Филип Петровски, писател и професор -Слободното време прави простор за инвестиција во себе!

974

Постојано слушаме дека луѓето немале време за самите себе си. Толку многу се жалеа дека се преокупирани со работите кои ни ги наметнува системот и механизмот во кој живееме… И кога дојде едно тивко стишување на таков живот… истите тие луѓе сега се жалат што да прават, кога за истото тоа слободно време плачеа? Ова е доказ дека на човекот не може да му се угоди. На човекот може, но на она анималното во вас, нечовечко, неосвестено, никогаш не може да се засити, додека некој не му поткаже. Ова е доказ дека таков човекот има проблем првин со самиот себе си. Неосвестениот човек е како буре без д`но, колку и да има, бадијала се.

А времето? Која е цената на времето? Кога знаеме дека ниту еден минат миг не се повторува… така ја одредуваме и скапоценоста на времето. Тоа е бесценето! Нема цена. Ниту еден миг не се враќа назад, и само немилосрдно протекува.  Секој миг имаме еден миг помалку за живеење… И се уште не се освестуваме… Тука ќе одвојам и една моја поговорка од мојата книга: Капка по капка животот ни тече… капка по капка сега и никогаш повеќе. Слободното време може да значи инвестиција во себе, како што никој не може да ни ја даде. Не е во животот само инвестирање преку професијата која ја негуваме. Тоа е само еден сегмент, еден финансиски комодитет. Вредноста на животот е со многу поширок спектар на подзаборавени можности и вредности. Каде е инвестирање во нашата емотивна, психолошка и духовна страна од нашето битисување? Живеејќи за другите и според другите, честопати забораваме да живееме за самите себе си, за нашата есенција, а не само за она стекнато општествено јас. Уметноста со целата нејзина раскошна елоквенција може да не издигне на едно повисоко ниво од секојдневното жеволење и да заборавиме што е тоа досада. Досада е еден вид на анксиозна состојба.

Неодамна држев предавање за нашиот композитор Трајко Прокопиев. За него можам да кажам дека е рамо до рамо со врвните мајстори на балетите и оперите како што се еден  Чајковски и Прокофјев. Ако се мислите што да правите во домашните услови, топло ви препорачувам да се запознаете со неговото богато творештво, а ќе ги одвојам балетот „Лабин и Дојрана“ и операта „Разделба“ кои се создадени според драмата Печалбари од Антон Панов. Вистинско време да се отргнеме од наметнатите тв серии од кои честопати се слуша дека се здодевни.

Луѓе малку проблеми ли носи самиот живот, за да гледаме туѓи проблеми кои додатно не трујат потсвесно додека ние мислиме дека се опуштаме?! Се ова се случува бидејќи живееме само инстиктивно механички и се служиме со тоа што ни сервираат. Ако се отргнеме од механичко живеење според неколкуте навики кои секојдневно ги користиме, ќе сфатиме дека времето да научиме да бидеме луѓе со вистински човечки квалитети дури и е прекратко… Оној што вложува во себе, малку му се 24 часа во текот на денот. Се учи да се ужива во работите, не се ужива туку – така. Племенитоста на уметноста може да не збогати и да ни ги прошири видиците. Дури тогаш може да кажеме дека се стремиме кон еден повисок, посвесен и поквалитетен начин на живеење, се до тогаш сме само пиуни на шаховската табла, и пиуните се замислуваат кралеви и кралици во една церемонија наречен стресен живот. Не чекај… времето е прекратко… почни да учиш како да уживаш во друштво на самиот себе си, инвестирајќи во своето емоционално и духовно живеење преку уметноста, музиката и литературата. Дури тогаш светот ќе стане подобро место за живеење, кога луѓето ќе се стекнат со човечки племенити особини.

И за крај ви препорачувам да го прочитате мојот психолошки роман „Последната книга на планетата земја“ кој е со среќен крај! Да го намалиме социјалното растојание во овој момент, и да се зближиме кон самите себе си! Да појдеме од себе си, да научиме првин себе си да се разбираме а потоа и спознаеме, а подоцна и светот! Вреди да се проба!

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.