Кинотека на Македонија вечерва со три интересни филмски проекции

462

Три филмски остварувања за љубителите на филмската уметност вечерва (28 мај) во Кинотека на Македонија.

Од 18 часот краткометражниот филм „Последните камбани“ (The last church bells), во режија  и сценарио на  Николче Поповски. Веднаш по него играниот филм „Студена војна„ (Zimna wojna / Cold War), Игран филм, Полска / Велика Британија / Франција во режија на Павел Павликовски (Pawel Pawlikowski), по сценарио на  Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Pawel Pawlikowski, Janusz Glowacki) а во главни улоги  Јоана Кулиг, Томаш Кот, Борис Шиц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc).

Сторијата на филмот зборува за страсната љубовна приказна меѓу младата и амбициозна пејачка и танчарка Зула (Јоана Кулиг) и музичарот и диригент Виктор (Томаш Кот). Зула излегува од поправен дом и се пријавува на аудицијата на новоформираното културно-уметничко друштво што ги негува традициите на полскиот фолклор веднаш по војната.

Зула и Виктор имаат различно социјално потекло, но започнуваат љубовна врска. Виктор сака да побегнат на Запад, поточно во Париз, но Зула веќе има некаква кариера на фолклорна ѕвезда, па не му се придружува веднаш. Откако ќе го стори тоа, но на легален начин, Зула сфаќа дека слободата не е таква каква што ја замислувале со Виктор, бидејќи тој е само обичен пијанист во еден париски бар, а Зула пејачка што снима плоча, но ја нема славата како во Полска.

Зула решава да се врати дома, а Виктор останува во Париз како политички емигрант, но ја користи секоја можност да ја види Зула на гостувањата на полскиот фолклорен ансамбл низ Европа. Воден од љубовта кон Зула, Виктор се враќа во Полска, но право в затвор, бидејќи бил емигрант. Зула е веќе мажена со директорот на ансамблот, непривлечен кариерист, има и дете со него, но љубовта кон Виктор не престанала да тлее…

Филмот „Студена војна “  освои „Златна палма“ за режија во Кан минатата година и беше еден од најсериозните кандидати за Оскар, со бројни одлични критики низ целиот свет.

Од 20 часот  ќе биде проекцијата на филмот „Солта на земјата“ (The Salt of the Earth), производство Франција

Во режија: Вим Вендерс, Хулиано Рибеиро Салгадо (Wim Wenders, Juliano Ribeiro Salgado), Сценарио: Вим Вендерс, Хулиано Рибеиро Салгадо, Дејвид Розие (Wim Wenders, Juliano Ribeiro Salgado, David Rosier), со учество на Себастиао Салгадо, Вим Вендерс, Лејла Ваник Салгадо (Sebastião Salgado, Wim Wenders, Lélia Wanick Salgado)

Во текот на 40 години, бразилскиот фотограф Себастиао Салгадо патува низ повеќе од 120 земји во светот, по трагите на едно човештво кое постојано се менува, документирајќи ја темната страна на човечката состојба во скриените агли на светот. Тој е сведок на некои од најголемите несреќи во блиската историја: меѓународни конфликти, глад и егзодуси. По повеќе години поминати пренесувајќи ги овие слики на другиот крај на светот, тој тргнува на едно ново патешествие – откривајќи недопрени територии на флора и фауна, и на грандиозни предели како дел од еден огромен фотографски проект кој ѝ оддава почит на убавината на земјата – проектот „Генезис“. Животот и делото на Салгадо ни го откриваат неговиот син, Хулиано, кој го придружува на последните патувања, и Вим Вендерс, кој и самиот е фотограф.

Филмот ја освои Специјалната награда во програмата Извесен поглед („Un certain Regard“) на Канскиот Филмски Фестивал во 2014 година и беше номиниран за Оскар за Најдобар документарен филм. Неодминлив филм за секој оној кој ја сака фотографијата и кој верува дека „чинот на гледање“ не е проста даденост, а дека сликите кои траат – за да се најдат, првo треба да се побараат.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.