Ленка Попоска-Гогоска „Повеќе од мајка“ -Зa одродувањето на сродниците

993
Oвој текст претставува рецензија (осврт) за романот со наслов „Повеќе од мајка“ од авторката Ленка Попоска–Гогоска објавен во 2008 година. Во трудот се елаборираат основните структурни елементи во трите дела на овој роман, а тоа се описите, дејствата, настаните, интегрирањето на ликовите, хронотопијата, стилското изразување, фокализацијата, нараторските позиции и сл. Покрај тоа, во рецензијата се посочува дека станува збор за една приказна раскажана по хронолошки редослед која ги следи сите премрежија низ кои минува семејството на Петар и Илина и на нивните деца и внуци во текот на речиси цело едно столетие, како и тоа дека таа приказна служи како основа врз која натаму се градат книжевно-уметничките пораки, размислите, ставовите и филозофските согледби. На крајот од освртот се заклучува дека Ленка Попоска–Гогоска со овој роман успеала да изгради една лесно приемлива и лесно читлива, едноставна семејна приказна со многубројни пораки, но и поуки.

Според сите свои структурни особености – описите, дејствата, нас-таните, интегрирањето на ликовите, хронотопијата, композицијата, хроно-логијата, стилското изразување – романот “Повеќе од мајка# од авторката Ленка Попоска-Гогоска е типичен реалистичен роман. Воопшто не е случајно тоа што овој податок го даваме на почетокот од освртов кон романот затоа што со ова романескно остварување се покажува (по којзнае кој пат!) дека и во постмодернистичкото време се создаваат дела потпрени врз реализмот, но и тоа дека класификацијата на литературата на стилски формации (литературни правци) е повеќе книжевно-теориски инструмент отколку некаква посока или насока според која треба да се придржуваат современите литературни дејци. Дотолку повеќе што литературата (па и уметноста воопшто) не се создавала и не произлегувала од проучувањата на книжевните теоретичари во универзитетките и академските кругови, ами од природната дарба на писателите кои, во најголем број случаи, и не ги знаат (а и не мора да ги знаат!) постулатите на книжевната теорија или на книжевната историја. Романот “Повеќе од мајка“ се состои од три дела кои се меѓусебно поврзани преку ликовите и амбиентот (сетингот). На крајот се дава и “Епилог“. Станува збор за една приказна раскажана по хронолошки редослед. Приказната ги следи сите премрежија со кои се соочува семејството на Петар и Илина и на нивните деца и внуци во текот на речиси цело едно столетие. Таа приказна служи како основа врз која натаму се градат книжевните пораки, размислите, ставовите и филозофските согледби. Иако нарацијата во романот се одвива по една строго определена континуирана темпорална линија со сосема ретки сегменти на реминисценции, сепак од аспект на нараторската поставеност внесен е определен дисконтинуитет. Нарацијата започнува со раскажување во трето лице еднина од страна на еден сезнаечки (омнисцентен) наратор. Меѓутоа, улогата на наратор во подоцнежните наративни сегменти ја прифаќаат голем број од ликовите во романот. Наизменично раскажуваат Петар и Илина, но и многу други ликови. На тој начин се изместува онаа таканаречена фокализантна точка (аспект на гледање), па често за еден и ист настан раскажуваат два лика, односно двајца наратори. Тоа се случува, на пример, во оној сегмент од романот во кој се прикажува патувањето при преселбата на семејството во Србија. Раскажувањето за ова патување го почнува Илина, па продолжува синот Милчо, а за престојот во малата населба раскажуваат Петар, ќерките Мила, Малина итн. На овој начин раскажувањето добива поголема динамичност, а описите стануваат појасни и полесно прифатливи за читателот. И покрај тоа што во вториот и во третиот дел од романот доминира нарацијата од омнисцентниот раскажувач (во ликот на ќерката Лина), сепак и таму се среќаваат сегменти во кои нараторот ги пренесува гледањата, размислите и ставовите на другите ликови така што на индиректен начин тие ликови ги изнесуваат своите аспекти. Неопходен бил ваквиот начин на организација на нарацијата затоа што станува збор за една мошне сложена романескна структура, со бројни ликови, настани и дејствија низ еден мошне долг временски период. Имено, приказната за семејството на Петар и Илина започнува некаде на почетокот од ЏЏвек, а завршува некаде на почетокот од ЏЏИ век. Уште на првите страници од романот се дава описот на семејството од кое потекнува Петар, се раскажува за неговите браќа и сестри, за туберкулозата која ги покосува младите животи и за влегувањето на Петар и Илина во заедничкиот брачен живот. Потоа следуваат описите за животот во семејството, за раѓањето на единаесетте деца (од кои еден син ќе почине од туберкулоза како гимназијалец), за сите егзистенцијални премрежија со кои се соочува многучленото семејство, но и за радоста од детскиот џагор во нивната куќа и за незаборавните детски години од животот во селото. Нарацијата понатаму ги следи животните судбини на децата и внуците на Петар и Илина, а во третиот дел доминира раскажувањето поврзано со поделбата на наследството и со реновирањето на старата куќа во селото, односно чувањето на корените, по смртта на родителите Петар и Илина. Врз ваквото наративно сиже од површинското ниво, авторката успеала на длабинското рамниште од текстот да внесе бројни пораки до читателот кои многу често функционираат и како поуки. Треба да се истакне овде дека тие пораки или поуки, често се даваат и во експлицитен вид: А фактите говорат ли говорат, како рикање на ранет лав сред своето царство. Ги мразам овие факти, но не можам да ги премолчам. Можеби за поука на нечии туѓи деца. За многу генерации. За нивно насочување секогаш да бидат праведни и незавидни кон ближниот свој. Кон секој човек.1Станува збор, имено, за една книжевно-романескна елаборација на вечната тема за борбата меѓу доброто и злото, но овде таа тема се обработува од аспект на отуѓувањето меѓу луѓето и тоа конкретно меѓу најблиските роднински сродници како што се татко, мајка, ќерка, сестра, брат, внук, внука и така натаму.

Оваа несомнено чувствителна тема се инспирација на авторот Ленка Попоска – Гогоска, во романот „Повеќе од мајка“ во кој верувам дека секој еден читател макар во мал дел би с епрепознал.

Осврт на Ранко Младеновски, Списание „Современост“,2008

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.