедничките патувања.

После три години на пример, кога ќе се сеќаваш на овој период како би го опишал ?

Овој период би го опишал како нереален сон кој го живееме и ќе го живееме во неодредено време. Период кој ни даде време да се соочиме со себе си, да направиме некои интересни одлуки и да откриеме работи за кои што не бевме свесни дека постојат.

 

Останува да ги проследиме објавите на Варошанец и преку нив  да откриваме што всушност нашиот град поседува а не сме го ни забележале , а уште помалку сме запознати со значењето, историјата и позадината на истите.

Тоа што го објавува од своите уметничките тајни на Скопје, е само еден мал дел, неговата архива е голема и секој ден се дополнува, така што можеме да очекуваме уште . Посакуваме успех на проектот Skopje secret spot и очекуваме да го видиме во едно заедничко издание по избор на авторот Благоја Варошанец.

Интервјуто го водеше

Татјана Гогоска – одговорен уредник 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.