Кански фестивал 2020 – Издание со 56 филмови што ќе се прикажуваат низ светот

918

После долги размислувања и договарања, одговорните на Канскиот фестивал излегоа со официјалната програма како и начинот на одржување на годинешното издание на овој најпрестижен филмски европски фестивал за оваа година. Впрочем, овогодинешното 73-то издание на Канскиот филмски фестивал е откажано, но сепак организаторите го објавија официјалниот избор на филмови што требаше да бидат прикажани на овој престижен настан. Селекцијата вклучува 56 продукции, а во текот на годината тие ќе бидат прикажани во киносалите и другите фестивали.

“Во такви околности, физичкото издание на Кан беше тешко да се замисли, па моравме да направиме нешто поразлично. Верувам дека сите ќе разберат дека класичното одржување не е можно годинава“ – изјави уметничкиот директор на фестивалот Франсоа Фремо.

 

Меѓу избраните филмови се остварувањата на славните режисери Вес Андерсон, Стив МекКвин, Наоми Кавазе… кои беа избрани во програмата на ветерани.

Во програмата се вклучени 14 филмови на автори кои веќе претходно биле селектирани на Кан, а во официјалната селекција се опфатени и 15 дебитантски филмови, пет комедии, четири анимирани филмови, три документарни филмови и омнибус за Хонг Конг.

Избраните филмови би биле во главната програма на фестивалот или во селекциите „Извесен поглед“ и „Полноќни проекции“.

Еден од филмовите на Вес Андерсон кој што треба да се прикаже е „Францускиот диспечер“ (The French Dispatch)”, опишан како љубовно писмо до новинарите. Заплетот се одвива во француското седиште на измислен магазин сличен на „Њујоркер“. Во актерската екипа на филмот се Бил Мареј, Тилда Свинтон и Бенисио дел Торо, па се претпоставува дека токму со совој филм на Андерсон ќе се отвореше 73-от Кански филмски фестивал, доколку се одржуваше на планираниот датум во мај.

Меѓу селектираните филмови се и „Ete 85“ од Франсоа Озон, „Вистинските мајки“ (True Mothers) на јапонската режисерка Наоми Каваза, и „Lovers Rocks” и „Mangrove“ на британскиот режисер Стив МекКвин, како и „Друк“ на данскиот режисер Томас Винтерберг.

Според уметничкиот директор Франсоа Фремо, рекордни 2.067 филмови се земени во предвид за овoгодинешната програма. Од разгледаните филмови, 29 се француски, што според него би можело да биде добра програма за наградите „Цезар“, француската верзија на „Оскарите“.

Филмовите избрани во Кан ќе бидат поканети на фестивали како Локарно, Торонто, Сан Себастијан, Њујорк, Лион и Рим, а годинашната промена е дека некои филмови ќе бидат премиерно прикажани во натпреварувачката програма на филмскиот фестивал „Сан Себастијан“. Одредени филмови ќе бидат прикажани на Венецискиот филмски фестивал, што ќе се одржи во септември.

Планирано е да се организираат и кино настани, кои Фремо ги нарече „Cannes hors les murs“, односно „Кан надвор од sидовите“.

Меѓу избраните филмови нема македонски, ниту македонски копродукции.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.