Социјална инклузија „САЈБЕРКУЛТУРА“ во Мала Станица

93


Социјална инклузија „САЈБЕРКУЛТУРА“
22 декември 2021
Мала станица, 12.30 часот
(По повод Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби)

Појавата на Интернет и дигитализацијата во секојдневниот живот доведе до нови форми на општествени активности кои ја вклучуваат и областа на сајберкултурата. Сајберкултурата често се поистоветува со дигитална култура, интернет-култура, виртуелна култура итн. Сето ова укажува на еден тренд во современото живеење, на начинот на кој се одвиваат комуникациите и размената на информации. Улогата на Интернет, кој е еден вид есперанто јазик, создава виртуелни и онлајн комуникации кои се општоприфатени од сите возрасти.
Особено пандемијата со ковид-19 предизвика сите максимално да ги користиме социјалните медиуми, да бидеме поврзани без разлика каде се наоѓаме, да работиме, да споделуваме и да учиме едни од други и едни за други. Проектот „Сајберкултура“ е своевидно огледало на оваа наша стварност, еден вид одговор на сето она што се случува во светот, на она што се случува кај овие млади луѓе, без разлика дали се деца од редовната настава или деца со попреченост. Тие изработија разни цртежи, скулптури, колажи, дигитални творби во кои коментираат за Инстаграм, Твитер, Тик-Ток. Какво е влијанието од прекумерното следење на социјалните мрежи? Дали Интернет управува со нивните животи? Поставуваат и одговараат важни прашања за социјалната психологија, за односот меѓу онлајн и реалноста, за „реалното“ и „виртуелното“, за скриениот или вистински идентитет, како и за бесконечната комуникација меѓу сите нас тука и луѓето „некаде таму“.
Во овие времиња на ковид-19, најголемиот предизвик за повеќето од нас е како да се заштитиме себеси од опасниот вирус. Но тој воедно ни ги покажа и тежината на проблемите со кои се соочува човештвото и нашата ранливост. Можеби светот најпосле ќе се смени откако ние прво ќе се смениме? Можеби сѐ се случува со добра причина? Можеби треба да бидеме повеќе свртени едни кон други и да покажеме грижа и љубов без задршка?…
Во духот на научнофантастичниот филм „Матрикс“ (1999 г.) и главниот херој Нео, кои ни пренесуват порака дека сами креираме свој свет и самите сме негови господари, секој од нас треба да биде по малку Нео. Само така можеме да се спасиме себеси, а со тоа и светот во кој сите заедно живееме и создаваме! Со овој проект ги начнавме ваквите современи прашања.
Уметничкиот инклузивен мозаик го креираа ученици од осум скопски гимназии и тоа: СУГС Гимназија „Орце Николов“, СУГС Гимназија „Никола Карев“, СУГС Гимназија „Јосип Броз-Тито“, ученици од паралелката со програмата од Меѓународна матура, ,ДУЦОР „Партенија Зографски“ (училиште за деца со оштетен слух и говор), AHSS American High School, СУГС „Лазар Танев“, СУГС „Зеф Љуш Марку“ и СУГС „Арсени Јовков“.
Националната галерија на Република Северна Македонија како општествено одговорна институција традиционално го одбележува Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, а за учество во овој проект на сите учесници ќе им додели благодарници и пригодни подароци.
Едукатор на проектот е Маја Димитрова.
Проектот ќе може да се погледне до 5 јануари 2022.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.