Кога потомците се горди на претците- Исаија Попоски, учителот од Битуше!

155

 

Пишува  М-р Татјана Гогоска, новинар и автор

Написот за мојот дедо, големиот учител Исаија Попоски од селото Битуше, во весникот „Нова Македонија“ е отпечатен на 17 јуни 1961 година, вели Татјана Гогоска

Во животот многу често нештата што ни се дадени од Бога, во семејството, со најблиските ги земаме здраво за готово. Од трката во сопствениот живот, како да подзабораваме доволно да ги почитуваме или да ги споменуваме.
Но, сигурно не случајно се случува, едноставно некој „клик“, кој се случи и кај мене овие месеци, па почнав да тарашкам по спомените, весниците, сликите барајќи корени на она што сум јас како личност, индивидуа, креативец и да ги барам основите за мојата сила да издржам и кога тоа изгледа дека е неможно.

Често велам дека силата, храброста и непокорот ми се наследени од татковата страна (борци, војводи, непоколебливи Македонци и многу чесни луѓе), а учењето, креативноста, непокорот преку создавањето дела ми се од мајчината страна. Мајка ми како УЧИТЕЛКА, професорка и авторка ми била пример низ растењето, иако сега гледам дека не секогаш сум сфаќала и прифаќала што ми зборувала и на што ми укажувала.  Ова писание, есеј или како да го наречеме, ќе му го посветам на мојот дедо по мајчина страна, ГОЛЕМИОТ УЧИТЕЛ Исаија Попоски од селото Битуше.

И од летото 2019-то, кога весникот „Нова Македонија“ објавуваше стари исечоци по повод 75 години постоење, во куќата во Битуше знаев дека постои еден исечок токму од весникот „Нова Македонија“, каде што има објавено профил за мојот дедо. И така малку од немукает малку од обврски, еве во навестувањето на пролетта седнав да напишам ред-два за него.

Написот во „Нова Македонија“ е од 17 јуни 1961 година, месец и повеќе пред моето раѓање, а мајка ми го чува со многу љубов. Текстот за него почнува вака: И денес, на 68-годишна возраст, Исаија Попоски од селото Битуше, Дебарско, не може да се раздели од училиштето и децата и затоа, иако во пензија, последните две години ги помина во селото Пожаране, каде што заедно со својата ќерка Ленче, најмалата од 11-те деца негови и на неговата сакана и почитувана сопруга Петра, учителствуваше, не сакајќи да ја остави сама во планинското село Пожаране на Шара, каде што таа беше распределена да работи по завршувањето на Учителската школа.

Пензионираниот учител од 1948 година, по двегодишното учителствување во Пожаране, се враќа во Битуше, каде што иницира градба и отворање ново училиште, а каде што прва учителка до нејзиното заминување во Гостивар била токму неговата ќерка Ленка (Ленче) Попоска. Во училиштето во Битуше детски џагор се слушаше до 1990-тите години, кога поради миграции на населението целосно замре.

Кој е Исаија Попоски?

Роден е како прво дете во повеќечленото имотно семејство на Коста и Илинка, неговите двајца браќа Петре и Симон и трите сестри Стојна, Јованка и Дилба, во 1889 година. Вреден, бистар, креативен, трудољубив и желен за знаење, сепак ја послушал желбата на татка си и отишол во Софија, на Богословското училиште, каде што биле и неговите двајца браќа, кои останале да живеат и работат низ храмовите во Бугарија.
Тој се вратил во родниот крај, а враќањето му донело многу тага, затоа што од туберколоза ги изгубил родителите и двете сестри. Но, неговите таленти и желба за учење не го запираат и тој оди во Белград, без нечија поддршка, со големи самооткажувања, и се запишува на Големата учителска школа. Во најкраток рок ја завршува, стекнувајќи се со дипломата УЧИТЕЛ.

Се враќа во родниот крај, каде што почнува да работи во селото Велебрдо и ги отвора првите одделенија за описменување девојки. Откако го создал многудетното семејство со својата сопруга Петра, учителствувал со многу љубов и желба за знаења во селото Рудиње – Пиротско во Србија, од каде што дошол во Скопје и учителствувал од 1937 година до 1944 година, во Радишани, Скопско. Се враќа во Битуше со семејството, откако неговата купена куќа пред војната во центарот на Скопје му е затворена и населена од други семејства. Во 1948 година станува пензионер им се посветува на семејството и на црковната дејност во селото и реканскиот крај.
Така живееше до 1968 година, оставајќи ги зад себе сопругата Петра, 10-те деца и 27 внуци, но и живот што нималку не го поштедувал, но тој никогаш не се предавал благодарение на неговиот силен дух, волја и работа.

Ете, нешто знаев за него, нешто сега поднаучив, благодарение на стариот текст за него во „Нова Македонија“, во меѓувреме открив и понекоја особина кај мене, а највредната е „и кога ти е најтешко, со крената глава продолжи“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.