Јовче Петковски, професор по музика и автор – Не дозволувам оваа состојба да влијае врз мојата позитивна енергија!

1625

Со Јовче Петковски професор по музика, хармоникаш и автор, запис направи Валентина Ѓоргиевска-Парго

Како го поминувам времето во карантитн?

Ги почитувам мерките на Владата и искрено не дозволувам оваа состојба да влијае на мојата позитивна енергија. Јас сум многу позитивна личност која времето го користи максимално. Секое утро ми започнува со свежо подготвен сок од овошје или зеленчук што дополнително ми дава енергија за активностите во текот на денот. Некогаш знам да си зготвам некое вкусно јадење, да прочитам некоја книга, да изгледам некој филм и секако посветувам повеќе време на семејството. Во овој период најважна е физичката активност, па затоа секој ден по еден час практикувам разни вежби коишто можат да се изведуваат во домашни услови или пак да трчам на спортското игралиште во близина на мојата куќа.

Исто така имам и голем двор,па една од активностите ми е да го одржувам зеленилото во дворот односно косам трева,се грижам за цвеќињата, а исто така работам и во пластеникот каде што произведуваме ран зеленчук. Со оглед на тоа што живееме во време на развиена технологија и интернет преку социјалните мрежи секојдневно контактирам со моите пријатели и колеги. Меѓутоа она на што посветувам најголем дел од времето во текот на денот секако е музиката.Таа некако ни е најпотребна во овие времиња за да не опушти и барем на миг да ја заборавиме оваа ситуација. Јас работам како наставник по музичко образование,па секојдневно подготвувам различни активности за моите ученици,одржуваме онлајн настава,свириме и пееме.

Хармониката е моја голема љубов па и овие денови најдобра пријателка со која се дружам секојдневно. Се надевам дека сето ова брзо ќе помине и сите ќе бидеме живи и здрави и наредното интервју да ни биде за успешни концерти со моите ученици.Она што исто така би го порачал на читателите е да седат дома и да слушаат убава македонска музика.

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.